Додека една ‘самохрана’ мајка не сака помош од таткото, друга – нема помош

Во актуелната состојба со Корона вирусот, могу родители немаат решение за своите деца, но има и такви кои не сакаат да ја прифатат помошта на поранешните сопружници дури ниту кога е тоа во нивни и во интерес на детето. И некои од нив се претставуваат како самохрани родители

0
287

Деновиве родителите на деца од 0-6 години кои според последната владина одлука, на 23.септември треба да се вратат на своите работни места, протестираа пред Владата.

Иако градинките ги отворија вратите на 9-ти септември, а оттаму велат дека не доаѓаат ниту половина од запишаните деца, родителите во страв за здравјето на нивните деца настојуваат да се одложи тргнувањето во градинка до почетокот на јануари, а ним да им се продолжи отсуството од работа.

Незадоволни се и родителите на деца од прво до трето одделение за кои државата не обезбедува дневен престој во новата учебна година, па по укинувањето на мерката за ослободување од работа на еден родител од семејство со дете до десет години, тие се прашуваат кој ќе се грижи за децата од 6 години по завршувањето на часовите.

И така, и едните и другите, загрижени за своите деца, бараат чаре. Додека некои ќе ги чуваат бабите и дедовците, а некои пак ќе си добијат дадилка, има и такви чии родители немаат можност за ниту едно од овие две решенија, ама и такви кои поради личните несогласувања со другиот родител на нивните деца, не сакаат да ја прифатат неговата или помошта на неговото семејство.

С.Т. (37) од Скопје вели дека и тој и неговите родители би биле пресреќни да ја споделат грижата и обврската околу чувањето на неговиот син кој годинава ќе тргне во прво одделение, но неговата поранешна сопруга не сака ниту да чуе и упорно зборува за себе како за самохрана мајка која нема никој кој би можел да ѝ помогне со детето.

„Како да не постојам ниту јас, ниту неговите баба и дедо, моите родители кои се се уште здрави, живи и витални и можат и сакаат, всушност, копнеат по својот внук“, вели нашиот соговорник.

Нашата соговорничка Л.Р.пак, вели дека нејзиниот поранешен партнер и родител на нејзиното дете, постојано ги избегнува сите обврски кон детето. Л.Р. е од Прилеп, а работи и живее во Скопје, па не може да смета на помошта на нејзините родители, ниту пак на онаа на нејзиниот поранешен сопруг кој не сака да плати ни денар повеќе од алиментацијата од 5 илјади денари со која таа не може да си дозволи да ангажира некого да го чува детето после часовите. Таа вели дека тој дури и кога е слободен, не сака да го причува детето ако тоа не е во договорениот термин.

Во меѓувреме, иако во градинките приоритет имаат деца од семејства на самохрани родители и на двајца вработени, не доаѓаат сите деца кои се запишани бидејќи нивните родители се плашат, особено по двата случаи со КОВИД-19.

Во повеќе градинки, во групите каде првично требало да престојуваат шест деца, доаѓале само по 2-3 деца, иако биле пријавени како приоритетни. Оттука, од градинките апелираат семејствата кои имаат и други можности за згрижување на децата, да го ослободат местото за некој кој нема друг избор.

Иако реално голем број родители се соочуваат со вистински проблем, дел од нив ништо не може да ги натера, ниту за доброто на своите деца, да соработуваат со поранешните сопружници.

Како и да се сврти, на крајот ќе настрадаат децата.

Фото: Pexels

loading...