Вербалното насилство е емоционално деструктивно, како и физичкото и сексуалното

Секој вид злоупотреба остава трауми во душата на детето, затоа е многу важно да се препознае и да се реагира на вербалното насилство, како од врсниците, така и од возрасните

0
77

Трагите во душите на децата кои доживуваат насилство остануваат и за идниот живот.
Актуелните истражувања покажуваат дека вербалната злоупотреба, една од најчестите форми на насилство врз децата, може да биде исто толку деструктивна во емоционална смисла како и физичкото и сексуалното насилство. Изложувањето на детето на потсмев и понижување носи со себе подеднакво висок ризик од развој на депресија и вознемиреност, како и секој друг вид на злоупотреба.

Опасно е кога доаѓа од врсници, но уште поопасно кога доаѓа од личности кои треба да бидат авторитети – како што се родители, наставници или тренери. Покрај тоа, кога станува збор за возрасни, овој вид на злоупотреба најчесто се маскира во некои методи на дисциплинирање на децата.

Што потпаѓа под вербална злоупотреба

Омаловажување, пцовки и навреди како „Глупав си“, „Ти си најлошото дете што го знам“.
Закана со напуштање: „Посакувам никогаш да не се родеше“, „Требаше да те дадам на посвојување“ – овој вид вербална злоупотреба создава чувство дека вашето дете не е пожелно во семејството
Закана со телесни повреди: „Само продолжи така и ќе бидеш модар од ќотек“ – овие видови на закана кај детето предизвикуваат страв и недоверба.
Предизвикување чувство на вина: „Ти си причината што јас и мама се караме секој ден“, „Ако не требаше да се грижам за тебе, сега ќе бев на плажа“, „Ако не беше толку несмасна, сестра ти немаше да се повреди” – слушајќи ги таквите реченици, детето ќе помисли дека е лоша личност која заслужува да биде несреќна.
Сарказам: „Е браво! Многу си паметен!“- децата не разбираат што е иронија и сарказам, па најверојатно ќе бидат збунети од позитивната реакција на негативен исход, ако, на пример, истурат сок или направат некоја друга штета.

Некои од индикациите дека детето се соочува со вербална злоупотреба

Иако е тешко да се открие овој вид насилство ако не сте присутен, постојат некои знаци кои можат да укажат на појавата. За разлика од физичката злоупотреба, симптомите на вербална злоупотреба се посуптилни и не мора да се манифестираат веднаш, туку месеци или дури години подоцна. Обрнете внимание ако детето:

Има негативна слика за себе – ова е најчестиот и најприсутниот ефект на вербалната злоупотреба; детето обично ќе почне да зборува со себе: „Јас сум глупав“ или „Никој не ме сака“.
Се повлекува во себе – детето чувствува дека не е доволно добро за своите родители, а со тоа и за остатокот од светот.
Самоповредување – гребење, сечење, стискање, како и сите други форми на самоповредување укажуваат на тоа дека детето има проблем со кој не може да се справи, со можност за вербална или друг вид на злоупотреба.
Покажува агресија – една студија од Њу Хемпшир открила дека вербално малтретирани деца покажале поголема стапка на физичка агресија и деликвенција; Децата кои биле вербално малтретирани можат да го покажат својот револт и сила со удирање на други деца или расправија, како и со малтретирање на животни.

Има заостанат развој – може да се појави ретардација во физичкиот, социјалниот, академскиот или емоционалниот развој на детето, може да укаже на потешкотии во создавање пријатели, заостанување во училиште и може да се појават регресивни дејства како лулање, цицање палец или мокрење во кревет.

Кога сте незадоволни или под стрес, воздржете се да го коментирате вашето дете
Она што секој може да го направи на свесно ниво е да се воздржи да не каже нешто лошо или саркастично на детето во моменти на стрес и лутина. Никогаш не заборавајте дека вие сте пример за детето. Кога ќе почувствувате дека ве преплавуваат негативни емоции, повлечете се, и наместо да навредувате и да викате, секогаш бидете искрени со детето. Кажи му: „Многу сум лут сега, ќе земам тајм-аут“.

Овој метод успешно делува и на возрасни и на деца.

Земете длабок здив, почекајте пет минути, а потоа смирено разговарајте со детето. На овој начин, ќе покажете добар пример како треба да се однесува детето кога е луто или незадоволно од нешто.

Фото: Freepik

[better-ads type='banner' banner='999' ]