Дали се татковците исклучени од родителството?

Кај нас и натаму се смета дека е родителството „женска професија“, а овој проблем особено ескалира кога се случуваат разводи.

0
105

„Вие почекајте надвор“ – ваков беше до не многу одамна вообичаениот коментар на гинекологот на присуството на таткото во кабинетот за ултразвук, во кој идниот татко со подеднакво нетрпение како и трудницата очекува извештај за напредокот на своето дете.

„Не се храни така бебе, дај ми го мене“ – вели новопечената мајка, изнервирана од фактот што новопечениот татко не го дрши шишето за млеко под правилен агол.

„Подобро јас да му ги сменам пелените“ – констатираат бабите иритирани од фактот што на таткото му требаат повеќе од 30 секунди за да се избори со пелената.

„Јас ќе му го облечам скафандерот, ти секогаш погрешно го закопчуваш“ – вели мајката додека нервозно цупка во ходникот и чека таткото да го облече детето.

„Јас ќе го научам таблица множење, тебе детето не те разбира!“ – го прекинува мајката таткото во обидот да му го пренесе на детето своето математичко знаење.

Ова се само некои од коментарите кои го следат растењето на детето, а кои, свесно или несвесно, ги исклучуваат татковците од родителството.

Наспроти фактот што не постојат никакви биолошки ниту психолошки докази дека мајката подобро повива, храни, го облекува и го учи детето, мајката е централна фигура во неговиот живот.

Иако низ нашата средина почнаа сѐ посилно да дуваат ветровите на еманципацијата, сепак, рефренот „Јас ќе го направам тоа“ е и натаму доминантен рефрен на мајките во овој дел од светот. Впрочем, исто како што постојат и предрасуди во однос на жените, дека не се доволно добри за да се занимаваат со некои професии, кај нас и натаму се смета дека е родителството „женска професија“.

Тие предрасуди се присутни на сите континенти, па иако 92 земји им овозможуваат на татковците да користат отсуство заради нега на детето, многу мал број мажи земаат „породилно“ отсуство.

Во Македонија, за шест години „породилно“ отсуство користеле само 211 татковци.

Според резултатите на меѓународните истражувања, татковците кои е вклучени во растењето на детето се посреќни, попридуктивни на работа и помалку склони кон пороци, сепак, во ниту една земја мажите сѐ уште не постигнале целосна рамноправност кога станува збор за родителството.

Разводот е голем предизвик за родителството, затоа што многу татковци сметаат дека со престанувањето на брачниот, престанал и нивниот родителски статус и не плаќаат алиментација. За жал, многу од нив имаат проблеми со видувањето на децата после разводот заради што во школите за родителство треба да се воведе едукација за идните мајки и татковци за тоа како заедно да учествуваат во растењето на детето, бидејќи родителството е доживотен ангажман.

Сепак, радува фактот што е стасана генерација на татковци кои се подготвени да се фатат во костец со сите предизвици на родителството.

Татковците без проблем им ги менуваат пелените на своите деца, умеат да му подготват на детето вкусен оброк, одат на родителски состаноци.

Некои медицински студии потврдиле дека окситоцин (хормонот на среќата) не се лачи само во мозокот на мајката која го дои детето, туку и кај татковците кои се во близок телесен контакт со своите деца. Истражувањата исто така покажуваат дека татковците кои активно се занимаваат со родителство се физички и ментално поздрави, а нивните деца се подобро социјализирани и покажуваат помала склоност кон малолетничка деликвенција.

Интересно е тоа што бројни земји на Јужна Америка имаат бројни програми за татковци, додека пак во Шведска татковците мораат да земат шест месеци отсуство од работа заради нега на детето. Во Норвешка, исто така,  е законски задолжително т.н.„породилно отсуство“ во траење од десет недели.

Дали вие познавате некој татко кај нас кој бил на породилно отсуство? Доколку познавате, напишете ни ги неговите податоци, со негова дозвола, за да можеме да го контактираме и да го замолиме да го сподели со нас и со нашите читатели своето искуство.

Фото: Josh Willink from Pexels

loading...