Дали би асистирале на сопственото породување со царски рез?

Првата мајка во Мелбурн, Австралија, која ги родила своите близнаци со царски рез со нејзина асистенција им го препорачува ова искуство на сите кои ги очекува породување со царски рез

0
121

Конор Кенеди e првата мајка во Мелбурн, Австралија, која го сменила својот план за породување само неколку дена пред датумот на породувањето. Нејзиниот акушер, д-р Питер Јурчевиќ, ѝ предложил царски рез со нејзина асистенција за да ги роди своите близнаци.

Конор признала дека била малку нервозна поради овој предлог, но сепак возбудена.

„Големата разлика помеѓу овој и редовниот царски рез е што како родители, вие сте повеќе вклучени и го гледате нивниот прв здив, наместо да бидете заглавени зад екранот“, изјавила Конор за Mamamia.

Таа и нејзиниот сопруг Демиан велат дека најголемиот предизвик била менталната подготовка за непознатото искуство. Но, кога дошол денот, адреналинот го победил стравот.

На 1 септември, во 8 часот и 10 минути, Конор и нејзиниот сопруг влегле во сала во „Френсис Пери Хаус“ во Мелбурн за да ги донесат на свет синовите близнаци. До 8 часот и 26 минути сѐ било готово.

„Сѐ се случи прилично исто како и при класичниот царски рез, само што вашите раце се слободни и нема бариери помеѓу вас и вашето бебе, што е многу важно за да можете да бидете сведок на неговото излегување, а потоа и да го земете и да го повлечете кон вас“, вели Конор. Во моментот кога ги повлекла нејзините синови, Конор вели дека тоа било чувство на „вистинска еуфорија“.

„Беше навистина магично“, истакнала таа. Нејзината најголема грижа била дека таа ќе ја изгуби свеста и дека со тоа ќе им го одвлече вниманието на лекарите. Но, тоа воопшто не се случило. Напротив, го опишува искуството како породување без стрес.

Конор објаснува дека да се биде во можност да се видат лицата на медицинскиот персонал за време на целата процедура било неочекувана придобивка. „Наместо да се чувствувам нервозно, јас бев среќна… немав никакви грижи за време на процедурата“.

Исто така, не почувствувала болка. „Чувствувате некои сензации со сечењето, но апсолутно нема болка“, додава Конор.
Конор и Демиа велат дека ако имаат уште деца и треба да се прави царски рез, повторно ќе се одлучат за царски рез со мајчинска асистенција. „Им раскажувавме на пријателите, ако треба да ви прават царски рез, од која било причина, разговарајте со гинекологот за тоа. Не можеме да пренесеме вистински колку е брилијантно ова искуство“.

Но, тие не се сами во искусувањето на оваа процедура. За помалку од еден час подоцна Кејтлин Вокер била втората мајка што се одлучила на ваков чекор. Кејтлин е бабица, па се сеќава на првото породување и чувството на отсеченост од самиот процес. „Се чувствував како бабица во собата, а не како мајката… Овој пат сакав само да бидам мајката, а не здравствен професионалец“. Кејтлин додава дека ѝ била привлечна идејата да знае дека бебињата веднаш ќе бидат ставени на нејзините гради и таа веднаш ќе се поврзе со нив. „Навистина беше интимно чувство“, додава таа.

Раѓањето на близнаците на Кејтлин е одличен начин за завршување на тешката бременост. Ѝ било кажано дека еден од нејзините близнаци има проблеми со развивањето – нешто како хромозомски абнормалности. „За мене, тоа што децата ги имав на градите веднаш по раѓањето беше многу емоционално, особено моето девојче. Кога ќе ви кажат дека можеби има проблем со вашето бебе, кога ќе се роди, само сакате да знаете дека е во ред“.

Кејтлин можела веднаш да види дека бебето е совршено здраво и дека не страда од потенцијалните проблеми од кои стравувале. Иако не планира да има уште деца, вели дека ако тоа се случи, повторно ќе ја практикува оваа процедура. „Се чувствувам привилегирано што можев да го сторам тоа бидејќи многу жени ја немаат таа можност“, истакнала Кејтлин.

loading...