Дали сте слушнале за Синдромот на родителско отуѓување и за неговите последици?

Синдромот на родителско отуѓување (parental alienation syndrome - PAS) е нешто што им се случува на многу родители, особено на просторот на поранешна Југославија. Меѓу нив, еден татко од Словенија кој не си ги видел ќерките 9 години, а друг не си го видел синот цели 10. Друг пак, од Србија, веќе 44 пати по ред не успева да си го види синот бидејќи тој, иако има само 10 години, одбива да го види него. И уште многу, многу други слични примери... Се прашувате зошто овие деца не го сакаат својот „втор“ родител?

0
596

„Постапките за развод во Словенија се долги, скапи и пред сѐ, дискриминаторски. Децата често остануваат без соодветен и квалитетен контакт со еден од нивните родители, обично со татковците. Проблемот на судскиот и социјалниот систем е системски и структурен“, го почнува разговорот господин Исток Иванчиќ, претседател на DOOR (Društvo za otroke, očetovstvo in resnico или Здружение за децата, татковците и вистината) и иницијатор на отпочнувањето на соработката и потпишувањето на декларацијата помеѓу неколку сродни здруженија од земјите во регионот.

Станува збор за потпишувањето на декларацијата на пет здруженија од регионот на поранешна Југославија, поточно, од четири бивши југословенски држави (Словенија, Хрватска, Србија и Македонија) кои имаат една заедничка цел која ги натера да се поврзат во некој вид на сојуз кој и самите го нарекуваат „Југославија во мало“.

Нивна заедничка цел е заедничкото старателство после развод и можноста сите родители, без оглед на полот да добијат можност да продолжат да бидат родители и по разводот на бракот.

Иницијаторот за потпишувањето на нивната заедничка декларација за соработка, господин Исток Иванчиќ, е воедно и лицето во чие име е поднесена тужба против Република Словенија до Европскиот суд за човекови права во Стразбур која е нова надеж за сите обесправени родители.

Ја тужам Република Словенија

Тужбата на словенечкото здружение се однесува на дискриминацијата на родителите (најчесто се тоа татковците) во постапките за развод во судскиот и социјален систем во Словенија. Процедурите се дискриминаторски, корумпирани, долгогодишни, скапи, непотребни и непрофесионални. Страдаат децата.

„Ја тужам Република Словенија. Нејзините судии, адвокати, судски експерти, социјални работници. Не сите. Само оние кои заради заработка, ги фрлаат децата во бездната на животот без љубов на двајцата родители“, вели господин Иванчиќ кој повеќе не може да очекува никаква лична корист за себе дури и ако пресудата од Стразбур е во неговата полза бидејќи неговите ќерки се веќе полнолетни и за жал, не сакаат да го видат.

Иванчиќ вели дека е жртва на системот кој тој го тужи во Стразбур бидејќи последиците од Синдромот на родителско отуѓување (PAS) ќе влијае врз него и неговите деца во догледна иднина. Првпат опишан во 1976 година како „патолошка класификација“, овој синдром се однесува на ситуација кога детето неразумно го одбива родителот со кого не живее.
Ричард A. Гарднер во 1980 година врз основа на своето клиничко искуство во работа со деца на разведени родители, го вовел поимот синдром на родителско отуѓување.

Клиничарите во оваа област сметаат дека детето, освен во случаи на тешко и долготрајно злоставување или инцест, не го отфрлаат едниот родител ако на тоа не се принудени од другиот родител, и/или од околината.
Самата појава е спротивна на логиката поради тоа што детето всушност се врзува со родителот кој го отуѓува (злоставува), додека пак го отфрла родителот чие родителство е сосема примерно.

Во односот кон тој родител детето пројавува „грандиозност, повластеност, отсуство на емпатија, надменост, дрско однесување и делузиски системи на верување” за тоа дека тој родител е лош или дека е насилен.
Детето е вовлечено во раскол, притоа верувајќи дека едниот родител е потполно добар, додека другиот е потполно лош.

Инаку, според господин Иванчиќ, дискриминацијата во Словенија, за која станува збор во тужбата до судот во Стразбур, почнува во центрите за социјални работи, кои од некоја причина ги штитат и ги фаворизираат мајките, наместо да ги штитат децата.

„Таму стручните работници се главно жени и не се доволно стручно едуцирани. Проблемот е длабински. Имено, кај нас не постои дилемата кој од родителите е попримерен за да биде старател, кој е подобар, додека пак центрите во пракса го прават токму тоа, даваат мислење за ова прашање кое е непотребно, бидејќи за децата по разводот е најважен урамнотежен однос со двајцата родители. Таа дискриминација од центрите се прелива во судот, тој суд почнува со постапките кои се скапи, и за кои мора да се ангажираат адвокати кои пак знаат како да ги задржат што подолго на суд советувајќи ги мајките лажно да го обвинат таткото, за на тој начин да добијат предност и тука има подлога тие постапки да траат со години па на крајот децата да дочекаат и полнолетство додека да се дојде до крајна пресуда. Тоа беше случај и кај мене.

Направивме анализа и видовме дека проблем се парите, многу луѓе, многу заработуваат од тоа“, вели Иванчиќ.

Исток Иванчиќ

Пред две години кога во Словенија се приготвувал нов закон за семејство, здружението DOOR партиципирало со својот предлог кој според Иванчиќ, сѐ решава, но не само што не го прифатиле, туку едвај успеале да ја задржат можноста за заедничкото родителство која била исфрлена од законот.

„Видовме дека нема да направиме ништо, па затоа ја подготвивме тужбата до европскиот суд за човекови права во Стразбур и бараме да се прекине таа дискриминација на татковците. Законот со таа можност за заедничко родителство би можел да овозможува рамноправно старателство но тоа не се прави затоа што праксата на судовите и праксата во центрите за социјална работа се дискриминаторски и немаат интерес тоа да се смени. Имено, тука се во игра многу пари, но не само пари, туку и безбедни работни позиции. Повеќе такви проблеми, повеќе вработени луѓе во судовите, во центрите за социјална работа, повеќе пари за адвокатите, итн. Постапките за развод се долгогодишни, па често до конечна одлука се доаѓа кога детето веќе има 18 години и повеќе, кога веќе никому не му е потребна таа пресуда, а времето кога едниот родител требало да биде со своето дете, неповратно поминало.

Сите родители во Словенија не можат ниту да си дозволат такви судски трошоци. Имено, во Словенија, ваков судски спор за една година го чини само   едниот родител 10.000 евра. Кога ова ќе го помножите со 2 (претпоставувам дека уште толку го чини и вториот родител), а потоа тоа ќе го помножите со бројот на разводи кои ги има над 2-3.000 годишно, добивате сума од 40-50 милиони евра.

Ние сакавме проблемот да го решиме дома, бевме во Парлемантот, зборувавме со политичките партии, имавме многу разговори со нив, на крајот видовме, кога беше прифатен тој закон, дека нема да успееме и решивме да одиме на Меѓународниот суд за човекови права и ја обезбедивме целата потребна документација.

Тужбата е напишана во мое име, а поткрепена со изјавите на 200 членови на здружението на кои им се случува истото, како и со петиција потпишана од 1000 луѓе. Со тоа, таа индивидуална тужба на некој начин станува групна затоа што е статистички значајна“, објаснува тој.

Сега тие очекуваат од Европскиот суд за човекови права пилотска пресуда во која судот ѝ помага на тужената држава да ги поправи препознаените проблеми произлезени од широко распространетите или систематски недостатоци, така за да се озбезбеди ефективно решавање на идните случаи кои се однесуваат на истиот проблем. Ова, вели Иванчиќ, ќе им биде од корист не само на останатите со истиот проблем во Словенија, туку и во цела Европа.

„Очекуваме таа пресуда да влијае на сите земји во Европа и бараме пилотна пресуда. Ако востановат дека навистина имало кршење во тие постапки, тогаш ќе мора да ја почитуваат сите судови во сите земји во Европа.

Затоа сме среќни што се собравме тука за нашиот проблем во Стразбур да се чуе од 20 милиони грла, а не само од 2 милиони“, завршува Иванчиќ.

Како функционира пресудата на европскиот суд за човекови права?

Драгана Чoриќ, професорка на Правниот факултет на Универзитетот во Нови Сад, објаснува како функционира таа пресуда од Стразбур.

„Ако сте потписник на одредени конвенции, без оглед дали сте член на ЕУ, а под услов претходно да сте ги исцрпиле сите судски инстанци и да сте добиле правосилна судска пресуда, можете да поднесете тужба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Пресудата на овој европски суд има снага која е дури и повисока од вашето национално право и која ви дава некој вид на сугестија како вие треба да се однесувате. Образложението на пресудите на овој суд обично се пишуваат на десетици страници и вие секогаш во своите национални законодавства можете да се повикате и да кажете: „судот во Стразбур во тие исти или слични околности пресудил на таков и таков начин и ако не се испочитува тоа, ќе ве гониме до Стразбур. Инаку, ова последново е нова клетва во Србија“, се смее Чуриќ.

Според неа, битно е да се направи тој прв преседан, а потоа тој ги влече по себе сите останати, затоа смета дека е важно тужбата на г.Иванчиќ и на неговото здружение да успее, и тоа не само поради нив, туку и поради сите други, за да се воспостави ново правило и став кој потоа ќе можат да го користат сите.

Според Чуриќ, судиите во Србија, а очигледно и во останатите држави од регионот, често носат пресуди приклонувајќи се кон она што е вообичаен став на седниците на вишите судски инстанци. На пример, ако највисоката судска инстанца на некоја седница каже дека е добро да се пресудува на одреден начин, пониските судови ќе одлучуваат на тој начин. Ова е затворен круг на т.н.независно правосудство, па затоа одредени парадигми врз основа на кои тие ги носат пресудите, мора да се сменат.

Една од тие парадигми, вели Чориќ, е и парадигмата дека мајката е најдобар родител. Според неа, децата не треба да се користат како монета за поткусурување, како средство за добивање алиментација, или за некои дополнителни привилегии. Како правник, повеќе пати се уверила и самата дека е правена дискриминација со тоа што децата им се доделуваат само на мајките и дека е тоа непишан став кој сѐ уште функционира во нашите држави.

Татковците се непотребни?

Според Дејан Рутар, претседател на здружението на татковците на Словенија кои ја поддржале тужбата на Иванчиќ, нивните две здруженија имаат заеднички интерес но малку различни погледи околу тоа како понатаму, кои се можеби малку повеќе организациски и се однесуваат на тоа на што треба да се даде приоритет.

„Ние мислиме дека одвоено родителство е подобро решение бидејќи кај одвоеното мајките и татковците немаат состаноци и терапии, и секој си ги плаќа своите трошоци кога е детето кај него. Нам ни се чини проблематично тоа што мораш да останеш во контакт со својот поранешен партнер, но само тоа е разликата инаку соработуваме во сѐ што е во полза на децата.

Последните децении улогата на татковците беше потценета, дури дојдовме до тоа да не сме потребни при одгледувањето на децата, но последниве години дојдовме до тоа во целиот регион да има сѐ повеќе такви здруженија кои се борат за правата на татковците и децата и доаѓа време кога и ние имаме важна улога во воспитувањето на децата“, вели Рутар.

Според Дејан Павловиќ, претседател на здружението на татковци од Нови Сад, во семејниот закон во Србија постои можноста за заедничко родителство после развод, но таа можност ретко се применува. Сепак, според него, податокот дека во Хрватска од 3,1 отсто во 2000.година, во 2016, процентот на искористување на можноста за заедничко родителство се искачил на 5,9 отсто, што е знак дека се крева свеста, добар сигнал и светло во тунелот.

Павловиќ вели дека сите тие се свесни дека не може да се занимаваат со нивните одделни случаи, туку дека треба да се погрижат тоа да не се случува во иднина.

И според претставниците од Македонија, Наум Рибароски и Наташа Стојческа,

проблемот е регионален, а сегашното законодавство – апсурдно и застарено. Сѐ е оставено на центрите за социјална работа чија пракса е иста како пред 40 години.

„Решивме да ја потпишеме оваа декларација која ги опфаќа нашите заложби и сѐ она што бараме од нашите држави да се смени во семејното законодавство“, вели Рибароски.

Фото: Pixabay

loading...