Дали станавте мајка во 80-тите, 90-тите, или пак сте мајка на милениумци, не е исто…

По породувањето во 90-тите кај нас никој не практикуваше кожа на кожа, ќе ви го покажеа бебето, и тоа ако бабицата ви беше позната и веднаш ќе ви го земеа. После некое време ќе ве испратеа во соба и бебето, здравје, ќе ви го донесеа следниот ден. Со оглед на сите работи кои ги дознававме со време, излегува дека ова било доста трауматично искуство за нашите бебиња. Се сеќавате вие како изгледаше вашето породување?

0
312

Колку работи се сменија за само четврт век сфаќам кога се сеќавам на сопственото и на искуството на моите пријателки и врснички, а слушам и читам за сегашните искуства.

Сега, за разлика од порано (не зборувам за актуелната состојба на пандемија со коронавирус), на таткото нема да му ја треснат вратата пред носот и нема да мора да виси под прозорец за да му го покажете бебето. Сега сѐ изгледа поинаку. Фала му на Бога.

Во тоа време, не само таткото, дури и мајката едвај можеше да си го види бебето веднаш по породувањето. Кожа на кожа?! Ниту знаевме за вакво нешто, ниту пак очекувавме. Ќе ви го покажеа бебето, и тоа ако бабицата ви беше позната и веднаш ќе ви го земеа. Јас едвај имав време да фрлам поглед на син ми за кој бабицата која ми беше сосетка само ми кажа дека е ист како татко му додека ми го покажуваше онака, од нејзини раце. Веднаш го однесоа на мерење, миење и слично. Додуша, и не знаев за поинакво искуство. Единственото нешто за кое се зборуваше во тоа време беше само дали си се пораѓала пет минути, 1 час или пак цело деноноќие, дали бабицата ти се дерела или била културна и нежна, дали те шиеле или пак не, и тоа се прераскажуваше меѓу жените слично како што мажите во тоа време си ги прераскажуваа своите ‘војнички приказни’… За папочната врвца, за тоа кога треба да се сече и дали треба да се направи ова веднаш или подоцна, за ‘кожа на кожа’ и слично, никој ниту зборуваше ниту пак знаеше.

Јас немам лошо искуство, напротив, лесно се породив, а потоа добив дури и лимонада, а и телефон за да им ја соопштам на моите радосната вест (тогаш, пред речиси 27 години, немавме мобилни). Но работите тогаш изгледаа сосема поинаку. И не е само до медицинските лица и до болниците, и ние, мајките, бевме некако поинакви. На пример, јас не пушев, ама во тоа време имаше еден куп мајки кои по породувањето си муабетеа со цигарче во рака во заедничкиот тоалет. Кога ќе влезев таму секогаш имаше облаци чад. Денеска вакво нешто изгледа неверојатно нели? А тоа беше пред само четврт век.

После породувањето, бебињата си ги гледавме дури следниот ден, кога ќе ни ги донесеа на доење. Јас не го видов моето бебе ниту тогаш. Наредени како фишеци на една голема количка на тркалца, им ги подаваа децата на мајките, само моето го немаше. И никој, ако не прашаш, не ви објаснуваше ништо. А кога прашав каде ми е бебето и зошто не ми го донесле, сестрата само ‘скржаво’ ми одговори: ‘се цеди’!

„Како??? Се цеди??? Како мислите се цеди???“

„Ништо мајка, се напило малку плодова вода па се цеди на клацкалка“.

„На клацкалка, каква клацкалка???“

„Епа ете така, со главата надолу за да му истече плодовата вода“.

И толку.

Како и да е, со оглед на сите работи кои ги дознаваме годиниве потоа, излегува дека сето ова било многу потрауматично искуство за нашите бебиња отколку за нас.

Дали знаете како изгледа папочната врвца?

View this post on Instagram

‘I love inspecting the vessels in umbilical cords. My awe never ceases over how our bodies are so intricately woven in the womb. I love to share my excitement over what others consider ‘gross.’ – "A lot of people think it’s just a ‘tube’ of sorts transporting nutrients to their baby. But…it’s so much more intricately designed than that!" Full story in our bio, and on LoveWhatMatters.com #LoveWhatMatters #Beautiful #Love #InstaLove #LoveWins #LoveAlwaysWins #SelfWorth #CherishEveryMoment #LoveEachOther #Kindness #Hope #Joy #Compassion #Parenting #LoveIt #Birth #placenta #birthdoula #Infant #Child #Pregnancy #Wow #umbilicalcord #LoveAlways #Struggle #ChooseLove #SpreadLove #LoveMore #MomLife #Motherhood ❤️ Credit: @intricatelywovenbirth

A post shared by LoveWhatMatters.com (@lovewhatmatters) on

Денеска се водат многу полемики околу тоа кога треба да се пресече папочната врвца.

Дали знаевте дека нормалната папочна врвца има три крвни жили? Две артерии и една вена. Многу луѓе (па и јас), мислат дека папочната врвца е само „цевка“ која му пренесува хранливи материи на бебето. Меѓутоа, од фотографијата што ја споделила Кајла Хадфилф на својата страница „Intricately Woven Birth Services“, јасно се гледа дека папочната врвца е многу посложена и е составена од: Вена, која носи крв со кислород и хранливи материи до фетусот, и две артерии, низ кои тече деоксидирана крв, како и отпадни материи (како јаглероден диоксид) низ постелката и во вашиот крвоток за да се отфрлат.

Папочната врвца влегува во плодот преку абдоменот, во точка во која по одвојувањето ќе настане папокот. Ние ниту врвца гледавме, ниту бутур, кога ќе си го одвиткавме првпат сами бебето дома, го гледавме парченцето од папочето што висеше, а ние требаше да го одржуваме за да не се инфицира. Малку Бивацин (антибитик во прав), малку 3% хидроген, и на крајот ќе паднеше.

Никогаш не размислував за тоа како изгледа папочната врвца однатре. Во плодот, таа оди кон порта хепатис – вратата на црниот дроб, кадешто се дели на две гранки. Едната се спојува со вратата на црниот дроб, која носи крв во црниот дроб. Втората гранка (позната како дуктус веносус) го заобиколува црниот дроб и се влева во долната шуплива вена, која носи крв кон срцето. Двете белодробни артерии се разгрануваат од внатрешните илијачни артерии и одат од двете страни на мочниот меур во папочната врвца, за на крајот да отидат во постелката.

По породувањето, тие вени сами се затвораат. Артериите први се затвораат поради мускулите со кои се опкружени, а потоа се затвора папочната вена за оксигенираната крв да се врати кон бебето од постелката. На самото породување, постелката содржи една третина од масата на бебето, а одложувањето на сечењето на папочната врвца неколку минути овозможува крвта преку папочната врвца да му се пренесе на бебето.

Предноста на одложеното сечење

Ерика Спириќ од Хрватското здружение за промоција на акушерство ги објаснува предностите на одложеното сечење на папочната врвца.

„По раѓањето на детето, папочната врвца продолжува да пулсира. Времето кое е потребно за да престане да пулсира се разликува индивидуално, може да трае и повеќе од 5 минути. Неисечената папочна врвца на детето му дава дополнителен кислород, додека срцето и белите дробови се приспособуваат на промените во дишењето, од она во водено опкружување преку кое ја добивало храната од мајчиниот крвоток, на опкружување во кое белите дробови мора да се шират и бебето да почне да вдишува воздух.

Додека папочната врвца уште пулсира, новороденчето би требало да биде на мајчиниот стомак или во нејзината прегратка, додека и двајцата поминуваат низ најдуховните промени во своите животи. До сечењето на папочната врвца, тоа е последната врска на мајчиното тело со детето. Физиолошки прво би требало да се случи раѓање, контакт на мајката со детето и дури потоа раѓање на постелката. Со раното стегање на папочната врвца (од 0 до 30 секунди), новороденчето останува без 54-160 милилитри крв, а зголемен е и ризикот од анемија во детството. Ако папочната врвца се стега подоцна (од 4 минути до престанување на пулсирањето) доаѓа до трансфузија на крв кон детето со создавање депозити од околу 50 милиграми железо, што ги превенира подоцнежните анемии“, вели Спириќ.

И сега?

Сега ништо. Новите генерации создаваат нови, подобри правила и нови подобри услови и добро е кога новите сознанија се за добро. И добро е кога можеш најубавиот момент во животот да го поделиш со тој што ти е најблизок, некој да те држи за рака, да те охрабрува или да се онесвестува, сеедно, ама некако не ми влегува во глава она, дека сето тоа мора да го види и целиот свет – на Инстаграм, на Фејсбук или, не дај Боже, на ТикТок!

А кога му ја исекоа папочната врвца на син ми, навистина незнам! Каде го однесоа, каква беше клацкалката на која се ‘цедел’, ништо незнам. Ама знам дека тој ќе биде присутен кога ќе се раѓа неговото дете (кога ќе дојде време) и знам дека нема да се онесвести. Само ќе го замолам да не го ставаат видеото на Инстаграм. Нека го зачуваат во својата приватна архива. Па дури мислам и дека, лично мене немаше да ми недостасува ниту ова сознание, изгледот на папочната врвца одблизу.

Ама ако, текстот е доста поучен, нели?

Туку, се сеќавате ли вие како изгледаше вашето породување?

Фото: Pexels

loading...