Алиенацијата е насилство, дали би му го сториле тоа на своето дете?

Еден ден ја спакував постелнината на син му во кутијата за постелнина, тоа утро татко му дојде да го земе за да поминат некое време заедно и никогаш повеќе не се врати во својата соба...

0
611

Кога беше мал мојот син имаше детска соба, сина. И имаше кутија за постелнина во која ги стававме неговата перница и јорган заедно наутро, за да може да си игра на креветот преку ден, без постелнината да му пречи. Тоа е онаа кутија, точно кај главата од креветот, мала, што одговара само за таа постелнина, и за ништо повеќе. Сигурно знаете на што мислам. Еден ден ја спакувавме постелнината во таа кутија, тоа утро татко му дојде да го земе за да поминат некое време заедно и тој никогаш повеќе не се врати во својата соба.
Татко му го однесе кај него дома, ми рече – ќе го видиш следниот викенд и од тогаш мојот син не поминал ниту еден ден со мене.
Следниот ден, добив тужба за лишување од родителски права на домашна адреса.
Поминаа девет години и за тоа време поминаа многу судења, судии, адвокати, експерти, службеници во центрите за социјална работа и поминаа многу денови кога лежев на подот свиткана, понекогаш врескав во темнина, а понекогаш и без глас. И во тие девет години, јас не го гушнав моето дете, дури и не го видов првите пет. Но, потоа успеав да докажам дека не сум насилник, дека не сум луд и дека имам родителски способности. Но, еве, мојот син веќе наполни петнаесет години и судијата одлучи да ја прекине постапката бидејќи детето сега има право само да одлучи дали ќе го види другиот родител или не.
По девет години тешко отуѓување, немаше сомнеж што ќе одлучи детето…
Во тие девет години, во првите три сфатив дека ќе умрам од очај ако влезам во детската соба. И сфатив дека целата облека на мојот син сега е мала за него, сите оние алишта што беа во плакарот. И така, малку по малку, ја поделив облеката на други деца и други родители кои имаат среќа да ги гушнат и да ги облечат своите деца пред градинка. Подарував и играчки. Сите освен една сива мечка со која спиеше и една маслинесто зелена пролетна јакна што ја сакаше најмногу. Ги имам и сега, како и да е, стојат меѓу моите работи во плакарот и ги перам одвреме навреме, ми се допаѓа да мирисаат на омекнувач.
Потоа на мојата сосетка ѝ ја подарив детската соба, за нејзиниот син. Се селев во друг стан. Во тој друг стан, немав сила да направам детска соба, за синот кого не можев да го гледам повеќе од еден час за две недели, толку побара татко му на суд, во негово присуство. И беше страшно, таа тортура за нас двајцата, но ќе ви кажам за тоа друг пат, сега не можам.
И така, по пет години, се спакував да се преселам, се беше веќе во кутиите тој ден, кога се приближив до кутијата за постелнина, повеќе за да видам како да ја одвојам од креветот, за да ѝ олеснам на сосетката да ја однесе во нејзиниот стан. Го отворив и таму беше постелнина на мојот син, исто како што ја спакувавме на денот кога татко му ми го одзеде. Се стоеше како да застанало времето – неговата перница со зелени и сини мечиња и меко ќебе, она лесното, пролетно. И прилично сум сигурна дека го почувствував мирисот на неговото тело додека спиеше и мирисот на омекнувач.
Сега мојот син има 17 години и за прв пат рече дека ќе дојде да го помине викендот со мене, вели – тој самиот одлучил да дојде и не му е грижа што татко му се противи на тоа. И така, имам соба за него во станот, но таа е празна, таму е мојата работна маса и фотелја, и престанав да се надевам одамна дека ќе биде детска соба. На почетокот ја викав „собата на Саша“, а потоа полека почнав да ја нарекувам соба и така остана – соба …

Потоа, трчав како без глава да купам кревет, знаете, онаков на расклопување, немам за вистински во моментов, не е дека имам некоја заштеда и не се надевав на таква среќа. И така, купив кревет на расклопување, и душек и постелнина, и ја наместив собата за мојот син.
Беше прекрасен викенд, не тажен, туку баш убав, се изненадив што не плачев кога седевме со часови и разговаравме за тоа низ што поминавме и како се чувствувал тој со своите 5-6 години тогаш и сите години потоа. И тогаш дојде недела и мојот син го повика татко му и му рече дека сака да остане со мене уште еден ден, до понеделник. И тогаш таткото рече дека не доаѓа предвид, и на што личи тоа, дека мора да се врати за да биде со своето семејство и дека му е доста седење со мене. Мојот син рече дека сепак ќе остане и ја спушти слушалката. И тогаш сите му се јавија, во следните два часа – неколку пати – и неговиот татко, и сопругата на татко му, тетката и дедото и бабата … Тој на крајот рече – сепак мора да одам, ќе си одам дома после ручек.
И тој замина.
Влегов во собата и почнав да го средувам креветот и ги ставив перницата и ќебето во кутијата за постелнина. Друга кутија за постелнина, не старата, ја немам веќе. И тогаш останав долго стоејќи над таа друга кутија, прашувајќи се дали повторно ќе заборавам дека има постелнина во неа.

Текстот е од ТУКА.

Фото: Unsplash

[better-ads type='banner' banner='999' ]