Вештина на комуницирање со адолесцентите

Повеќе слушајте, а помалку зборувајте – адолесцентите сакаат и потребна им е можност да ги изразат своите чувства и идеи

0
51

Комуникацијата е процес на споделување на мисли, идеи, ставови и чувства по вербален или невербален пат. Иако таа дефиниција звучи едноставно, сите знаеме дека е лесно да се „заглави“ во комуникацијата и дека иако зборуваме на ист јазик често имаме чувство дека не се разбираме. Таквите недоразбирања како и судирите кои од нив извираат се чести појави при одгледувањето на адолесцентите.

Што не сакаат младите во комуникацијата?

Ова се комуникациски „навики“ кои ја затвараат вратата на комуникацијата, а со тоа и на соработката. Подолу наведените начини на комуникација не ги сака никој, но адолесцентите, заради својата потреба за самостојност, се уште почувствителни на нив:

Заповедање: „Веднаш собери ги работите и среди ја собата“

Предупредување: „Нели ти реков дека ќе биде така“

Проповедање: „Кога јас бев дете беше поинаку“.

Совети: Ако имате готов совет, пробајте да ѝ одолеете на желбата да го кажете и прашајте дали вашиот адолесцент сака совет или има некоја своја идеја.

Критикување и обвинување: „Самиот си виновен“, „Такати треба“.

Разубедување:„Не е тоа ништо“, „Така им е на сите, не само на тебе“.

Анализирање: претерано анализирање предизвикува чувство на прекор, осуда.

Испитување: на суд никому не му е пријатно, па ниту на децата. Прашањата од типот: „можеш ли да ми кажеш повеќе“ или „како јас можам да ти помогнам?“ се покорисни.

Одбивање: „Не ме гњави, сега немам време“.

Исмејување: „Баш си будала“, „Не се прави многу паметен“.

Понекогаш родителот мора и треба да го каже својот став, да повика на одговорност или на правила или да му даде совет на своето дете. Но наместо погоре наведените штетни комуникациски обрасци можно е да се научат комуникациски вештини кои можат да ни помогнат јасно да ги изразиме своето мислење, став или границите на начин на кој нашиот адолесцент полесно ќе ги слушне и кој предизвикува помалку отпор и судири.

Дали сакаме да го решиме проблемот или да најдеме виновник?

За да биде нашата комуникација поуспешна, важно е да одиме во правец на решавање на проблемите, а не на барање на виновникот.

Ако прифатиме дека грешките се нормален дел од животот, тогаш можеме заедно да ги анализираме и да научиме нешто корисно  од нив. Важно е да комуницираме на начин кој не е обвинувачки и кој е усмерен на подобро разбирање на тоа како дошло до некој проблем и како истиот да се совлада. Притоа е добро да се внимава на следното:

Обвинувањето на лицата го забрзува или го проширува судирот предизвикувајќи самоодбрана.

Секој се брани од вперување со прст во него („Ти никогаш не ја средуваш својата соба“, „Ти секогаш забораваш“, „Ти си виновен“)

Многу е важно да не се нападне личноста туку да се доведе до заедничко дефинирање на проблемот и до договор за решавање на проблемот на начин кој е прифатлив за адолесцентот.

Оние кои ги решаваат судирите го „напаѓаат“ проблемот, а не луѓето.

„Напаѓањето“ на проблемот води кон разрешување на судирот, па добиваме она што го сакаме сите, без напаѓање на другиот.

Слушателот (адолесцентот) е поподготвен да го реши проблемот ако не чувствува дека му порачуваме дека проблем е тој самиот (или таа самата).

Како родителот може да ја олесни комуникацијата и соработката?

Повеќе слушајте, а помалку зборувајте – адолесцентите сакаат и потребна им е можност да ги изразат своите чувства и идеи за да го започнат преиспитувањето на семејните вредности и традицијата со цел потрага по сопствениот идентитет.

Обидете се да давате помалку совети, освен кога адолесцентот ќе го побара тоа од вас.

Научете го детето да ја преземе одговорноста за своите дела и да сфати дека секое однесување доведува до одредени последици, дека правата и одговорностите одат едно со друго.

Не ги штитете од последиците на нивните одлуки, дозволете им да учат на грешките.

Дозволете расправа за домашните правила и  договорете јасни правила на однесување и последици, при што ќе го вклучите и адолесцентот во нивното осмислување. Доколку учествуваат во тој процес, полесно ќе ги прифатат и ќе ги почитуваат.

Овозможете им да се вклучат во домашните работи, да добијат свои задолженија и вклучете ги во семејните расправи при донесувањето на одлуки. Со тоа станете му пример на своето дете и научете го на процесот на донесување одлуки.

Прифатете ги своите чувства во текот на тешките периоди со вашиот адолесцент: фрустрираност, лутина, тага, обесхрабреност. Да се биде добар родител, не значи да се биде совршен.

Прифатете ги сите чувства на својот адолесцент, но не и сите однесувања. Учете ги на управување со чувствата и на примерен начин на покажување на чувствата и потребите – пред сѐ, со сопствен пример.

Најуспешен алат во воспитувањето на адолесцентот е љубовта, сочувството, трпението, пофалбите, разбирањето и разговорот.

Фото: unsplash.com

loading...