Дали надлежните и родителите навистина прават сѐ во интерес на децата?

Кога станува збор за развод на брачни заедници во кои има деца, праксата потврдува дека честопати децата се попречувани во правото да одржуваат контакти со родителот со кого не живеат, а неретко поради долгото неспроведување на решението за видување, кај детето се јавува отпор кон родителот со кого не живее.

0
119

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на склучените бракови во нашата држава, во 2016 година, во споредба со претходната година, е намален за 7.0% и изнесува 13.199 склучени бракови.

И бројот на разводи во 2016 година бележи намалување од 9.8% во споредба со 2015 година и изнесува 1.985 разведени бракови.

Најголемиот број разведени бракови во 2016.година се оние без деца – 963, а следуваат браковите со 1 дете – 463, со 2 деца – 399, со 3 деца – 133, со 4 деца – 23 и со 5 и повеќе од 5 деца биле разведени само 4 брака.

Токму кога станува збор за разводите во кои има деца, клучниот проблем е прашањето за поделба на грижата околу децата по прекинувањето на заедничкиот живот на родителите и токму ова прашање е во центарот на вниманието на стручњаците од различни профили, како социјалните работници, семејните лекари, психолозите, психијатрите, како и правниците, адвокатите и надлежните установи и тела вклучени во процесот на доделување на старателството. На сите кои се вклучени во процесот на донесување на одлуката им е јасно за кое ниво на одговорност станува збор кога е во прашање сигурноста и стабилноста на растењето на детето и неговата иднина.

Во таа смисла, генерално во светот се трага по правични и непристрасни стандарди кои би се базирале како на податоците на емпириските студии, така и на клиничката пракса.

Од гледиште на детето, во процесот на одвојување на семејството, проблем е оневозможената достапност на двајцата родители.

На децата им требаат двајцата родители

Досегашниот концепт кај нас подразбира еден главен родител на кого (доколку нема меѓусебен договор, што најчесто е тешко да се постигне при развод) му се доверуваат целосно децата на грижа и воспитување и еден спореден родител кој има крајно ограничено време за остварување на квалитетно родителство. Ова, според стручњаците е штетно за децата кои де факто го губат едниот родител.

Фактот дека на децата им требаат двајцата родители не би требало да изненадува, но сепак, многу родители кои се длабоко вовлечени во меѓусебен судир, ова ги изненадува.

Во актуелниот закон за семејство кај нас не е пропишано колку време треба да поминува со своите деца родителот што не го добива старателството.

 Праксата пак, потврдува дека честопати детето е попречувано во правото да одржува лични односи и контакти со родителот со кого не живее, без оглед дали е од брачна или вонбрачна заедница, а неретко поради долгото неспроведување на решението за видување, поради попречување од страна на едниот родител, кај детето се јавува отпор, односно тоа одбива да се види со родителот со кого не живее.

Па се поставува прашањето колку се во вакви случаи оправдани одлуките на родителот да го попречува видувањето на детето со другиот родител и дали се ефикасни мерките кои може да ги преземат центрите за социјални работи во вакви случаи, како и одлуките на судовите на кој од родителите ќе му го доверат детето на натамошно чување?

Конвенција за правата на детето

Согласно Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на детето, на децата им е потребна посебна заштита и грижа, вклучително и тогаш кога има проблем во семејната средина.

Конвенцијата обврзува на почитување на правото на детето, кое е одвоено од едниот или од двајцата родители да одржува лични односи и непосредни контакти со двајцата родители врз постојана основа, освен ако тоа е во спротивност со најдобрите интереси на детето.

На детето кое е способно да формира свое мислење му се обезбедува право на сопствено мислење, право на слободно изразување на тоа мислење за сите прашања кои се однесуваат на него, со тоа што на неговото мислење му се посветува потребно внимание во согласност со неговите години на живот и зрелоста.

Според член 18 од оваа Конвенција, двајцата родители или во зависност од случајот, законските старатели имаат заедничка одговорност во подигањето и во развојот на детето, при што интересите на детето се нивна основна грижа. Во Законот за семејството, на детето му се дава право да одржува лични односи и непосредни контакти со родителот со кого не живее, а родителот со кого детето не живее има право и должност да одржува лични односи и непосредни контакти со своето дете.

Но, праксата покажува дека многу често по разводите на брачните заедници, ова не е случај.

Во тој контекст, Народниот правобранител направи истражување за состојбата со остварувањето на правото на детето на лични односи и контакти со родителот со кого не живее (право на видување). Притоа побаран е преглед на времетрањето на постапките за донесување решенија од надлежните Меѓуопштински центри за социјална работа во врска со правото на лични односи и контакти дете- родител. Потоа, вклученоста на децата при донесувањето одлуки од страна на надлежните центри за социјална работа, ефикасноста во спроведувањето на решенијата за видување на Центрите за социјална работа, предизвиците и евентуалните мерки во случаи на непочитување на одлуката од страна на родител, како и мерките и активностите на Центарот за подигање на свеста за улогата и значењето на родителите во вршењето на родителските права и обврски имајќи го предвид најдобриот интерес на детето. Истражувањето беше спроведено во периодот април-ноември 2017 година.

Центри за социјална работа

Кога станува збор за времетраење на постапката за донесување на акт со кој се уредува одржувањето на личните односи и непосредни контакти дете – родител, според информациите од Центрите, тие настојуваат одлуката да ја донесат во рок од 2 месеца. 23 центри за социјална работа одговориле дека постапката за донесување одлука за видување трае повеќе од еден месец , а 5 центри одговориле дека постапката трае повеќе од два месеци.

Во периодот 2014-2016 година Меѓуопштинските центри за социјална работа постапувале по вкупно 4520 случаи, во врска со правото на одржување на лични односи и непосредни контакти меѓу дете-родител.

На прашањето, дали стручните тимови во центрите за социјална работа го информирале детето и ги земале предвид неговите ставови и мислења при одлучување за правото на видување, речиси сите центри одговориле дека секогаш го земаат предвид мислењето на детето во зависност од возраста и зрелоста.

Концептот на дете како носител на права за многумина е тешко прифатлив, затоа што децата традиционално се гледаат како лица на кои им е потребна заштита, а помалку како лица кои имаат права и кои можат да делуваат. Концептот на правата на детето се заснива на комбинацијата на правата на децата и должностите на возрасните, а тие права се меѓусебно комплементарни, затоа што секое право на детето воедно подразбира и обврски на возрансите тоа право да му го овозможат.

Во воведот на Конвенцијата за правата на детето семејството се истакнува како најпожелна заедница за развој на детето, па право на секое дете е да живее со родителите (чл. 9 и чл. 10) ако тоа не е во спротивност со неговиот најдобар интерес. Во околности на развод на бракот на родителите детето има право на посебна заштита и помош од државата (чл. 20), на средби и контакти со двајцата родители, има право на соодветен начин, во согласност со возраста, да ги дознае причините за разводот и да го изрази своето мислење.

Најголем број од центрите за социјална работа, на прашањето дали го земаат предвид мислењето на детето, одговориле дека секогаш се зема предвид мислењето на детето кога тоа е на возраст од 10 години нагоре, со исклучок на еден центар за социјална работа кој ги запознава децата со барањето на родителите и ги има предвид нивните мислења и кога децата се над 8 годишна возраст.

Дел од центрите за социјална работа потенцираат дека и покрај негодувањето на родителот кај кого детето е доверено на чување, во поединечни предмети сепак се почитува ставот и мислењето на детето, и видувањата се определуваат согласно најдобриот интерес на детето.

Во врска со прашањето: Дали Центарот го ограничил или привремено го забранил правото на одржувањето на личните односи и контакти заради заштита на здравјето и на другите интереси на детето, од одговорите произлегува дека во периодот 2014-2016 година оваа мерка е употребена во 71 случаи.

Следењето на решенијата со кои се уредуваат лични односи и контакти е во надлежност на центрите за социјална работа и според доставените одговори оваа мерка за нив претставува најголем предизвик во нивното работење.

Во случаи кога интересите на детето се доведени во прашање, стручните тимови постапуваат согласно законските одредби, односно носат решение за постојан надзор над вршење на родителското право. Вкупно, во периодот 2014-2016 година донесени се 299 решенија за надзор над родителското право.

Стручните тимови кои постапуваат по предмети во врска со правото на видување на дете-родител, надзорот над вршењето на родителското право го спроведуваат преку непосредни посети во домот на детето, стручна– советодавна работа со родителите, соработка со педагошко-психолошките служби во училиштето, при што го вклучуваат и детето. Центрите посочуваат дека во помали средини, честопати, средбите и интервенциите се по неколку пати во годината.

Сето наведено, стручните тимови го предвидуваат во План за работа со семејството, при што на родителите им се даваат конкретни задолженија и насоки во поглед на јакнење на родителските потенцијали, а се следи и развојот, односно подобрувањето на односот помеѓу родителите и детето, меѓу другото и врз основа на доставени писмени и усмени известувања од родителите за остварувањето на правото на видување меѓу детето и родителот со кого не живее.

Покрај наведеното, родителите и детето се упатуваат во соодветни стручни и советодавни установи, каде семејството ја добива потребната помош, поддршка и третман. Во 2014 година, во 104 случаи од страна на Центарот е применета мерката упатување во советувалиште во рамки на центарот за социјална работа, во 2015 година во 233 случаи, додека во 2016 година на советувалиште се упатени 205 семејства. Вкупно, во периодот 2014-2016 година во советувалиште се упатени 542 семејства.

Впечатливи се податоците од центрите во однос на бројот на случаи упатени во советувалиште на барање и на трошок на центарот, за разлика од оние случаи кои се само известени дека имаат потреба да посетуваат советувалиште.

Во 2014-2016 година, во советувалиште на трошок на центар за

социјална работа биле упатени 314 случаи, а 805 случаи биле известени дека во нивниот случај има потреба од посета на советувалиште.

Ова ја наметнува потребата од посеопфатна анализа заради утврдување на јасни и прецизни критериуми за упатување на третман и советување на трошок на Центарот за социјална работа наспроти укажувањето дека има потреба да се посетува советувалиште, кога товарот е на странките.

Како посебна мерка која се презема од страна на центрите за социјална работа е ограничување на правото на родителот да одржува лични контакти со детето поради недавање издршка за детето.

Во 2014. година оваа мерка е донесена во 13 случаи, во 2015. година во 22 случаи, а во 2016. Година – во 7 случаи.

Вкупно, од страна на центрите за социјална работа за периодот 2014-2016 година оваа мерка била применета во 42 случаи.

Честопати, поради нередовното остварување на видувањата меѓу детето и родителот со кого не живее, без оглед на причините, кај детето може да се јави отпор за одржување на лични односи и непосредни контакти со родителот со кого не живее.

Во врска со ова прашање, 26 центри за социјална работа одговориле дека преземаат мерки за надминување на отпорот кај детето, при што стручните тимови во најголем дел од случаите ги повикуваат родителите на советување или ги упатуваат на советувалишна работа во рамки на институцијата или во други институции, како што се ЈУ Заводот за ментално здравје, здравствени установи и слично. Целта на оваа мерка е да се воспостават повторно личните односи и непосредни контакти помеѓу родителот и детето, а во одредени случаи доколку е потребно истото се презема и кон блиските роднини и сродници (баба, дедо итн).

Центрите известуваат дека по преземените мерки од страна на стручните тимови во 70 случаи во 2014 година, 112 случаи во 2015 година како и 93 случаи во 2016 година успешно е надминат отпорот кај детето, односно дека повторно се воспоставени личните односи и непосредни контакти на детето со родителот со кого не живее.

Сепак, центрите известуваат за случаи кога и покрај преземените мерки не се воспоставени личните односи и контакти помеѓу детето и родителот. Ваков случај во 2014 имало само 1, во 2015 година – 2, и еден предмет во 2016 година.

Впечатлива е бројката на случаи каде е евидентиран инструиран отпор кај детето од страна на едниот родител, за што центрите за социјална работа известуваат за 52 случаи во 2014 година, 61 случај во 2015 година и 72 случаи во 2016 година

Судови

Кога станува збор за постапките за доверување на дете од страна на судовите, според податоците оттаму, во периодот 2014-2016 година вкупно е постапено во 2688 случаи. Притоа, во 1.400 случаи, постапка за доверување на дете е покрената од страна на сопругата, односно мајката, додека во 1.288 случаи постапката е покрената од страна на сопругот, односно таткото на детето.

На прашањето за број на пресуди за доверување на дете донесени врз основа на спогодба на родителите, од одговорите на судовите произлегува дека во периодот 2014-2016 година вакви одлуки се донесени во 704 случаи, од кои во 2014 година- 234, 257 во 2015 година и 213 во 2016 година.

По тужба, поднесена од страна на едниот родител за доверување на дете/деца, судовите одлучувале во 1836 случаи, и тоа најмногу во 2014 година – во 681 случај, потоа во 583 случаи во 2015 година и во 572 случаи во 2016 година.

Анализата на податоците добиени од судот покажува дека, судовите во поголем број случаи децата ги доверуваат кај мајката отколку кај таткото, па така, во периодот 2014-2016 година, во 2.529 случаи судот одлучил за доверување на детето на мајката, а во 503 случаи на таткото.

На прашањето, во колку случаи по барање на судот стручен тим од центарот за социјална работа учествувал во постапки за развод на брак во кои се одлучувало и за доверување на дете/деца, одговорите добиени од судовите покажуваат дека во периодот 2014-2016 година центрите за социјална работа учествувале во 1142 случаи.

Во перидот 2014-2016 година, на барање на стручен тим од центарот за социјална работа учествувале во вкупно 23 постапки за развод на брак во кои се одлучувало и за доверување на дете, односно, деца, и тоа во 8 случаи во 2014 г., во 4 случаи во 2015г. и во 11 случаи во 2016 година.

Од работата на Народниот правобранител

Статистиката на поднесени претставки кај Народниот правобранител за период од 2014 – 2016 година, во однос на правото на детето да остварува лични односи и непосредни контакти со родителот со кого не живее предничи во однос на другите проблеми/права. Во 2014 година од вкупно 124 претставки за заштита на правата на децата 59 се однесуваат на барање заштита поради неможност да се оствари правото на видување, во 2015 година од вкупно 158 претставки 42 се за ова право, а во 2016 година од вкупно 106 претставки 36 претставки се за правото на лични односи и контакти на релација дете-родител.

Праксата на Народниот правобранител потврдува дека ЈУ Меѓуопштинските центри за социјална работа честопати, при одлучувањето по барањата за правото на видување, во напорите да „им удоволат“ на родителите, го забораваат најдобриот интерес на детето, многу ретко го бараат мислењето на детето, па решенијата кои ги носат повеќе се исполнување на барање на едниот или другиот родител, отколку акт со кој прецизно се определени видувањата, и кој е во најдобар интерес на детето.

Заклучоци

Правото на детето да одржува редовни и квалитетни контакти со родителот се остварува со потешкотии, со што се врши повреда на едно од значајните права на детето кое има големо влијание врз неговиот правилен раст и развој, и се постапува спротивно на Конвенцијата за правата на детето и на Законот за семејството.

Нема значителен напредок во однос на правото на детето да остварува видување со родителот со кого не живее на редовна основа и остварувањето на ова право многу често зависи од добрата волја на родителот со кого детето живее.

Стручните тимови при центрите за социјална работа сметаат дека нивното постапување е секогаш во најдобар интерес на детето, но во пракса незадоволството на подносителите на претставки е токму во врска со работата на стручните тимови поради непреземање мерки согласно закон, неможност центарот ефикасно да влијае на родителот кој го попречува правото на видување на детето со другиот родител, како и донесување решение кое повеќе е во интерес на едниот или другиот родител отколку на самото дете.

Отсуствува механизам за ефикасно следење на решенијата и одлуките за остварување на правото на одржување на лични односи и контакти на детето со родителот со кого не живее, донесени од страна на надлежниот центар за социјална работа, а вршењето надзор над родителското право како мерка многу малку се користи.

Ретко се преземаат законски мерки кон родителот кој го попречува одржувањето на контактите на детето со другиот родител што има негативни последици врз детето.

Драгица Христова

„Изразените гледишта во никој случај не ги рефлектираат гледиштата на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.“

loading...