Ги дои децата додека сами не одлучат да престанат, едната ќерка се откажала на 5 години

Мајка која ги доела во тандем своите ќерки, на возраст од 4 и 5 години, заслугите за силниот имунолошки систем на нејзините ќерки му ги припишува токму на продолженото доење.

0
322

Наташа Кин ја дои својата најмлада ќерка Грејс, иако е таа веќе подготвена за предучилиште.

Оваа мајка на три деца е поборник за доење. Таа ја доела постарата ќерка Ели до пет години, односно додека девојчето не одлучило да престане само, а сега има намера истото да го стори и со Грејс.

Таа верува дека доењето е одговорно за силниот имунитет на нејзините ќерки и истакнува дека тие никогаш не биле на лекар, освен за настинка.

„Го родив моето прво дете, синот Адам, на 19 години. Престанав да го дојам после неколку месеци затоа што земав лекови, а и верував дека доењето е чудно. Плачев неколку недели подоцна и тоа беше навистина стресен период”, изјавила таа за британски Метро.

Откако се запознала со сопругот Адам и останала бремена, одлучила поинаку да постапи со нивното прво заедничко дете. Се приклучила на група за поддршка на доењето.
„Таму имаше жени кои доеле тандем, и тоа 18-месечни деца. Немав поим дека е тоа возможно. Наместо да им судам, јас едноставно почнав да поставувам прашања и да барам одговори што ме интересираа”, додала таа.

Истражувала, разговарала со други мајки, читала статии. Одлучила да го дои детето на барање, односно да му понуди храна секогаш кога тоа ќе побара и ќе посака.

Ја доела Ели и потоа, две години подоцна, се родила Грејс. Тие се хранат заедно две години, секоја на една дојка.

„Требаше да се навикнам, но кога успеав, беше лесно. Секоја вечер ќе заспиеја на мене, секоја на една дојка и ќе се држеа за рака“, вели Наташа.
Непосредно пред нејзиниот петти роденден, Ели одлучила да престане со цицањето, а Грејс продолжила да го прави тоа наутро и навечер. Многу луѓе гледаат на ова негативно, но таа за ова ја обвинува неедуцираноста.

„Секој има право да има свое мислење. Мислам дека луѓето не се обидуваат да ме позасрамт или дека се злобни. Тие се само необразовани”, истакнува таа, но дел од проблемот го гледа и кај мајките кои се срамат да дојат во јавноста.

„Зошто е во ред да одиме во бикини или да позираме во долна облека, а не е во ред да го храните детето?“, прашува таа.
Со својата приказна, Наташа сака да ги охрабри мајките да дојат. Самата донирала шест литри млеко и со тоа им помогнала на 22 предвремено родени бебиња. Жените кои не можат да дојат, ги поттикнува да се распрашаат за локалните банки за млеко и да одберат мајчино млеко наместо вештачко.

„Одлуката зависи од секоја мајка. Жените кои не можат или не сакаат да дојат треба да бидат разбрани и поддржани, но најважно е да се едуцираат“, заклучила таа.

Фото: PA Real Life/Collect

loading...