Буле и Наташа, горди на Ангелина – нивната грациозна акробатка на коњ

Деновиве го видовме видеото во кое шестоодделенката Ангелина Булески им порача на своите врсници дека волтажирањето, односно, гимнастика на коњ, е спорт кој вреди да се проба. Иако кај нас нема ниту тренер, ниту клуб, ниту пак коњ, Ангелина тренира и се натпреварува во холандски клуб и досега освоила две награди, а од идната година планира да се натпреварува под македонското знаме.

0
1200

Шестоодделенката Ангелина Булески е ќерка на еден од нашите најуспешни дизајнери Никола Булески – Буле и неговата сопруга Наташа и за нејзините родители, единствена во многу нешта, но единствена и по спортот во кој веќе освојува награди.

Станува збор за таканареченото волтажирање, односно, многу ефектна дисциплина во која волтажерите изведуваат гимнастички фигури на коњ кој галопира.

За овој спорт кај нас нема ниту тренер, ниту клуб, ниту пак коњ, па Ангелина тренира по една недела на секои три месеци во клуб во Холандија. Од истите причина таа и се натпреварува за холандскиот клуб и досега учествувала на два национални натпревари. На нејзиното деби во јули освоила трето, а на следниот натпревар во септември, го освоила првото место во својата категорија. Иако е национален натпревар дозволено е учество и на натпреварувачи од други земји, па покрај Ангелина како претставничка од Македонија, на натпреварот во Одилиапил во септември, имачо и учесници од Белгија и Германија. Од идната година Ангелина планира да се натпреварува под македонското знаме.

Ова беше повод за нашиот разговор со нејзиниот татко кој ни одговори на сите прашања поврзани со неговата и гордоста на неговата сопруга Наташа, ќерката Ангелина.

Од кога се занимава Ангелина со овој спорт (акробатска гимнастика на коњ) и како воопшто се запозна со спортот?

Љубовта кон волтажирањето  на Ангелина ѝ ја всади нашиот пријател Пауло Маркез, од  коњичкиот клуб Инклузија, кој ја подучуваше јавање.  Сето ова започна кога на двеиполгодишна возраст Ангелина ја имаше првата средба со коњите. Најпрво тоа беа посети на шталата каде беа сместени неговите коњи и повремени кратки прошетки со неговото пони. Кога Пауло забележа дека Ангелина има афинитети кон коњите започна да ја обучува со почетните  вежби од волтажирањето со кобилата Алегрија. Ангелина добро напредуваше, но заради обврските на Пауло, Ангелина продолжи да вежба во друг клуб, секако, под негов надзор. Тренинзите продолжија во КК Анималс па повторно во КК Инклузија. Од јули 2018.  тренинзите продолжија во Холандија, во  клубот Voltige Vereniging de Wittegheit.

Дали изборот да се занимава со балет и со гимнастика беше нејзин, и има ли нешто во гените кога станува збор за овие дисциплини, се занимавал ли некој од вас со нешто слично?

Балетот е нејзин избор, а за гимнастиката се погриживме ние, родителите. Кога беше малечка по сугестија на наш пријател кој предава на Факултетот за физичка култура одлучивме да ја запишеме во Партизан најмногу заради тоа што гимнастиката е спорт кој може да се практикува од најмала возраст и е корисна за развојот на детското тело.

Ниту јас, ниту мојата сопруга Наташа немаме допирни точки со балетот и гимнастиката.

Какво е чувството кога ја гледате како ги изведува своите акробации на коњ, од аспект на родители…се плашите ли за нејзината безбедност?

Со огромно внимание и задоволство ги следиме тренинзите на Ангелина. Впрочем, бидејќи во Холандија најчесто одиме тројцата, заедно сме додека таа вежба со нејзиниот омилен коњ U2  под водство на нејзиниот тренер Мета Јанс. Професионалноста на нејзиниот тренер не ни остава никаков сомнеж и целосно веруваме во безбедноста на овој спорт. Единствени сме во одлуките бидејќи сме и двајцата свесни колку на Ангелина ѝ значат коњите и овој спорт. Немавме двоумење ни кога Ангелина ја оставивме на камп за волтажирање иако сопствениците ги знаевме само преку препорака на моја клиентка од Белгија.

Имало ли досега некоја необична ситуација на тренинзите или на натпреварите?

Апсолутно никогаш. Тренинзите се одвиваат со вешто обучени коњи само за овој спорт или и за дресаж, а тренерот е со долгогодишно искуство и со врвни резултати на национално ниво.

Безбедноста на натпреварувачите и на коњите е на прво место.

Дали има шанси кај нас да се прошири овој спорт и да се обезбедат коњи и тренери за оваа намена (со оглед на тоа што како што вели Ангелина, вежбите ги учи без коњ, па дури кога оди во Холандија има можност да ги испроба како што треба)?

Во моментов нема такви можности. Нема обучени коњи за волтажирање, што не значи дека не можат да се купат. Поважно е што немаме обучен тренер во Македонија, а обучувањето е процес кој трае неколку години. Наша желба е да го промовираме волтажирањето за да се зголеми интересот и да пробаме да создадеме услови за истиот.

Таа освоила прво место неодамна…за каков натпревар станува збор, и од кои земји доаѓаат останатите натпреварувачи?

Ангелина учествуваше на два национални натпревари. На нејзиното деби во јули освои трето место, а на следниот натпревар во септември го освои првото место во својата категорија. Иако е национален натпревар дозволено е учество и на натпреварувачи од други земји. На натпреварот во Одилиапил во септември покрај Ангелина како претставничка од Македонија, имаше и учесници од Белгија и Германија.

Дали нејзиниот тренер таму има претстава од каде доаѓа Ангелина и дека нема можност да ги испробува вежбите на коњ?

Мета Јанс, тренерот на Ангелина точно знае од каде доаѓаме и за условите кои воопшто ги нема за овој спорт  кај нас. Затоа таа ни дава инструкции кои вежби треба Ангелина да ги сработи со нејзиниот тренер по гимнастика Сања Влаиcaвљевиќ од Партизан. Така Ангелина оди поспремна на тренинзите во Холандија.

Како реагираат другарчињата на Ангелина, има ли интерес меѓу нив да се занимаваат со истото?

Другарчињата на Ангелина се радуваат на нејзините успеси и веројатно би се појавил интерес кај нив доколку би имале можност да го пробаат овој спорт.

Фото: Mariëlle van Dijk, Приватна архива на семејството Булески

loading...