Во 21. век имаме закон за семејство од 20. век базиран на сфаќања од 19.век

Вака велат од Иницијативата за заедничко родителство после развод кој заедно со детската амбасада Меѓаши беа иницијатори за јавната расправа на оваа тема која се одржа денеска во собраниската Комисија за труд и социјална политика. А со нив се согласуваат голем број стручни лица, психолози, адвокати, здруженија

0
705

„Во 21 век имаме закон од 20 век кој се базира на сфаќања од 19 век. Време е тоа да се промени и војните меѓу родителите да престанат и да не се дозволи фрустрациите на родителите да бидат над интересите на децата“, рече Наум Рибаровски од Иницијативата за заедничко родителство по развод на почетокот од денешната јавна расправа на собраниската Комисија за труд и социјална политика.

Поддршка за вакви законски измени дадоа и од Првата детска амбасада за заштита на правата на децата „Меѓаши“ и нејзиниот претседател Драги Змијанац кој се и најголемите поддржувачи на Иницијативата.

„Заедничкото и одговорно родителство и по развод треба да е насочено кон она што е најважно а тоа е најдобриот интерес на детето кое не треба да се чувствува дека е виновно за разводот и треба да живее нормален живот добивајќи го вниманието од двајцата родители поддеднакво бидејќи разводот на брачната заедница е престанок на бракот, но не и престанок на родителството бидејќи и мајката и таткото се подеднакво важни и значајни за правилниот раст и развој на детето и тоа во никој случај не треба да се става во ситуација да избира“, рече Змијанац.

Според Драги Целевски од Канцеларијата на Народниот правобранител со вакви измени ќе се помогне во создавањето систем кој ќе ги штити децата кои треба да престанат да се користат како инструмент за меѓусебна пресметка меѓу родителите на сметка на занемарувањето на една од главните обврски на разведените родители – грижата за детето.

Иницијативата за заедничко родителство по развод понуди веќе изготвен Предлог-закон кој се базира на компаративна анализа на европските семејни законодавства во однос на: одредување на висувањата на децата од разведени бракови, санкции за непочитување на решенијата за видување и критериуми за определување на издршка и алтернативни државни механизми во случај на неплаќање на издршка. Тие изготвиле и два правилника со кој целосно се регулира оваа сфера, а понудија и родителски план кој ги опфаќа сите можни ситуации, вклучително и распореди за контакт на детето со родителите за време на празници, родендени, слави, распореди за училишни празници, па дури и решенија за родителите кои живеат во различни градови.

Со нивниот предлог за измени на постојниот закон за семејство, генерално, се согласија многумина, меѓу нив и Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет за родова рамноправност, Славица Кнежевиќ, од Институтот за брак, семејство и системска пракса – АЛТЕРНАТИВА, Канцеларијата на Народниот правобранител, Комората на психолози, Здружението за заштита на деца и семејства под ризик – Среќно детство,… Иницијативата доби поддршка и од Дејан Павловиќ, социјален работник и претседател на УО на Здружението на татковци од Нови Сад, Србија кој во своето обраќање на македонски јазик кажа дека иако во Србија постои опцијата за заедничко родителство после развод, истото важи само доколку родителите сами се договорат да го практикуваат истото, па доколку во Македонија се донесат овие измени и се воведе заедничко родителство по сила на закон, нашата држава ќе биде пример за другите земји од регионот.

Основата на овој предлог закон е заедничкото родителство по развод, односно, идејата, доколку дојде до развод на брак во семејството, секој од родителите да има можност годишно да поминува од 120 до 180 дена со своето дете во сите случаи, освен исклучоците опфатени во еден член од законот кои се однесуваат на родители кои не сакаат, не можат или не се подобни за заедничко вршење на родителското право (зависници, осудени насилници, душевно болни).

Пратеничките Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ И Јагода Шехпанска и Ивана Туфегчиќ од СДСМ, реагираа со забелешка дека не се поканети сите засегнати со овие промени, односно, женските здруженија, но и преку лични примери, реагираа на некои решенија од законот.

Особено емотивно беше обраќањето на Туфегчиќ која и самата е дете на разведени родители и се спротивстави на делот кој се однесува на семејните извршители. Имено, според предложените измени, во случај кога Решението за Родителски План донесено од страна на Центар за социјална работа не се почитува од страна на едниот родител, другиот родител има право да се обрати на Семејна извршителска служба.

Во своето обраќање Рангелова кажа дека е самохрана мајка, а пратеникот Самка Ибраимовски од ПЦЕР, кој ги поддржа иницијаторите, рече дека неговите син и снаа се разведени и одлично функционираат, а неговата внука се гледа подеднакво со двајцата родители. За Шехпанска, која како што кажа, нема никакво лично искуство, спорен е предлогот со законска одредба дете на возраст до 14 години да не смее да биде изнесено надвор од државата на период подолг од 30 дена без согласност од двајцата родители и запраша: Што би било доколку јас сум разведена и станам пратенич во евроспкиот парламент, зарем нема да можам да си го земам детето со себе?
Пратеничките си заминаа од расправата, па на крајот, после 3 ипол часа колку што траеше расправата, немаше кворум за да се изгласаат заклучоците од истата.

loading...