Димитар Костадиновски: Не можам да опишам како е кога не можете да бидете на роденденот на своето дете

Од ЦСР Штип отворено ми кажаа дека повеќе нема да одговараат на моите барања и жалби затоа што, како што велат, веќе ми дале сѐ што можело да ми се даде, повеќе отколку на било кој друг татко. Но јас не се откажувам и ќе барам 50/50!

0
1944

Додека зборува како за последниот роденден на својот син се појавил 15 минути пред останатите гости во игротеката во која детето со неговата мајка и нејзиниот нов партнер ги очекувале гостите, за да му го даде ветениот подарок, на нашиот соговорник му потекоа солзи. „Не можам да ви опишам колку е тоа тешко!“ – ни рече тој, криејќи ги солзите.

Нашиот соговорник се вика Димитар Костадиновски. Тој е млад и успешен бизнисмен од Штип. Разведен е веќе пет години и има син на осумиполгодишна возраст. Го гледа по оној терк по кој центрите за социјална работа им ги даваат децата на повеќето од нашите досегашни соговорници кои се дел од Иницијативата за заедничко и одговорно родителство после развод: секој втор викенд и по неколку часа во текот на еден ден другите две недели во месецот (кога не е нивниот викенд). И да, тоа се оние родители, најчесто татковци, кои ја добиле „премијата“!

Димитар и неговата сопруга се развеле кога детето имало 3 ипол години. На почеток го гледал и помалку – секоја втора сабота  го земал во 11 часот, а го враќал кај мајка му во недела во 20 часот.

„На мое барање и после многу напишани молби и жалби до Центарот за социјални работи во Штип, ми дозволија да го гледам син ми секој втор викенд такашто ќе го земам во 17 часот во петок и ќе бидам со него до 20 часот во недела. И кога не е мој викенд го земам во петок од 17 до 20 часот. Живееме 2 ипол километри едни од други што е  на 5-10 минути со кола и навистина не гледам причина зошто сѐ мора да е толку стриктно и строго. Јас инсистирам ова да се смени, бидејќи тие 3 часа кои ги добиваме за да бидеме заедно во оние петоци кога не е мојот викенд, се смешно малку, дали да се види со баба и дедо, дали со тетка му кога е тука, дали да си игра со другарчињата?!

Од ЦСР Штип велат: „Имаш повеќе од било кој друг и повеќе нема да одговараме на твоите жалби и барања!“

Но јас сакам повеќе, сакам да го однесам некогаш и јас моето дете на училиште, сакам сите да знаат дека сум му јас татко, а не новиот партнер на мајка му чија ќерка учи со син ми. Имав и 20 дена летен, и 10 дена зимски одмор, но на барање на поранешната сопруга, од зимскиот ми скратија 3 дена, па сега имам 7 дена зимски одмор со син ми.

Еве вчера, одеше на екскурзија, а јас не смеев да дојдам таму и како и сите други родители, да го испратам и да му мафнам. Таму беа мајка му и нејзиниот нов партнер, тие го испратија, а јас не отидов за негов атер, затоа што ми рече: тато не доаѓај зашто мама ќе се лути.

И секогаш е истото…Сака да останува повеќе кај мене, но се плаши дека мајка му ќе му се налути ако ја праша дали може да остане подолго. Кога беше помал, кога доаѓаше време да го вратам кај мајка му, морав да го лажам дека имам работа дури и кога немав. Неколку пати кога одев во училиште, мајка му некако ќе дознаеше дека сум бил, па му велела: што има татко ти да доаѓа во училиште, од Центарот кажаа од кое место да те зема и да те враќа!

Се обидувам да имам комуникација со неа, да се договараме за нему да му биде полесно. Минатата година кога го повикаа во Центарот беше многу исплашен, не сакаше да влезе внатре, се истрауматизира, па за да го поштедиме рековме дека ќе се договараме самите, и навистина направи некои отстапки, на пример, за регистрацијата на сестра ми му дозволи да дојде и да преспие кај мене иако не беше мој ден, но во поглед на зголемување на оној друг дел кој сакам да го добијам со него, односно, да можам да го однесам во училиште, да видат дека и тој има татко, да бидам дел од неговиот образовен процес, се нема слух.

Но јас нема да се откажам бидејќи вака сите страдаме, не само јас и моето дете, туку и целото семејство, баба му и дедо му, прабаба му, тетка му, другите роднини,… Затоа кога ќе дојде за викенд, не знаат како да му удоволат, да го изгушкаат. Тој си има своја соба кај мене, а јас ниту сум криминалец, ниту алкохоличар, ниту наркоман. Не сум совршен, но никој не е совршен. И не гледам зошто не би можеле да имаме рамноправно родителство, зошто тоа некому му пречи?

Инаку, Центарот за социјални работи во Штип е добро разработен да ги одвојува децата од нивните татковци, тие ќе направат сѐ да се откажеш. Тие се добро уиграни, наводно се фини, добри, не советуваат, но ете, сметаат дека премногу барам. Тоа што за нив е премногу, за мене како татко е подеднакво родителско право и одговорност и ќе продолжам да се борам за тоа“, ја завршува Димитар својата приказна.

Драгица Христова

loading...