Бекутан – четиридецениска деловна тајна

Пред неколку години во репортажа за брендовите кои ја преживеале „комунистичката економија“ и успешно ја поминале трансформацијата во капиталистички систем, меѓу хрватскиот зачин „Вегета“, словенечкиот бренд „Горење“ и српските кекси „Бамби“ се најде и „Бекутан“ – еден од водечките брендови на „Алкалоид“ кој годинава го слави 40. роденден.

0
78

Македонскиот Бекутан е еден од најголемите и најстарите брендови во регионот и дефинитивно, најпознатиот од козметичките производи на „Алкалоид“.

„Бекутан“ производите се рангирани помеѓу водечките брендови во сегментот „детска козметика“ на регионално ниво. Производите се изработени од врвни суровини со проверен квалитет, исклучително благи формулации и уникатни рецептури, сигурни за употреба уште од првиот ден по раѓањето. Севкупниот производен процес се одвива во согласност со строгите стандарди за „Добра производна пракса“. Лидер во колекцијата е „Бекутан“ детскиот крем со продадени над 45 милиони парчиња, чиј рецепт се чува како најголема деловна тајна.

Годинава, Бекутан го прослави својот 40-ти роденден. Во своите почетоци во 1978 година, колекцијата содржела: Бекутан шампон, масло, пенливо средство за капење, пудра и крем. Подоцна се воведени Бекутан млекото, пастата за заби, сапунот, Бекутан чајот за доенчиња, Бекутан влажните марамчиња, пелените,…

Денес, производното портфолио на брендот „Бекутан“ брои 26 основни типови на проивзоди, со над 50 различни форми на пакувања.

„Токму на 8.Март, имав рачно направени точно 3 килограми „Бекутан“ крем кои ги подаривме на дечиња во градинка“, вели во видеото снимено по повод роденденот, г.Блажо Ставров, пензиониран технолог кој заедно со госпоѓа Софка Солеска, пензиониран фармацевт, со гордост и пиетет се потсетија на скромните почетоци на приказната наречена „Бекутан“.

Довербата во брендот „Бекутан“ од 1978 година се пренесува од генерација на генерација и е цврст темел за долгогодишната традиција. Со продадени над 200 милиони парчиња производи „Бекутан“ е синоним за постојан квалитет, доверба и лојалност.

„Алкалоид“ денеска го најави почетокот на кампањата по повод 40-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“. Во присуство на медиумите, педијатри, фармацевти, технолози, дерматолози и останати блиски соработници, од компанијата најавија низа активности за одбележување на довербата кон „Бекутан“.

„По повод 40-годишниот јубилеј, компанијата одлучи да подготви низа активности наменети за нашите ценети корисници, посебно оние најмалите, меѓу кои: лимитирани трендовски пакувања од добропознатите шампон и пенлива купка, нови форми од водечкиот производ – препознатливиот ‘Бекутан’ крем, кои наскоро ќе бидат достапни на пазарот, ‘Вибер’ стикери за полесна и поинтересна комуникација, наградна игра со бројни интересни награди, а со оглед на динамиката на брендот, сигурно ќе следуваат и други изненадувања“, истакна Маја Мизо, бренд-менаџер за „Бекутан“ пред преполната сала пријатели и соработници на „Алкалоид“ пред кои беше презентиран и нов рекламен видео спот снимен по повод јубилејот. Дел од настанот беа и дечињата, заштитни лица на „Бекутан“ линијата.

Во знак на благодарност за долгогодишната соработка во развојот на брендот низ годините, „Алкалоид“ им додели признанија за „Почесни бренд амбасадори“ на пет докторки на прим. д-р Марина Поп Лазарова, доц. д-р Катерина Дамевска, проф. д-р Катарина Ставриќ, прим. д-р Весна Деловска и проф. д-р Катица Пиперкова.

Како гест на благодарност за професионалниот и партнерски однос низ годините, „Бекутан“ додели јубилејни плакети на 5 здравствени установи: Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир, Клиничката болница – Тетово, Првата приватна општа болница „Ремедика“ и Клиничката болница „Аџибадем – Систина“.

 

loading...