Важи, нема проблем

Кога ќе ме сретнете и ќе помислите дека сум добра личност, немојте да мислите дека не сум силна. Не знаете колку зборови прегризнал мојот јазик. Се трудам да сум добра, но тоа не значи дека „Важи, нема проблем“ ќе биде мојот последен одговор.

0
107

Дали и вашите ‘фабрички поставки’ се такви што благодарение на нив постојано се обидувате да бидете љубезни со другите, пристојни и насмеани и секогаш внимателни за да не повредите нечии чувства, поради што често ги ставате вашите во втор план?

Ако е така, веројатно и вие сте пораснале во убедување дека треба да бидете добри кон сите без оглед на сѐ, па сте се нашле себеси како слепо ги следите овие правила. Сè помалку ги изразувате своите ставови ако почувствувате дека би можеле да бидат во противречност со ставовите на другите, се разбира, за да избегнете конфликти.

Дури и кога сте лути или тажни, продолжувате да се насмевнувате. Станувате личност „да, нема проблем“, затоа што тоа е единствената пристојна работа која сте научени да ја кажувате.

Но, еден ден ќе се разбудите и ќе сфатите дека го мразите својот живот, го мразите својот дом, се мразите дури и себеси. Сѐ околу вас ве гуши и сфаќате дека најблиските, оние со кои поминувате најмногу време, ниту ве разбираат, ниту можат да ја видат вашата состојба. Како сите да мижат додека вие тонете.

Почнувате да се менувате и да се однесувате онака како што веројатно требало да се однесувате уште од првиот ден и наеднаш станувате личност за која сега сите велат „што ѝ е бе на оваа“?! Како се осмелувате да мислите на себе сега, после толку години?

И наеднаш, вие сте лоши или пак забегани, а сè добро што сте направиле дотогаш, веќе е заборавено. Сè што некогаш сте правеле не мислејќи на себе, паѓа во вода. Како никогаш да не сте биле добри со никого и тука за секого.

Кога конечно ќе кажете што имате на ум, многу луѓе ќе исчезнат од вашиот живот. Поздравете ги со истата насмевка. Тие никогаш не виделе дека зад вашиот молк и отсутен поглед се крие порој неизречени мисли и чувства.

Не велам дека е лошо да сте добри, и не значи дека ако сте добри, вие сте слаби. Се разбира, освен ако не сте добри со погрешни луѓе, луѓе што постојано ги пробиваат вашите лични граници, сè повеќе и повеќе, убедени дека никогаш нема да се заложите за себе.

Но, ако сте добри со вистинските луѓе, тоа е вашата најголема сила.

Инаку, да, важно е сите да бидат добро. Да, треба да се прифатат сите животни тешкотии и треба да се обидуваме да живееме без да повредиме некого. Затоа, тешко ми е да бидам себична и груба, да, често си го прегризнувам јазикот и поднесувам сè што треба и што не треба. Но, тоа не значи дека немам граници.

Кога ќе ме сретнете и ќе помислите дека сум добра личност, немојте да мислите дека не сум силна. Не знаете колку зборови прегризнал мојот јазик. Верувам во добрина и се трудам да сум добра, но тоа не значи дека „Важи, нема проблем“ ќе биде мојот последен одговор.

Фото: Pixabey

loading...