‘Во земјотресот загинала мојата 6-месечна сестра’

Родителите на скопјанката Катерина Аницин, родена две години по катастрофалниот скопски земјотрес, во тоа време имале шестмесечна ќерка - Емилија, која загинала кога ѕидот се урнал врз нејзиното креветче. Имало уште многу други трагични судбини, како онаа на починатата Олга Ризова Поповска која тогаш била во деветиот месец од бременоста, но и на останатите над илјада починати, како и многу повредени југословенски и странски државјани.

0
542

Утре (26.јули) се навршуваат 57 години откако Скопје беше уништено од катастрофален земјотрес. Движењето на земјата со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала, што траел вечни 17 секунди, било регистрирано во 5 часот и 17 минути.

„Земјата се тресеше. Зградите паѓаа. Сè беше уништено. Сите луѓе излегоа надвор, кои голи, кои боси, избезумени од глетката. Ужасни слики и спомени“, ни раскажуваше мајка ми која сепак имала среќа куќата во која живееле да не се урне целосно, па таа дури имала време и да се врати по заборавената пита кашкавал од синдикатот. Но многу други немале среќа. Повеќе од 1.000 луѓе го загубиле животот, а близу 200 000 останале без покрив над главата. Биле уништени најмалку 80 проценти од градот.

Во земјотресот го загубила животот и шестмесечната Емилија Аницин. Нејзината сестра Катерина, родена цели две години после земјотресот, знае за неа од раскажувањето на мајка ѝ.

„Вечерта пред земјотресот мајка ми, татко ми и Емилија, кои живееле во Карпош 2, биле на гости кај баба ми и дедо ми во Центар. Иако овие настојувале да останат кај нив да преспијат, моите си заминале дома. Утрото силниот потрес ги исфрлил моите родители од креветот во кој спиеле и тие се нашле на подот во моментот кога ѕидот се урнал врз детското креветче во кое спиела Емилија. Мајка ми со години подоцна, не спиеше ноќе“, раскажува Катерина.

Во земјотресот загинала и тетката на мојата пријателка, 28.годишната Олга Ризова Поповска која тогаш била во деветиот месец од бременоста. Нејзиниот сопруг починал од повредите од земјотресот 12 дена подоцна во болница во Белград. Тие живееле во зграда број 13 во населбата Карпош 2 која во земјотресот пропаднала три ката надолу.

Многу бебиња наместо во Скопје, морало да бидат родени во некои од другите градови па во личните карти на скопјани кои се родени набрзо по земјотресот, наместо Скопје, како место на раѓање стои некој од помалите градови во тогашна Социјалистичка Република Македонија.

Во книгата за жртвите на скопскиот земјотрес пишува дека според официјалниот извештај на републичкиот секретаријат за внатрешни работи на СРМ во земјотресот загинале 1070 лица од кои 43 не се идентификувани.

Во оваа публикација се објавени податоци за 968 лица, но како што пишува во воведот од редакцијата, ова издание не е конечна основна документација за жртвите на скопскиот земјотрес. Покрај недостигот на основните податоци за дел од загинатите, најверојатно е дека и во она што се објавува тука, постојат неточности. Намерата била понатаму да се издаде полна документација за жртвите на скопскиот земјотрес, па затоа биле замолени сите кои имаат дополнителни податоци за жртвите да ги испратат до редакцијата, односно, Центарот за информации при Градското собрание на град Скопје.

Во книгата освен жртвите со југословенско, има и 46 жртви, странски државјани, а меѓу нив, најмногу Французи, но и жители на Бугарија, Грција, Германија, Италија, Англија, САД, Белгија, Полска, Австрија, Турција, Швајцарија, Иран.

Во деновите по 26 јули 1963 година полека почнал да расне и еден мал мит на хуманизмот. Светот првпат така единствен ја понудил и докажал својата солидарност со немоќните скопјани во најцрните мигови.

На местото кадешто имало полиња и ливади, биле изградени бараки за луѓето кои ги загубиле своите домови. Така се создала мрежата од околу триесет улици во денешната скопска општина Карпош, па земјотресот што го уништи Скопје, го поврза светот и Скопје е прогласено за „меѓународен град на солидарноста“.

Сведоштво за ова е и мојот дом, финската барака која требало да биде привремен дом за моите баба и дедо кои тогаш го изгубиле домот, но еве, 57 години подоцна, ние сè уште живееме тука, а финската барака е само замаскирана со изолација во ‘ново руво’.

Веднаш зад нас сè уште се руските и румунските згради, а во близина беше познатото ‘Мексичко игралиште’ и поликлиниката ‘Букурешт’.

Сведоштво за оваа солидарност се и скопските улици кои ги носат имињата на многу градови и држави кои помогнале во овие ужасни денови.

Така денес, за да стигнете до улицата Дамаска, можете да одите по Будимпештанска, Женевска или Софиска, тука се и Московска и Лондонска, а веднаш потоа се врти кон Прашка. Можете да прошетате по Варшавска, Париска, Хаванска, Виенска, Мексичка и Букурешка. Именувањето на улиците на овој начин бил симболичен гест на благодарност до светот и до вкупно 87 земји кои испратиле хуманитарна помош.

За времето кога се случи катастрофалниот земјотрес сè уште сведочи часовникот на старата железничка станица, кој престанал да чука во тој момент, во 5 часот и 17 минути.

Сведоци се и гробовите на настраданите и сеќавањата за нив.

Во Скопје, катастрофални земјотреси, како оној во 1963 година со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала, се случуваат на секои 400-500 години.

Според статистичките податоци, веројатноста дека повторно ќе се случи таков земјотрес не е голема. Но не е исклучено дека генерацијата на нашите пра или чукун-внуци има можност повторно да доживее таков земјотрес.

loading...