Децата со Даунов синдром добија заеднички дом во центарот на Скопје

Денеска и официјално беше отворен првиот Дневен центар за децата со Даунов синдром во центарот на Скопје, кадешто тие ќе можат да се дружат, да учат, да спортуваат, да вежбаат, но и да се изрелаксираат и да поспијат

0
96

Денеска и официјално беше отворен првиот Дневен центар за деца со Даунов синдром кај нас. Центарот се наоѓа зад Соборниот Храм, на вкупна површина од 381 м2. Центарот е поддржан и од Град Скопје. МТСП преку Центарот за социјална работа на Град Скопје, го опремило со средства во висина од 6 милиони и 500 илјади денари. Целата адаптација и опремувањето на овој Дневен центар е во соработка со родителските здруженија на децата со Даунов синдром и комплетно одговара на потребите на децата за поддршка на нивниот психофизички развој.

Во Центарот е поставена опрема за подобрување на физичката состојба на децата, односно справи за трчање, пинг- понг маса, топки за пилатес, опрема за развој на фина моторика и друга дидактичка опрема, но и соби за одмор и хидро масажa. Дополнително, на долниот спрат е поставена кујна со сите содржини, бидејќи во иднина е планирано да се развие и социјално претпријатие, односно кетеринг сервис. На овој начин децата и младинците од Центарот со поддршка на стручни лица и родителите, ќе можат да бидат и работно ангажирани.

Развојот на Центарот се одвива со поддршка од лица на Центарот за социјална работа, Заводот за социјални дејности и Градот Скопје кој веќе финансира проект за поддршка на децата со Даунов синдром во рамките на овие простории. Секако, тука е и соработката со родителите на децата, и со Граѓанските организации како Трисомија 21, со кои министерството развива партнерски односи од самиот почеток.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вели дека Центарот е резултат на соработка на повеќе засегнати страни, и како што рече, тој покажува дека може да се добијат стандарди и квалитетни услуги и сите да бидат задоволни.

„Социјалната реформа од една страна се базира на давање повеќе пари кон граѓаните, што го правиме со новите закони, но втората, и можеби најважна компонента е развојот на услугите. Со овој Дневен центар покажуваме дека услугите се важни за квалитетот на секојдневното живеење на  секој еден граѓанин вклучително и на лицата со попреченост“, рече Царовска.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, потенцираше дека Градот втора годинаа по ред финансиски го поддржува Здружението на родители на деца со Даунов синдром, и најави дека таквата поддршка ќе продолжи и во иднина.

Центарот ќе работи двосменски од 8 часот наутро до 20 часот навечер. Со децата ќе работи стручен тим од Центарот за социјални работи – педагог, психолог, дефектолог и негувател, но и претставници на Здружението на родители на деца со Даунов синдром. Ќе се спроведува и групна и индивидуална работа со овие деца.

Елизабета Пендаровска, сопругата на претседателот на државата, смета дека станува збор за исклучително важен Центар кој ќе овозможи подобрување на социјалната состојба на овие дечиња, кои треба што повеќе да се дружат и да се социјализираат.

Но, исто така, Пендаровска смета дека треба да се работи и на нивна целосна инклузија во општеството преку развивање на нивните способности и таленти, а не да бидат изолирани во поединечни центри.

На отворањето на првиот Дневен центар за Даунов синдром беше упатена порака сите граѓани кои се во можност да дадат придонес во неговото функционирање преку волонтирање.

„Ги повикувам сите родители да се пријават во ЈУ МЦСР на Град Скопје или во просториите на Дневниот центар за деца со Даунов синдром за да добијат информации за начинот на користење на услугите на Центарот и да поднесат барање за користење на наведените услуги“, дополни Царовска.

loading...