Дали ја нарушивме приватноста на нашата мајка кога ѝ поставивме камера во собата?

Мајка ми веќе неколку години боледува од Алцхајмер. Грижата за неа е како грижа за дете. Всушност, постојано мора да има некој со неа. А нам животот ни се сврте наопаку и тоа, многу пред короната. Но брат ми најде нешто што барем малку ни го олесни животот - постави камера. А потоа следуваа моралните дилеми: дали со ова ѝ ја нарушуваме приватноста на нашата мајка?

0
301

Се сеќавам кога се разболе баба ми и падна во кревет, сите се вртевме околу неа, не сакаше да јаде, па често ни даваа нам, на нејзините внуци, да ја нахраниме, постојано ја прашувавме да не ѝ треба нешто, седевме до неа, ѝ зборувавме, ја галевме по косата.

Потоа стаса тетка ми од Сан Франциско, нејзината најстара ќерка. Прво извади едно ѕвонче, го стави на шкафчето до креветот на баба ми и ѝ кажа кога ќе ѝ треба нешто, да ни заѕвони. Потоа сите не избрка од соба. Не смеевме да влегуваме кога сакаме. Баба ми не се опорави. На крајот ѝ откажаа бубрезите и почина.

Знам дека тогаш ми се чинеше претерано ова однесување на тетка ми, особено ѕвончето. Како на тогашната ЈАС ќе ѝ изгледаше ако некој ѝ кажеше дека еден ден во собата на мајка ни ќе ставиме камера?

Мајка ми веќе неколку години боледува од Алцхајмер. Грижата за неа е како грижа за дете. Не може да се облекува самата, најчесто не може сама да стане од кревет и да го најде тоалетот, со прибор за јадење одамна веќе не се служи и поголемиот дел од денот е зависна од нас. Всушност, постојано мора да има некој со неа, освен кога спие.

Спие многу, но никогаш не се знае кога може да се разбуди, некогаш е тоа после пет минути, а некогаш после 2-3 часа. Ноќе обично спие, иако има ноќи кога се буди и по неколку пати, или за да оди во тоалет, или зашто нешто сонувала па се буди со плачење и убедена дека тоа што го сонувала е вистина, не може да се смири, а ние не можеме ни да разбереме за што точно станува збор и што ја исплашило затоа што сѐ понеразбирливо е тоа што го зборува.

Живееме во двоспратна куќа, долу сме јас и мајка ми, горе брат ми со семејството, а тука се и нашите деца, вкупно осуммина, што е навистина добро, но сепак, најголемиот дел од времето со неа сум јас. Кога пак не сум тука, постојано некој од нив мора да е долу со неа. Само 10 минути се доволни за да се случи некој проблем, па едноставно не се исплати да ја оставаме сама. Иако, најчесто, нема да се случи ништо па ќе ја најдеме како што сме ја оставиле, во кревет, или во нејзината стара фотелја пред телевизорот, доволно е еднаш за да се направи некоја белја со долгорочни последици. Затоа се трудиме никогаш да не е сама.

Е сега, иако сме толку многу луѓе, секој си има свои обврски, децата се постојано во некоја трка, а кога се дома, сакаат да се сами со себе. Помагаат, не велат не, но секогаш си велам, а зошто пак да ја гледаат немоќта на баба си, млади се, не мора да се соочуваат со ова. Доволно е некогаш да ѝ направат тост, да ја бакнат на поминување, да и донесат чаша вода, не мора баш да гледаат и да прават сѐ. Особено не се должни да ја носат во тоалет. Староста знае да биде и убава или барем поднослива, но најчесто е грда. Особено кога е во прашање дијагнозата на мајка ми.  Откако ја доби дијагнозата, целиот живот ни се сврте наопаку. За жал, освен оние 3-4 илјади денари за туѓа нега за кои треба да се отепате од одење по лекари и по комисии и тоа секоја година одново, зашто нели, во меѓувреме можеби Алцхајмерот поминал, нема ниту едно место кадешто можеме да ја однесеме за да здивнеме барем неколку часа, или пак, да добеме професионална помош, освен ако немаме барем 500 до 1000 евра вишок. За да најдеме некој да останува со неа и преку ноќ, е за тоа треба цело богатство. А мораме да си помогнеме и себеси, мора да се грижиме и за себе за да можеме да се грижиме и за неа. Затоа што не чекаат и потешки денови.

Затоа брат ми најде некое полурешение, нешто што ќе ни го олесни животот барем малку –  еден ден донесе дома камера. Ја намести во собата на мајка ми, ја инсталираше на мојот и на неговиот телефон, им кажа на нашите сестри во Загреб и во Белград како да си ја инсталираат и тие на своите телефони. Од тогаш, мајка ми е постојано пред камера.

Кога ја бањав минатиот пат се сетив да ја покријам  камерата…Не поради сестрите или поради брат ми и снаа ми, си реков, можеби токму сега посакале нејзините внуци и правнуци во Србија и во Хрватска, да погледнат што прави баба. Нема смисла да гледаат стриптиз.

И каде и да одам сега, во секое време, сѐ додека имам интернет на телефонот, можам да видам што прави мајка ми. Ова е малку чудно, нели?

На сите ни беше и малку непријатно кога првпат ја погледнавме мајка ни преку камера – се чувствувавме како да ѝ ја нарушуваме приватноста. Токму тоа ми го кажаа и сите на кои им кажав за нашето решение.

Велат: Ѝ ја одзедовте приватноста на жената! И нормално, и јас почнав да се прашувам, дали е навистина така?!

Прво, да разјасниме, која приватност? Дали може да се зборува за приватност кога некој повеќе не може да биде сам ниту во тоалет, кога не може сам да се избања, да јаде и да се движи? Каква е таа приватност? Не, нејзината приватност ѝ ја одзеде ‘господин Алцхајмер’, не ние.

Не драги мои, не ѝ ја одзедовме приватноста, само се обидовме да си го олесниме нашиот живот, затоа што, и ние сме живи, имаме работа, имаме обврски, пријатели, деца. А од друга страна, сакаме таа да биде безбедна. А тоа значи, сакаме постојано да ни биде пред очи.

И ако баш сакате да знаете, ѝ кажавме за камерата.

Една вечер, додека беше исплашена и рече дека не сака да е сама затоа што воопшто и не знае каде е, си реков, а зошто да не ѝ кажам!

„Нема да бидеш веќе никогаш сама затоа што сега сите твои деца те гледаат преку камерава и ако видиме дека нешто ти треба или не ти е добро или пак дека само сакаш да станеш, веднаш ќе дојде некој да ти помогне. А сега, мафни ѝ на камерата и поздрави си ги сите деца, внуци и правнуци, можеби те гледаат во моментов“, ѝ реков.

Мајка ми се смееше, ѝ мафна на камерата, ѝ рече добра ноќ, си легна и мирно заспа. Следниот ден веќе заборави на камерата. Ако сакам некогаш повторно да се чувствува безбедно во некој таков момент, ќе морам повторно да ѝ кажам за камерата. Едноставно, таква ѝ е болеста, заборава на сѐ, заборава каде е, заборава кои сме ние, заборава дека воопшто и појадувала, не пак што појадувала, понекогаш си го заборава дури и името…, па ќе ја памти камерата!

А и знаете што? Има моменти кога колку и да сум свесна дека тие нешта што ги зборува мајка ми, како на пример, дека не може да ме гледа, дека сум се квакнала кај неа уште од изутрина, дека ме мрази, дека сум ѝ го украла фустанот, парите, очилата и што уште не, не ги зборува таа, туку болеста што ја носи, сепак не можам да издржам, избувнувам и кажувам нешта од кои потоа и самата се срамам.

Епа вака, кога ќе ја здогледам камерата, некако се сепнувам и наместо да експлодирам и да кажам нешто за што подоцна ќе ме гризе совеста, јас почнувам да си зборувам со камерата, со надеж дека ќе ме слушне барем некои од моите. И се контролирам. Ако е за утеха, и за да си ја смириме совеста зашто сме ѝ ја одзеле приватноста, ете, и јас, поточно ние, изгубивме дел од неа, оној кога сме во нејзината соба.

Инаку, дури сега сфаќам зошто денес стана толку модерно секој да снима секого – камериве се живо џабе.

Фото: Pexels

loading...