Васко Стојановски: Шест години бев добар татко и наеднаш ми го зедоа детето

Едно од многуте деца-жртви на лошите разводи, е и сега осумгодишното синче на скопјанецот Васко и Белорусинката Марина. Најголем проблем, според таткото, е тоа што мајката страда од опсесивно-компулсивно нарушување поради кое детето како мало не смеело да си игра на домашниот под зашто е „валкан“, а јаболките му ги миела со сапун. Подоцна не смеело да си игра надвор со децата, да оди на фудбал и кошарка, ниту да си купи некогаш бурек. Госпоѓа Марина вели дека во периодот кога била на Клиниката за психијатрија (2013.година) не го знаела добро јазикот и не сфатила зошто е таму

0
2154

По разводот на господин Васко Стојановски и неговата сопруга, Белорусинката Марина, нивното осумгодишно синче цели шест години било кај него, сѐ до декември, односно, јануари 2019., кога судот, и покрај препораката од Центарот за социјални работи детето да остане кај таткото, ѝ го доделил на мајката, а нему му било одредено, како што вели, „срамно малку време за гледање“. Најголем проблем, според таткото, но и според документацијата која ја приложи во нашата редакција е тоа што мајката страда од опсесивно-компулсивно нарушување, а имала и обид за самоубиство поради што во 2013.година била хоспитализирана на Клиниката за психијатрија во Скопје.

„Центрите за социјална работа постојано ме поддржуваа и даваа добри оценки за мене како татко до надлежните органи. И да не бидам лажно скромен, јас бев и сѐ уште сум добар и посветен татко кој сѐ би дал за своето дете и притоа, никогаш не сум правел проблем син ми да се гледа со мајка си и повеќе од времето кое ѝ беше определено од страна на надлежните органи, и покрај нејзината дијагноза, и иако во една пригода се обиде и да го киднапира.

Ова се случи кога син ми имаше две години. Се шетавме заедно, а тоа често го практикував за да може да поминува детето повеќе време со мајка си, јас ја туркав количката, а таа наеднаш го грабна во раце, потрча и влезе во такси. Побара прибежиште со него во домот на еден тогашен украински функционер во Скопје. Не сакам да се сеќавам на ова, а најголемата грижа сега ми е тоа што на синот по судската пресуда му се менува целиот начин и концепт на живеење, а истовремено, тој тешко го прифаќа тоа најмногу поради нејзиното однесување кое е последица од опсесивно-компулсивно растројство.

Тоа изгледа вака: постојано ги мие рацете, на пример, откако ќе се фати за рачката на вратата затоа што смета дека има премногу бактерии, а и рачката постојано ја пребришува со влажни марамчиња, потоа, нашето дете не смее да оди на кошарка и на фудбал или пак да си игра со децата на лулашки.

На 9.месечна возраст не му дозволуваше да си игра дома на подот затоа што, наводно, било валкано. Уште кога беше многу малечок, му ги миеше јаболката со сапун па тие имаа и мирис и вкус на сапун. Еднаш, затоа што сестра ми го штипна за обравчето, таа му го изми образот, прво со сода бикарбона, а потоа и со сапун. Кожата му ја одра со содата и со сапунот, па се здоби и со проблеми со кожата.

Се случило да падне на подот, на пример, еднаш падна од креветче,а таа наместо да го подигне, хистерично викаше по мене јас да го кренам и да го истресам.

Ова беше проблем од самиот почеток на нашиот брак. Се запознавме во едно руско село, во близина на еден познат руски манастир и многу брзо се зедовме, не се познававме доволно, но така излезе и сега тоа веќе и не е важно. Важно е тоа што таа го имала истиот проблем и во првиот брак од кој исто така има сега веќе 15.годишен син кој, на негови 4 години, бил доделен на таткото. Патем, за сите овие 8 години откако е во Македонија, отишла да го види само 3 пати иако никој не ѝ забранува.

Синчето е многу приврзано за мене и постојано одбиваше да оди кај  мајка му, но верувајте, причината за ова не е во мене, односно, никогаш не сум му зборувал лошо за неа, освен што му велев дека се однесува така како што се однесува само затоа што е плашлива. Не велам дека на детето не му треба мајка, напротив, затоа и дозволував да имаат средби дури и надвор од термините и бев поради тоа пофален во два-три извештаи на службите на Центарот за социјални работи (МЦСР), од кадешто до судот дадоа препорака детето да биде доделено кај таткото, ама судот сепак ѝ го додели на мајката. Иако и МЦСР напиша жалба до Апелација, и од таму ме одбија. Мене ми доделија видувања само секој втор викенд и секоја среда, значи, 8 дена во месецот.

Проблем е и тоа што и претходно кога детето ќе беше кај неа, не го носеше во училиште, или пак го носеше доцнејќи по 1-2 или три часа, па тој има околу 120 неоправдани, а е второ одделение. Во прво имаше над 150 изостаноци, постојано бара оправдувања од кај неговата докторка во „Јане Сандански“, па неодамна, поради големиот притисок што ѝ го прави за тие „неоправдани оправдувања“, после 5 години, и докторката ни кажа да си го земеме картонот и да си бараме нов матичен лекар. Сега сака да му го смени и училиштето зашто го запишувале кога не доаѓа на часови.

Кога е на училиште не смее како и другите деца барем некогаш да си купи за ужинка бурек, зашто според мајка му, бил нечист, впрочем, не смее да јаде ништо надвор, а не смее ниту фудбал да игра за да не се извалка. А многу го сака фудбалот и јас го запишав зашто е добро за него да се занимава со спорт дури и да нема никакви проблеми, а не пак, со сите стресови што ги има со нас. Ама ете, сега, од 40 тренинзи, го однела само на 1-2, и тоа и на тие со задоцнување од 45 минути, а цел тренинг трае 1 час.

Сега е актуелно и тоа што детето ми доаѓа со модринки. Јас знам дека има тешка рака и дека е доволно еднаш да го удри за да му се појави модринка, зашто и самиот сум го почувствувал тоа. Кога ова се случи првпат со мене, уште додека бевме во брак, не ја пријавив за семејно насилство бидејќи тогаш не бев подготвен за развод, сакав да го спасам бракот заради детето, но потоа видов дека нема друг излез“, раскажува Стојановски.

На сите овие обвинувања на поранешниот сопруг, госпоѓа М.С. во телефонски разговор ни кажа дека во периодот за кој нејзиниот сопруг вели дека била на лекување на Клиниката за психијатрија, таа сѐ уште не го зборувала добро македонскиот јазик па не ни сфатила зошто е таму. Во документот од Клиниката стои дека била на лекување од 15.02.до 15.04.2013.година. Таа ни кажа дека е точно дека нејзиниот син е непријателски расположен и дека покажува агресија, но дека е ова последица токму од тоа што детето живеело со таткото кој го оддалечил од неа.

Госпоѓа Марина не сакаше да зборува ниту за својот постар син и за причините поради кои тој останал со таткото, но ги негираше обвинувањата дека била насилна кон своето дете. Набргу по разговорот со неа, добивме говорна порака од нејзиниот телефонски број, на која едно детско гласче вели: „Не им кажав дека модрицата е од мама, ова е од мојата другарка“!

Според таткото, детето претходно пред двајца инспектори и пред двајца доктори изјавило дека модринките ги добило од мајката.

Како и да е, од разговорот со двајцата родители станува очигледно дека секој од нив си има своја приказна и дека никој нема намера да направи некаква отстапка и да се договори со другиот за доброто на своето дете кое ќе остане растргнато помеѓу нив и нивните меѓусебни обвинувања и недоразбирања, токму како и многу други деца-жртви на разводите и на кавгите помеѓу родителите.

Таткото се обрати кај нас со надеж дека ќе може да влијае врз мајката, но и врз надлежните институции да ја изменат одлуката. Тој се залага за рамноправно родителство, но смета дека сепак на мајката ѝ е потребно и лекување и соодветна терапија.

На крајот, двајцата родители беа согласни само во едно, а тоа е дека се уморни од сето ова и дека го сакаат своето дете.

„Се изморив веќе, цели шест години само со ова се занимавам, со судови, со адвокати, со пријави, полиции, кавги, живееме во хаос, постојано со стресови. А најмногу ми е жал за син ми и за тоа колку е сето ова стресно за него. Би сакал, кога би можело да се договориме како луѓе за доброто на детето. Прво и најважно е таа да се лекува и да престане да му ги ускратува сите детски радости поради своите опсесии, а потоа сигурно ни тој нема да одбива да си ја гледа мајка си. Дотогаш, детето треба да е со мене, а потоа нема да имам ништо против рамноправно да ги споделуваме родителските одговорности“, вели господин Васко.

И госпоѓа Марина вели дека е уморна од сѐ, но и дека не гледа проблем затоа што таткото може да го гледа детето во договорените термини.

Во телефонскиот разговор ни кажа и дека нема доверба во нашите добри намери и дека се сомнева дека ќе објавиме токму онака како што таа ќе ни каже. Затоа ја објавуваме во целост нејзината смс порака во која не замоли да напишеме „колку е страшно кога таткото го користи роденото дете како орудие на својата борба, го учи да ја клевети родената мајка, го труе со години“.

Иако не е наше да судиме, не можеме да останеме глуви и слепи за сѐ поголемиот број тешки разводи и несреќни приказни на децата кои се најголеми жртви на истите.

Се надеваме дека овие родители сепак ќе најдат сили да се договорат за доброто на своето дете, со оглед на тоа што институциите очигледно само го зголемуваат раздорот помеѓу родителите и прават уште поголем хаос во животот на овие деца.

loading...