Афективна поврзаност или што е тоа љубов помеѓу родителите и детето

Децата кои имаат усвоено сигурен образец на афективна приврзаност (безбедни деца) формираат слика за себе како суштества достојни за љубов и внимание и сликата за другите како личности во кои можат да имаат доверба.

0
532

Кога се сеќавам на моето детство, чувствувам среќа и мислам дека тоа е најголемото богатство што го имам во мене. Афективна приврзаност – што е тоа? Мислам дека оваа мисла тлее во мене со години, пораснав со еден родител кој ме опсипуваше со грижа и љубов и со кој создадов неразделен однос што е со ист интензитет денес, кога сум возрасна личност. Тука секогаш беа и моите дедо и баба, како и мојата тетка и тетин и нивните деца. Тоа е љубов која никогаш не можев да ја објаснам само со зборови, тоа е љубов за која не беше доволна ниту мојата гестикулација, тоа е љубовта заради која сум јас ваква каква што сум. А што е всушност тоа? Тоа е афективна приврзаност помеѓу родителот (старателот) и детето, тоа е мојата безбедна основа. Поради љубовта што денес ја чувствувам кон нив, сакам да ги споделам моите сознанија од областа на афективната приврзаност со сите родители и ако можам да им помогнам во најодговорната улога што ја добиваме како возрасни, а тоа е улогата на родителите.

Би сакала да почнам со примери од животинскиот свет и да продолжам со човечката раса. Свртете се и размислете како прават животните, мајка мајмун и бебе мајмун, мајка панда и бебешка панда, мајка куче и бебе куче. Во оваа хиерархија, најверојатно, човекот кога се раѓа е најбеспомошен, бебето не може да ја прегрне мајка си како што го прави тоа бебето мајмун, плаче и има потреба од допир и прегратка, бидејќи мирисот на мајката и нејзината топлина му даваат сигурност. Како најсовршени суштества, имаме потреба на нашите сигнали да им се одговара со сигнали. Во зависност од одговорот на мајката или лицето кое го чува бебето, се создаваат одредени врски во нашето битие. Сега сакам да пишувам за овие врски.

Не сакам да ве оптоварувам со теорија, но морам да споменам две имиња кои се многу важни за теоријата на афективна приврзаност, тоа се Џ. Болби и M. Ејнсворт, овие двајца луѓе се одговорни за нашето разбирање на односот помеѓу родителите и детето. Затоа денес можам да пишувам за безбеден и небезбеден модел на афективна приврзаност. А потоа несигурниот образец да го поделам на уште два, а тоа се амбивалентниот и избегнувачкиот модел. И пред да почнам со објаснување на формите, сакам да ви кажам дека не можеме да зборуваме за постоење на приврзаност пред детето да може перцептивно да ја препознае мајката. Но, да почнеме од почеток.

Како што веќе кажав, во 1958 година Болби наведува дека безбедна афективна приврзаност се создава во интеракција со старатели кои се сензитивни на потребите на детето. Оваа форма на афективна приврзаност се создава кај мајките кои соодветно и на време одговараат на сигналите на детето. Небезбедниот модел на афективна приврзаност е сосема спротивен од безбедниот, а оваа група вклучува мајки или старатели кои не одговараат соодветно на нивните сигнали. М. Ејнсворт несигурниот образец го поделила на два: амбивалентен и отфрлувачки. Децата со амбивалентен модел на афективна приврзаност може да се препознаат како деца кои тешко се одвојуваат од нивната мајка: кога мајката се враќа, тие имаат потреба за размена на нежност со мајката, но во исто време ѝ се и лути. Ова се деца кои се претпазливи кога се сретнуваат со нови и непознати возрасни лица. Во отфрлувачката форма на афективна приврзаност, детето не реагира интензивно на заминувањето или на доаѓањето на мајката – кога мајката го напушта, тоа не ја бара и на враќање ја игнорира.

Вејнфилд и соработниците во 2008 година даваат груба поделба на сигурно и несигрно поврзано новороденче, и наведуваат дека сигурно поврзаното дете – може да се потпре на мајката како достапен извор на утеха и заштита ако се појави потреба; во состојба е да го насочи однесувањето на приврзаноста кон мајката и да се утеши и смири во допир со неа; спремно истражува и ја совладува средината. Несигурно приврзаните бебиња можат да бидат постојано вознемирени во поглед на достапноста на мајката; луто е на мајката затоа што не одговара навреме или соодветно на неговите сигнали; не е доволно слободно да ја истражува животната средина; има потешкотии во постигнувањето самодоверба и совладувањето на средината.

Она што е важно за мене и што сакам да го споделам е фактот дека раните искуства на детето со мајката и воспоставувањето на афективна приврзаност се многу важни за целокупниот развој на детето. Детето усвојува искуства стекнати во интеракција со мајката и создава внатрешни работни модели кои содржат лични верувања, очекувања, ставови и емоции кон себеси и другите. И ова значи дека децата што имаат усвоено сигурен образец на афективна приврзаност (безбедни деца) формираат слика за себе како достојни за љубов и внимание и сликата за другите како за лицата на кои можат да им веруваат. Децата кои имаат усвоено амбивалентна форма на афективна приврзаност (амбивалентни деца) имаат негативна слика за себеси и позитивна слика за другите. Децата што прифатиле отфрлувачки модел на афективна приврзаност го подигнуваат оклопот меѓу себе и другите за да не бидат повторно разочарани, создаваат дефанзивна и позитивна слика за себе и негативна слика за другите.

Она што е центар на мојот интерес е набљудување на афективната приврзаност преку детската игра и играта на родителот-старателот со нив. Во изминатите години, истражувачите од оваа област откриле дека сигурните деца има поголема веројатност да се однесуваат автономно во организирањето сопствени игри и да можат да ги користат објектите на флексибилен начин и да имаат поголема имагинативна способност. Разликата помеѓу сигурни и несигурни деца се рефлектира во квалитетот на играта, така што сигурните деца се повеќе упорни, посклони да се вклучат во игра која веќе е организирана околу дадената тема. Многу важен наод е дека епизодите на симболични игри кај сигурните деца се подолги и посложени кога мајката е ангажирана, додека кај несигурни деца интеракцијата со мајката нема таква поттикнувачка функција.

Поради центарот на мојот интерес, морам да ве запознаам со процедурата што ја создала M. Ејнсворт во 1978 година и се користи за деца на возраст од 12 до 20 месеци. Постапката се нарекува „Ситуација со странец“ и се состои од следните секвенци: 1. Детето и родителот влегуваат во собата; 2. Детето истражува, родителот е вклучен доколку е потребно; 3. Непозната личност влегува во собата; 4. родителот го остава детето со непознатото лице; 5. Родителот се враќа и непознатото лице тивко заминува; 6. родителот го остава детето само во просторијата; 7. непознатото лице влегува во собата, доколку е неопходно стапува во комуникација со детето; 8. Родителот се враќа, странецот тивко си заминува. Она што е од клучно значење е однесувањето на детето кон родителот во текот на двете епизоди на повторното обединување во контекст на однесувањето во епизодите што им претходат и кои ги следат. Од оваа постапка во 1978 година Ејнсворт препознава три облици на афективна приврзаност, а четвртиот е додаден подоцна.

Децата категоризирани како сигурни ја користат нивната мајка како сигурна база за своите истражувања – кога се вознемирени, бараат контакт со своите родители. Кога ќе го добијат потребниот комфор, тие се враќаат на истражувањето. Во епизоди на сепарација, сигурно врзаното дете покажува дека му недостасува неговиот родител. Во повторното обединување тој се насмевнува, вокализира или со движење ги поздравува неговите родители.

Децата категоризирани како одбегнувачки веднаш почнуваат со истражување, слабо изразуваат чувства, не бараат контакт со нивните родители за да добијат сигурност. Кога детето останува само, тоа не покажува никаква видлива вознемиреност. Лесно им е да прифатат непознат човек како партнер во играта. По враќањето на родителот, активно го избегнува, не го гледа, често се фокусира на играчките. Ако родителот го земе во рацете, детето може да се укочи или да се извитка за да избегне контакт.

Децата во амбивалентната група покажуваат видлива вознемиреност уште додека влегуваат во собата и не тргнуваат во истражување. Кога родителот си заминува, тие силно протестираат. По враќањето на родителите, често можат да се појавуваат наизменично барања за контакт и знаци на луто отфрлање, па и напади на гнев. Овие деца не можат да најдат утеха и сигурност во контакт со нивните родители.

Децата се категоризираат како дезорганизирани ако покажуваат последователни контрадикторни модели на однесување, на пр. силно однесување на приврзаност проследено со избегнување, симултано манифестирање на контрадикторни форми на однесување, неусмерени, нецелосни или прекинати движења и изрази, стереотипно однесување, абнормални ставови на телото, вкочанетост, бавно движење, директно изразување страв од родителите, дезориентирано однесување, многу брзи промени на афектите и др.

Tектстот е преземен од ТУКА.

Фото: PIxabey

loading...