Аспиринот може да им помогне на жените кои имале спонтан абортус?

Ново истражување на Американскиот колеџ за лекари покажало дека секојдневно земање на ниски дози на аспирин може да ги подобри исходите од бременоста кај жените кои претходно изгубиле дете.

0
124

Извештајот објавен во Annals of Internal Medicine, на 25 јануари, покажал дека придобивките од терапијата со ниски дози на аспирин за исходите на бременоста кај жени кои претходно изгубиле дете се поизразени кај оние кои почнале да пијат аспирин секојдневно пред зачнувањето. Исходот од бременоста бил подобар и кога бремените жени строго се придржувале на терапија со ниски дози на аспирин, земајќи ја помеѓу 4 и 7 дена во неделата.

Истражувачите сугерираат дека е потребно луѓето да се едуцираат за важноста на придржувањето кон терапијата со аспирин, со цел да се постигнат корисни ефекти врз бременоста.

„Расте консензусот дека аспиринот во мали дози може да биде од корист за оние кои се изложени на ризик. Треба да се започне многу пред бременоста и да се користи постојано за да се постигне максимален ефект”, вели за Healthline, д-р Хју Тејлор, претседател на Одделот за акушерство, гинекологија и репродуктивни науки на медицинскиот факултет во Јеил.

Но, аспиринот не се препорачува за секого поради ризик од крварење, па затоа е важно, пред да се обидете со овој метод, да разговарате со вашиот лекар за придобивките и ризиците од терапијата со ниска доза на овој лек.

Исто така, истражувачите од Универзитетот Емори и Националниот институт за здравство проучувале податоци за ефектите на аспиринот во бременоста и репродукцијата (EAGeR), во кои биле вклучени 1.227 лица кои се обидувале да забременат и претходно изгубиле едно или повеќе деца.

Студијата EAGeR претходно заклучила дека земањето ниски дози не ги подобрува резултатите од бременоста. Но, истражувачите спровеле пост-хок анализа за да земат предвид и колку луѓе вклучени во студијата се придржувале на терапијата со аспирин. Истражувачите откриле дека строгото придржување кон режимот на ниски дози на аспирин најмалку 4 дена во неделата довело до уште осум бремености, шест загуби на рана бременост и уште 15 живородени деца на секои 100 луѓе во студијата. Тоа е 30% зголемување на живородените деца.

Зошто аспиринот има таков ефект?

Аспиринот рутински се препорачува за бремени жени со прееклампсија (висок крвен притисок за време на бременоста) и антифосфолипиден синдром (автоимуно нарушување што предизвикува формирање на тромби).

Тејлор исто така вели дека прееклампсијата може да влијае на растот на бебињата и да биде фатална за мајката. Покрај тоа, антифосфолипидниот синдром може да доведе до губење на бременоста и може да предиспонира некого за прееклампсија, забележал Тејлор.

Според д-р Џенифер Ву, гинеколог од болницата Ленокс Хил во Њујорк, аспиринот го подобрува протокот на крв низ плацентата, што доведува до помалку спонтани абортуси.

„Бидејќи прееклампсијата е нарушување на протокот на крв во плацентата, а антифосфолипидниот синдром е нарушување на коагулацијата, разредувач на крв како аспиринот исто така може да помогне во овие состојби“, рекла Ву.

Дали треба да земате аспирин?

Тејлор им препорачува на луѓето со претходна загуба на бременост да разговараат со својот лекар ако се заинтересирани за ефектите на аспиринот.

Аспиринот може да го зголеми ризикот од крварење, такашто луѓето склони кон крварење – како оние со чиреви – треба да избегнуваат терапија со аспирин, рекол Тејлор.

Оние кои се алергични на аспирин или нестероидни антиинфламаторни лекови (NSAID), исто така, треба да избегнуваат земање на овој лек, наведува Healthline.

Фото: Pixabay

loading...