Види мама колку лајкови доби!

Учењето на децата од најрана возраст само да „бројат“ лајкови ќе ги направи несигурни во однесувањето. Заштитете ги своите деца од оваа зависност, но и од ризиците на сајбер булингот, ризици кои понатаму може да водат до повлеченост на детето, депресија, но и до најстрашното, суицидни обиди, сериозни психолошки трауми и неправилен раст и развој, порачува специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов во интервју за Плус инфо.

0
190

Како да се заштитат најмладите од лошите страни на модерната технологија, советува специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов, во интервју за „Плус инфо“.

Сведоци сме дека и на деца од неколку години им се отвора Фејсбук профил. На колкава возраст е најдобро човек да се запознае со социјалните мрежи?

– Има повеќе елементи за употребата на социјалните медиуми кои може да не се соодветни за децата. Мојот совет е никогаш да не се отвора профил на ниту еден социјален медиум под дозволената возраст која истиот го пропишува, бидејќи овие ограничувања освен што се однесуваат на приватноста, се однесуваат и на безбедноста во интернет просторот. Отворањето на Фејсбук профил под дозволената возраст (13 години) треба да се избегнува, како и користењето на други социјални медиуми на возраст несоодветна за децата (инстаграм, ватс ап, твитер, вибер и тн.).

Многу е важно при регистрацијата да ги почитуваме условите за користење и да ја наведеме точната возраст. Исто така, важно е да се води сметка за содржината која се објавува и да ги заштитуваме личните податоци додека сме во онлајн просторот, бидејќи тие ќе останат таму и кога ние ќе бидеме офлајн.

Дали уште како мали се учат децата дека социјалните мрежи се важни? На пример со тоа, „види мама колку лајкови доби“ и слично?

– Неопходно е да се укаже на важноста и потребата од користењето на интернетот и на социјалните мрежи на рана возраст меѓутоа, пред сѐ, од аспект дека тие можат да се искористат за стекнување и развивање на вештини кај децата (пример: математички, јазични, логички и слично). На пример, денес сѐ повеќе е распространета употребата на јутјуб од страна на децата од најмала возраст преку што тие учат да зборуваат странски јазик, бројат, учат букви, но развиваат и когнитивни вештини…

Од друга страна ваквите активности доколку прекумерно се прават, можат да создадат еден вид зависност кај најмалите.

Секако, учењето на децата од најрана возраст само да „бројат“ лајкови ќе ги направи несигурни во своето однесување и зависни од потребата да бидат признаени од околината, односно многу е веројатно дека ќе станат личности со помала самодоверба од своите врсници.

Дигиталната писменост, како дел од медиумската писменост, нѐ учи дека дигитализацијата и интернетот треба да најдат примена во подобрување на вештините во учењето, работата, квалитетното поминување на слободното време и слично. Како ќе ги насочиме децата да се однесуваат во интернет просторот од најрана возраст, така ќе функционираат и во текот на својот живот. Затоа, одговорноста на родителите, наставниците и сите возрасни во овој дел е мошне голема и дури би рекол од непроценливо значење!

Иако нема официјални податоци, се верува дека тинејџерите сѐ повеќе преферираат Инстаграм за разлика од Фејсбук. Дали е тоа така бидејќи повозрасните ги нема многу на оваа платформа, па нема кој да ги контролира?

– Инстаграм е онлајн апликација која е достапна за сите корисници, значи подеднакво може да ја користат и возрасните и тинејџерите. Статистиките сѐ повеќе покажуваат дека тинејџерите ја преферираат, бидејќи самата апликација е полесна за употреба на мобилен телефон, поедноставна е за пристапување и разбирање, и најважно сликите се во фокусот. Времето на тинејџерите е динамично и „скапо“, па тие често повеќе сакаат да погледнат нешто, отколку да трошат време на читање.

Голема улога во „стареењето“ на Фејсбук има и масовното користење од страна на повозрасните генерации кои несакајќи ги пренасочуваат тинејџерите на други социјални интернет платформи како Инстаграм, Снепчет и други. Секој има потреба и желба за приватност, вклучително и тинејџерите. Затоа е неопходно како родители претходно да сме се погрижиле децата да научат како правилно да се организираат и заштитат додека се во онлајн просторот. Со тоа повеќе од половината од работата сме ја завршиле.

Кој е најдобриот начин родителот да знае што неговото дете објавува, а сепак тоа да не се чувствува како да е надгледувано 24/7?

– Треба да се има предвид дека е многу тешко да се има целосна контрола врз користењето на онлајн медиумите, меѓутоа дека исцртување и постигнување на семеен договор е одличен начин за утврдување јасни очекувања за позитивно и безбедно користење на алатките. „Семеен договор“ е најдобриот начин да се започне разговор во семејството на кој начин се користи интернетот и да се дискутира позитивниот начин на однесување онлајн дома, на училиште или во домот на нивните врсници и пријатели. Со овој договор заеднички ќе ги утврдите правилата на однесување, кој ќе биде одговорен за несоодветно однесување и што ќе се случи доколку некое правило од овој договор биде прекршено од страна на возрасните или децата. Од оваа гледна точка ќе бидеме посигурни дека нашето дете се однесува согласно овие правила и дека е безбедно на интернет.

Софтверите за родителска заштита, исто така, претставуваат важен дел од процесот на заштита на децата додека се во онлајн светот. Тие нудат многу опции кои ќе го заштитат детето од несакани интернет конверзации или од ризиците на сајбер булингот, ризици кои понатаму може да водат до повлеченост на детето, депресија, но и до најстрашното, суицидни обиди, сериозни психолошки трауми и неправилен раст и развој.

Од постојано чукање на компјутер и мобилен, заборавивме да пишуваме. Колку еден родител треба да му дозволува на детето да седи на интернет?

– Интернет просторот и новите медиуми се дел од секојдневието на секој човек. Децата треба да се поттикнуваат да ги користат интернет платформите, меѓутоа да најдат начин на кој тие ќе бидат во сооднос со тековните офлајн активностите кои детето ги врши.

Поминувањето време на интернет треба однапред да биде утврдено и секој родител точно треба да знае колку часа и на кој начин неговото дете го користи интернетот, но и да му укажува и да го стимулира да се социјализира.

Важно е, исто така, уште од најрана возраст да направиме разлика кога интернетот се користи за забава, а кога за корисни активности и учење од страна на децата. Секое прекумерно користење или консумација создава негативни последици. Често како пример за ова сакам да истакнам дека дури и прекумерното консумирање на брокулата која се смета за исклучително здрав зеленчук може да предизвика нус ефекти.

Блаже Дарудов

Фото: bruce mars from Pexels

loading...