Деветгодишнo девојче од Мичиген шие маски, донирало повеќе од 500

Михаела Мунјан од Оукланд Тауншип, Мичиген, ги поминала последните неколку месеци шиејќи и донирајќи маски за лице, користејќи ги вештините што ги научила во училишниот клуб за шиење.

0
120

Повеќето ученици од основните училишта со нетрпение го очекуваат последниот училишен ден затоа што тоа значи долги летни денови поминати во играње надвор или со пријателите, но деветгодишната Михаела Мунјан од Оукланд Тауншип, Мичиген, со нетрпение го очекува летото од друга причина. Таа ги поминала последните неколку месеци шиејќи и донирајќи маски за лице, а часовите за домашни задачи ги менувала за дополнителни часови за шиење.

Михаела била дел од училишниот клуб за шиење кадешто ги научила основите на шиењето (вклучително и како да користи машина за шиење). Таа сакала да вежба и дома, па правела торби, мали парчиња облека за нејзината мачка Минерва, а кога почнала пандемијата и нејзиното училиште било затворено, таа ги слушнала родителите како зборуваат дека ќе има потреба од маски за лице. Им рекла дека може да ги направи на нејзината машина, тие ѝ помогнале да најде обрасци на интернет и почнала да шие маски за целото семејство.

Набрзо сфатила дека направила повеќе маски отколку што му требаат на семејството. Решила да направи за секој на кој му е потребна, па нејзините родители почнале да објавуваат информации за нејзината активност на „Фејсбук“. Добиле толку многу барања, што направиле страница на оваа социјална мрежа која се вика „Компанијата за пријателско покривање на лице Чупакабра“ (прекар за мачката).

Родителите на Михаела го водат профилот на социјалните мрежи, а добиле стотици барања за маски во изминатите неколку месеци. Досега Михаела направила повеќе од 570 маски за медицински сестри, за вработени во здравствени домови, за персоналот во нејзината омилена пицерија и за голем број семејства. Во моментов шие маски за граѓаните на Мичиген што живеат во Шведска и Тајланд, а се подготвува да сошие маски и за друга локална пицерија.

„Добро е чувството кога помагаш некому. Се надевам дека и другите ќе се охрабрат и ќе го сторат истото. Сите треба да си помогнеме меѓусебно за да го пребродиме ова“,  вели Михаела.

Нејзините родители, Кристен и Мет Мунјан, биле воодушевени од нејзината волја да им помага на другите.

„Ние сме неверојатно горди на нашето девојче. Како родител, се обидувате да воспитате и израснете добри луѓе, љубезни луѓе. Среќни сме што сме нејзини родители“, изјавил Мет.

Фото: Фејсбук

loading...