Две години да те легнат и од креветче да не те извадат, каков ќе бидеш?

Мајмире и Алеајдин Исмаил се згрижувачи на девојче кое на две години им било донесено од домот за доенчиња во Битола и кај нив е веќе 5 години. За три недели тие ќе го прослават нејзиниот седми роденден. Ја сакаат како свое дете, а ја гледаат подобро отколку што би ја гледале и вистински родители.

0
13948

Алеајдин Исмаил работи како обезбедувач, а за време на нашето интервју со неговата сопруга Мајмире, во Зоолошката градина во Скопје, се грижеше за безбедноста на седумгодишното девојче кое веќе 5 години е дел од нивното семејство заедно со нивниот 20-годишен син.

Тие станале згрижувачи, а двегодишното девојче им го донеле од Домот за доенчиња во Битола. Наскоро ќе полни 7 години, и иако сѐ уште не знае да зборува (освен неколку зборчиња), знае брзо да трча. И да, додека бега, постојано се врти да види дали нејзиниот аџо ќе успее да ја фати.

(На албански аџо значи чичко, а според законот, така треба да му се обраќа на човекот кој ја чува како роден татко, а на нејзината Мајмире која, како што вели, на моменти заборава дека малечката не е нејзина рожба – со тета).

„Сакав да студирам новинарство, но татко ми не ми дозволи дури ни во средно да се запишам“

Мајмире Исмаил е Турчинка, а нејзиниот сопруг е по мајка Босанец, а по татко Албанец. Нејзиното име, како што ѝ кажала мајка ѝ, ѝ го дала бабата и на албански значи најдобра.

Токму таква е Мајмире. Родена е во Скопје како најстара во семејство со 6 деца. Живеле во Гази Баба. Била најдобра и во училиште. Одела со радост бидејќи се ѝ одело од рака. Се подготвувала да го продолжи образованието во средно училиште, а потоа сакала да студира новинарство. Да, токму новинарство. Но татко ѝ не ѝ дозволил. Мајка ѝ паднала болна, а тие дома – 6 деца.

„Некој мораше да се грижи за нив, да ги исчува“, вели таа.

„Мојата класна настојуваше кај татко ми да ми дозволи да продолжам со школувањето, но не ми дозволи, ми го урна целиот свет. Бев жртва за семејството. Којзнае каде ќе стасав да ми дозволеа. Многу ги сакав и литературата и поезијата и сѐ уште ги сакам па затоа никаде не одам без книга во чантата“, раскажува Мајмире.

Подоцна се уверив во тоа, ја отвори чантата за да го извади мобилниот телефон, а внатре имаше голема дебела книга. Што читате? – ја прашав.

„О, сѐ, но најмногу сакам да читам животни приказни за деца. На пример, многу ми се допадна книгата која е и вистински настан – „Никаде без ќерка ми не одам“, од Бети Махмуди. Прочитајте ја па ќе видите што сѐ може да направи една мајка за да си го спаси чедото. Некој ќе каже, кој не родил, не знае, ама јас сум читала и за жени кои никогаш не биле мајки, но преземале одговорност, посвоиле дете. Така и јас на моменти заборавам дека ова мое сонце не сум го родила јас. Ја сакаме и ја чуваме како наше дете и дај Боже, се надевам дека ќе остане секогаш со нас, дека од нашата куќа ќе ја испратиме како невеста“, зборува Мајмире следејќи ги со поглед девојченцето кое неуморно трча со брзина на светлината, додека нејзиниот сопруг трча по неа и се обидува да ја фати за рака додека не се повредила некаде во зоолошката градина кадешто се договоривме да се сретнеме токму заради неа. Имено, малечката е детенце со застој во развојот, а зошто е во таква состојба, Мајмире не знае.

„Би сакала да можев да дознаам, важно е да знаеме дали нејзината мајка се дрогирала, дали пиела алкохол, која била причината за да биде детето во ваква состојба, но не знаеме и не смееме многу да прашуваме“, објаснува таа.

„Имаме 20-годишен син, четири деца родив мртви, а сега ја имаме и неа“

„Кога се пријавивме со сопругот за да бидеме згрижувачи, нашето единствено дете, синот Али, имаше 15 години. Тој ни беше второ дете. Првото го родив мртво, како и уште три по него. Сите ми умреа во 8 или 9 месец од бременоста и сите ги родив мртви, сите имаа по 3.800-4 кг. Да родиш е тешко, но да раѓаш мртов плод е двојно потешко. Зошто се случуваше тоа? Никој никогаш не ми кажа зошто. Сите прегледи ги направивме, правевме пауза по 2 ипол години помеѓу децата, но ете, тоа ни било пишано, фала му на Бога и за тоа едно што го имаме.

А Али е дете какво што секој може само да посака. Сега има 20 години, заврши фармација, а сега доби стипендија за европски факултет, отсек психологија и ќе студира на англиски јазик. Работи веќе 3 години, сам си го плаќаше образованието и досега, па дури и дома помагаше. На секој би посакала да доживее таква радост како тој ден кога ми се јави и ми кажа дека добил стипендија која целосно му ги покрива трошоците. Не почувствувавме дека дете имаме дома“, раскажува таа.

Мирен, повлечен, убав на мајка, како помал Али три години го носеле на манекенство, но потоа одлучи да престане.

„Црнокрак сакаше да го земе во неговата агенција, ама Али не сакаше повеќе, ми кажа дека не сака да се пресоблекува пред девојчиња, па не го присилувавме на ништо. Меѓутоа, со оглед на тоа што не го привлекуваше ниту еден спорт, размислувавме каде да го запишеме надвор од училиштето за да се социјализира, да не остане само на училишните активности. И така јас без да знае го пријавив како волонтер во Црвен Крст. Прифати, и волонтираше 4 години, дури доби титула најдобар волонтер, се опушти, почна да учи некои работи за животот.

А ние решивме да станеме згрижувачи. Јас имам проблеми со тироидната жлезда и со тромбоза, имав една операција па престанав да работам. А бидејќи имам завршено само основно училиште, и можев да работам само како хигиеничарка, претходно одев на работа во МТВ, а потоа и во еден хотел, кадешто набргу почнаа да ме користат и како преведувач, зашто знам албански, турски, српски, и по малку англиски. Како и да е, престанав да одам на работа, а бидејќи имам големо искуство со деца, ги исчував и браќата и сестрите, а потоа им ги чував и нивните деца, децата од соседите, како кој ќе родеше дете, сите кај мене ги носеа да им покажам како да ги избањаат, да ги подојат, да ги нахранат или едноставно, да им ги причувам.

Никогаш не сум го работела ова за пари, бидејќи нема пари што можат да го покријат тоа. Многу поголемо богатство е тоа што сега сите тие деца што некогаш сум ги чувала, а ги има околу 20, ќе дојдат да ме гушнат, да ми се доверат, да ми помогнат за нешто! Но кога ми го донесоа ова мало сонце, нејзината состојба беше нешто со што првпат се соочував.

„Кога ќе ја кренев, ќе паднеше, ноџињата ѝ беа во икс, главчето сплескано како чинија“

Имаше само 2 години и цели две години никој ја немал кренато во раце, никој ја немал извадено од креветчето освен кога ѝ ставале вакцини. Кога ќе ја кренев, ќе паднеше, ноџињата ѝ беа во икс, главчето сплескано како чинија, немаше никаква стабилност, не знаеше да оди, сѐ што знаеше беше нишањето и болните крици. Целата беше во модринки и во рани. Дали се удирала самата со глава во решетките, дали си ги касала рачињата сама, дали удирала со нив во решетките од креветчето, не знам, но знам дека беше во ужасна состојба. На почеток не сакаше ни да јаде од нас, па првиот месец, успеваше по малку да ја храни син ми кој во тоа време веќе работеше како волонтер во Црвен крст и на почеток ѝ дававме течности со шприц, потоа со лажица, за на крајот, со текот на годините, да научи да пие и од чаша. Цел месец ја мачкавме со син ми со домашни масти, од лен, од цветови од невен и други кои сама ги правам, за да ѝ ги залечиме раните.

Три-четири месеци не можевме да ја смириме, само плачеше по цели ноќи и денови, такашто, со право, имавме и критики од соседите, кои исто така не можеа да спијат од неа. По цели ноќи сме ја лулале со чаршафи со ќебиња, излегувавме на тераса на полноќ за да ја смириме, секакви тактики применувавме за да се смири, за да заспие. Но и покрај сето мое искуство со деца, вакво нешто немав видено никогаш во животот. Но, и јас и мојот сопруг, кој и самиот имал тешко детство бидејќи рано останал без мајка и пораснал со 5 маќеи, кога натепан, кога ненајаден, бевме упорни, и си рековме, не ја даваме, ќе издржиме, ќе дојдеме до некој резултат, ќе биде подобро. И навистина дојдовме до некој резултат.

Пелените ги фрливме и сега знае самата да оди во тоалет, да се среди, знае неколку зборови, трча како стрела, се галиме, се гушкаме, одиме на пливање, на логопед, одеше по 1час и во градинка, а сега се надеваме дека ќе може да оди и во редовно училиште доколку заживее оној предлог, децата со било каков хендикеп, да се вклучат во редовната настава, а другите деца да се едуцираат за да можат да им помагаат, наместо да ги исмејуваат, да не ги отфрлаат.

Таа ги сака децата, на неколку им ги знае и имињата, но прво ги мириса, а потоа ги гушка. Кога ѝ се јаде, знае да си каже, а ние ја разбираме и без зборови. Порано не можевме со неа ни во автобус да влеземе, ни во автомобил,  хистерично врескаше, се фрлаше на подот, не клоцаше, а ние ја пуштавме да се издува, да се смири, па потоа ја кревавме во раце. Еднаш една жена во една таква ситуација, ми рече дека дури и 500 евра да ѝ даваат за да ја чува само 1 час, не би се нафатила. Многу ме налути. Кога станува збор за неа, не давам никој да коментира, а како јас терам и како издржувам, Господ знае. Сега сте ми го рекле ова и никогаш повеќе, ѝ реков и ја засрамив. Денеска сите наши соседи кога има потреба знаат да помогнат. Таа трча како стрела и некогаш треба само на секунда да ја завртам главата а таа да се шмугне низ врата и да истрча надвор. Но кога ќе викнам по неа, сите соседи излегуваат и трчаат да ја фатат.

Ние две спиеме заедно, сопругот веќе одамна го избркавме од кревет“, се смее Мирјаме.

„Ѝ треба 24.часовен надзор и многу гушкање“

Ако наутро кога ќе се разбуди, Мирјаме не е до неа, веднаш станува и ја бара.

„Ме наоѓа и со сета сила ме влече за да се изгалиме и изгушкаме. Неа ѝ треба 24 часа надзор, но сепак сум презадоволна и благодарна сум му на Господ што ја доведовме до оваа состојба. Но навистина се трудиме. На моја иницијатива ѝ купивме трамболина. Сопругот ми велеше, немој, скапо е, но поскапо е моето здравје, а неа навистина ѝ треба тромболина, особено во зима, кога сме повеќе затворени дома. Скока од кревет на тромболина, од тромболина на кревет, се фокусира на тоа, па не ми бега барем, тука е. А само да ја видите какви салта прави, ќе си помислите дека тренира гимнастика. И верувам дека кога би имало некој кој би можел да работи со неа и да ја усмери, дека би била врвна гимнастичарка и атлетичарка. Кога не се дома машките, понекогаш морам да претрчам до продавница, или пак кога ќе дојде некој и треба да го послужам, а нема кој да внимава на неа, ѝ го давам таблетот што ѝ го купи сопругот. Значи, не ја лишуваме од сите овие алатки на 21 век за кои сметам дека им го испираат мозокот на децата, но ѝ ги даваме на пола час, а не да ја оставиме цел ден со таблетот во рака. Порано немаше шанси да викнеш по неа и таа да застане и да се врати, ѕид со глава ќе урне ама ќе го направи тоа што го наумила. Но затоа пак сега веќе знае да седи мирна во автобус и да си ја држи чантата во раце кога понекогаш кога е сопругот на работа морам да ја носам на пливање или на логопед (кај госпоѓа Ивана) сама. За тоа порано немаше теоретски шанси.  Ужива во вода и каде и да види вода, таа влегува. Една година веќе оди на базен, во оу „Димитар Влахов“, презадоволна сум од персоналот, и иако сѐ уште плива со гума, ужива во пливањето. Ја носиме на терапија во Заводот за деца и млади, и како помала ѝ дававме гамибетал, но кога читавме со сопругот во упатството за неговото негативно дејство, плачевме, срце не болеше.

Ја замолив докторката Ќаева, и ѝ предложив да ни ги укине и да ни посочи некој алтернативен начин за да ја смириме, некој чај од тревки. Таа ми рече дека ќе се измачиме, но ни препорача чај од камилица и од мајчина душица. Ѝ кажав дека е и тоа подобро отколку да го труеме детето дополнително на сите маки што ги има. Од тогаш секое утро ѝ давам чајче со една свежа урма, а и ние си земаме по 1 урма со чај или со кафе и среќна сум што веќе не прима никаква терапија. Сака овошје, па ѝ давам различни комбинации, но редовно ѝ ги зачинувам со цимет и со урма. Соработуваме со една докторка за алтернативно лекување и со неа се советуваме и за начинот на исхрана. На пример, обожава чорбичка со црвена леќа, со кромид, морков и компир. Сѐ уште тешко голта, јаде пасирано повеќе, но трпеливи сме. Сѐ е тоа последица… две години да те затворат и од кревет да не те извадат, каков ќе бидеш?

Нема страв од ништо, големо куче ќе грабне ќе го крева, ќе го гушка, но фала му на Бога, ниедно не ја каснало. Сѐ во смеење, бега и трча, и се врти да види дали ќе ја стасаат, но само Господ да ја чува. Таа е сонце наше“, вели госпоѓа Мајмире.

Таа пак редовно оди на семинари, а беше дел и од конгресот за проектот „На секое дете му треба семејство“, на Министерството за труд и социјала и УНИЦЕФ, и зборуваше пред 300 луѓе на панел дискусија и ги освои симпатиите на сите присутни, а доби честитки и од првите луѓе на УНИЦЕФ.

Со Мајмире и со нејзиниот сопруг и девојчето, се разделивме после час и половина. Тргнаа кон излезот на Зоолошката градина сѐ додека малечката не здогледа вода. За среќа, ја стасавме пред да влезе внатре. Бегаше од нас со широка насмевка на лицето. Кога конечно ја фатија, престана да се спротивставува. Претпоставувам дека во автомобилот собра доволно сила за да им ја „спрашти“ на излегување пред нивниот дом во село Батинци. Но тие се веќе добро уиграно семејство. Се надеваме дека ќе им се исполни желбата и дека еден ден ќе ја испратат од својот дом порасната и умна, дали како невеста, дали како возрасна жена која ќе може да се осамостои и да живее нормален живот, сеедно. Во секој случај, нивната љубов е бескрајна.

Драгица Христова

loading...