Децата со попреченост се соочуваат со стигма, дискриминација и изолација

Децата со попреченост честопати се соочуваат со исклученост во текот на целиот живот.  Многу од нив се „невидливи" - не се вклучени во официјалните податоци, голема е веројатноста да не одат на училиште и да се чуваат дома надвор од очите на јавноста. Тоа не е фер ", вели  Елспет Ериксон, заменик-претставник на УНИЦЕФ.

0
42

(МИА) Стигма, дискриминација, сегрегација, изолираност од семејството и другите деца, непристапност до образованието и до образовните објекти, се само дел од проблемите со кои се соочуваат децата со попреченост во Македонија.

Потребни се реформи, модификации во содржината, во методите на подучување, структури и стратегии во образованието, но и подигнување на јавната свест, со цел да се надминат бариерите за на сите деца од сите возрасти да им се обезбедат еднакви можности за учество во учењето и околина која одговара на нивните барања.

Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, чија потписничка е и Македонија, го гарантира правото на децата со попреченост на квалитетно инклузивно образование. Земјава треба да создаде услови за ова право децата со попреченост да можат да го оставарат, особено во редовните, а не посебните училишта. За тоа да се направи недостигаат реалнни бројки за овие деца, но и поголем број дефектолози, логопеди и друг стручен кадар во училиштата.

Согласно евиденцијата на Министерството за образование и наука, а врз основа на доставените податоци од раководствата на сите државни и општински основни и средни училишта, во изминатата учебна 2017/2018 година имало 1.246 основци со посебни образовни потреби, од кои 431 во посебните основни училишта и 815 во редовните основни училишта. Настава посетуваат и 525 средношколци со посебни образовни потреби, од кои 240 во средните училишта за ученици со посебни образовни потреби и 285 ученици во редовните средни училишта.

Од друга страна, пак, податоците од Министерството за труд и социјална политика, покажуваат дека има 5.895 деца со посебни потреби кои остваруваат посебен додаток. Од нив, комбинирани пречки во развојот имаат 1.350 деца, телесна инвалидност 1063 деца, слепи, глуви и неми, вкупно 429 деца, ментална попреченост 847, со аутизам 108, даунов синдром 103, цереврална парализа 93, а најтежок облик на хронично заболување 1.751 дете. Сепак, има и заболувања кои овозможуваат вклучување на децата во редовниот процес, но и деца под шест години кои се уште не посетуваат настав.

Во текот на 2018 година во установите за деца се вклучени 379 деца со пречки во развојот од кои само 4 се со документ од лекар  дека се со одредени попречености, додека останатите се детектиран од страна на згрижувачко воспитниот кадар.

– Децата со попреченост честопати се соочуваат со исклученост во текот на целиот живот.  Многу од нив се „невидливи” – не се вклучени во официјалните податоци, голема е веројатноста да не одат на училиште и да се чуваат дома надвор од очите на јавноста. Тоа не е фер “, вели  Елспет Ериксон, заменик-претставник на УНИЦЕФ.

Таа смета дека квалитетното образование може да се постигне само кога секое дете, вклучувајќи ги и децата со попреченост одат на училиште и добиваат инклузивно квалитетно образование кое им обезбедува знаење потребно за живот.

Според неа, иако има напредок во подигнувањето на јавната свест,  и натаму треба да се работи на тоа. Претходно, само четири отсто од родителите, рече, сметале дека деца со попречености треба да учат заедно со нивните деца, а сега тој процент е шесткратно зголемен и 24 отсто од нив имаат позитивен став за ова прашање. 

Квалитетно вклучување на овие деца во образовниот процес подразбира и проширување на мрежата на инклузивни училишта, целосно ангажирање на родителите и Здруженијата на лица со попреченост  во текот на реформскиот процес, како и за потребата инклузивното образование да стане дел од сите предмети во образованието за наставниците и да се обезбеди континуиран професионален развој на наставниците.

Потребно е и зголемување на инвестициите за да се направат достапни училишните згради и да се изготват наставни материјали, да се ревидира законодавството за зајакнување на механизмите за спречување на дискриминација по основ на попреченост и да се усвои Меѓународната класификација за функционирање, попреченост и здравје како нов јазик за попреченоста. Потребно е и дефинирање на улогата на дефектолозите и специјалните училишта  да се трансформираат во ресурсни центри со цел да се поддржат наставниците во редовните училишта.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека со цел воспоставување подобри услови и овозможување на  пристап на сите деца, а особено и на децата со попреченост  и нивното вклучување во предучилишните установи во изминатиот период започнал процес на вработување на стручен кадар со цел пополнување на соодветните стручни тимови (педагог, психолог, дефектолог, логопед и социјален работник). Овој процес ќе продолжи и во наредниот перид со цел комплетно пополнување на систематизираните работни места во јавните  установи за деца, и формирање на тимови од професионалци кои ќе имаат компетенции и вештини за работа со деца со попреченост.

Од МОН сметаат дека постојниот систем е добар, но оти може да се унапредува и подобрува. Потсетуваат дека овие деца добиваат стипендии, ослободени се од партиципација за сместување до ученички и студентски домови. Се набавува асистивна технологија, се зајакнуваат стручните служби психолози, педагози и дефектолози, а се обезбедени и персонални асистенти.

Од Министерството за образование планираат и измени на Законот за основно образование, кои предвидуваат на ниво на паралелка во редовно основно училиште да се запишат до два ученика со посебни потреби, специјалните училишта да добијат дополнителна дејност да станат ресурсни центри, со можност за мобилност на веќе постоечкиот искусен кадар.

Една од реформите за воведување инклузивно образование, или образовниот процес да се врши по мерка на секое дете, ќе биде обуката на наставниот кадар како да работи со деца со пречки во развојот и деца од семејства со низок социо-економски статус. Обуките ќе ги вршат 40 наставници од мрежата од 30 основни училишта во Македонија кои веќе имаат воведено инклузивно образование. Овие наставници се избрани како лидери во процесот на примена на инклузивно образование, а и самите поминале низ обука за национални обучувачи.

Нора Шабани, специјалист за образование од УНИЦЕФ, пак, посочува дека високите нивоа на стигма и дискриминација резултираат во масовна институционализација, сегрегирано образование, специјални паралелки или пак изолираност во семејство. Смета дека инклузивно образование не е сместување во редовни паралелки без промени, во организација, наставни програми стратегии за подучување. Интеграцијата вели не гарантира автоматски премин од сегрегација кон инклузија. Инклузивно образование не е компатибилно со состојбата на одржување на два паралелни системи редовно, и специјално/сегрегирано.

loading...