Биолошкиот часовник не е единственото нешто за кое треба да се грижите

Пушењето, вишокот килограми, изложувањето на тестисите на висока температура, внесувањето на пестициди и хормони преку храната и секако, стресот, во многу случаи се поголеми виновници за неплодноста отколку биолошката возраст.

0
198

Биолошкиот часовник е термин со кој повеќето жени се среќаваат уште во својата рана младост. Иако е обично поврзан со негативни конотации, многу често се користи во секојдневјето, особено како „забелешка“ за жените кои ја поминале 30-тата година од животот, а уште не се реализирале како мајки. Во написот „Биолошкиот часовник – мит или стварност“, експертите од поликлиниката „Мазалин“ во Хрватска појаснуваат, меѓу другото, што сè влијае врз плодноста, освен биолошката возраст.

Иако тоа е еден од најзначајните фактори што ја одредуваат плодноста, постојат и многу други што имаат влијание. Прашањето за плодноста, односно неплодноста, е актуелно бидејќи зачестеноста на неплодноста во денешно време е во значителен пораст. Во 30-40 отсто од случаите причината за неплодноста е врзана за жените, а во 30-40 отсто за мажите. Во останатите случаи причината за неплодноста е поврзана со двата партнери или е непозната.

Многу медицински состојби, како кај жените така и кај мажите, може да придонесат за намалување на плодноста. Кај жените проблемот може да биде во кој било дел од женскиот репродуктивен систем, а најчести медицински причини се проблемите со овулацијата, непроодните јајцеводи и ендометриозата. Кај мажите – различните хормонални нарушувања, автоимуни болести, инфекции, варикокели и други, можат значително да ја нарушат нормалната функција на тестисите и создавањето на сперматозоидите. Последица на тоа е намален квалитет на семето.

Кога зборуваме за намалување на плодноста, не смееме да ги занемариме ниту околните чинители и животни навики. Некои од тие фактори влијаат врз репродуктивниот систем, додека останатите посредни причини го намалуваат либидото или ги нарушуваат сигналите во мозокот важни за нормална репродуктивна функција.

Пушењето ги оштетува јајцеводите и ја намалува резервата на јајце-клетките, но го зголемува и ризикот од настанување вонматерична бременост.

Консумацијата на алкохол и дрога доведува до оштетување на клеточните функции во целиот организам. Зачестената консумација на алкохол е поврзана со намалено либидо, проблеми со ерекција и намалено ниво на тестостерон кај мажите, како и неправилни циклуси и проблеми со овулација кај жените.

Телесната тежина, исто така, може да игра улога во намалување на плодноста. Дебелината или значителната неухранетост може да ја наруши хормоналната рамнотежа во телото и на тој начин да влијае врз многу репродуктивни процеси. Освен што ги трансформира хормоните и ги нарушува мозочните сигнали, масното ткиво на деловите на телото околу тестисите предизвикува и зголемено загревање на тестисите.

Изложувањето на тестисите на висока температура во сауни, топли бањи или долготрајно држење на лаптопот во скутот (или мобилниот в џеб), или изложување на високи температури на работното место, се смета за еден од водечките причинители за намалување на машката плодност во последните 40 години.

Зголемениот внес на хормони, токсини и пестициди од храната, како и користење анаболички стероиди во последните децении значително придонел за зголемување на неплодноста кај популацијата.

И стресот, се разбира, е важен фактор кој не смее да се занемари кога се работи за плодноста. Во стресните периоди многу е потешко да се избегнуваат лошите навики, па утехата често се наоѓа во слатка или масна храна, како и цигари и алкохол. Токму поради испреплетеноста со другите споредни чинители (исхрана, пушење и слично), влијанието на стресот е тешко посебно да се дефинира. Се смета дека стресот со висок интензитет генерално не ја намалува плодноста, туку ја „паузира“, односно по престанокот на стресниот период нашата способност за остварување потомство се враќа во состојба во каква што била пред тој стресен период. На организмот, едноставно речено, тој момент не му се чини за најпогоден за бременост, па својата енергија ја пренасочува на функции кои во моментот му се поважни за одржување на животот. Тој ефект е често видлив како задоцнета менструација и појава на акни поради хормонални промени, или посуптилно, како намалување на либидото и фокусираност на изворот на проблеми. За жал, влијанието на стресот со текот на годините станува сè позначајно. Причината за тоа не лежи во промените на механизмите на дејствување на стресот врз нашиот организам, туку во основата се поизразени емотивни и социолошки причинители.

Токму поради општествениот притисок кој расте пропорционално со женските години, кај жените се јавува и пораст на перципирано ниво на стрес. Со оглед на тоа дека на многу парови по 35-тата година сепак им е потребен малку подолг период за да остварат бременост, тие доживуваат вистински емоционален „ролеркостер“. Секој повторен обид често е обележан со надеж, разочарување, тага, лутина, фрустрација и други емоции.

Истражувањата покажале дека нивото на стрес кај паровите што се обидуваат на природен или потпомогнат начин да остварат потомство често е на исто ниво како и кај луѓето што се борат со тешки болести. Имајќи го овој податок на ум, јасно е дека на тие парови или жени нема да им помогне онаа многу често користена реченица – „само мораш да се опуштиш“. Препорачливо е да се побара стручна помош во облик на психотерапија, „мајндфулнес“ или некои други методи за релаксација. Се покажало дека паровите кои со постапките за потпомогнато оплодување биле вклучени во некоја психотерапевтска програма имале 10 отсто повеќе шанси за остварување на бременост.

Фото: Pixabey

loading...