Доење за здрав почеток на животот на секое бебе

Да ги поддржиме родителите за да го овозможиме доењето - е слоганот на годинешната Светска недела на доењето која се одбележува секоја година од 1 до 7.август

0
118

Во пресрет на Светската недела на доењето 2019, која се одбележува секоја година од 1 до 7. август, Организацијата Лулка – Здружение за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца, ве поканува да се придружите кон глобалната цел – промоција, заштита и поддршка на доењето како најдобар можен начин за хранење на бебето.

Доењето е важен предуслов за правилен раст и развој на секое новороденче и за лесно и квалитетно поврзување на родителите со своето бебе.

Слоганот на Светската недела на доењето 2019 гласи „ Да ги поддржиме родителите за да го овозможиме доењето“. Целта на активностите на Лулка во текот на неделата на доењето и во текот на месец август е да се обединат сите фактори во општеството за обезбедување на услови за навремено започнување на доењето и за негово одржување во првите 2 години од животот. Доењето е процес кој во рамки на семејството овозможува навремено и квалитетно поврзување на родителите со бебето и задоволување на неговите потреби за правилен раст и развој, во моментите кога тоа е особено важно.

„Во текот на кампањата ќе бидат објавени голем број материјали и ресурси за поддршка на доењето, студии, резултатите од анализата на ставовите на мајките и на експертите која ја изработи меѓународната организација EFCNI. Како дел од активностите за Светската недела на доењето, на 21.08.2019 година ќе биде одржана и работилницата Научете како да го доите Вашето бебе, за трудници во третото тромесечие од бременоста, за мајките кои се породени како и за родителите на предвреме родено бебе кои сакаат да ја одржат лактацијата и да го дојат своето новородено по испис од болница “, информираат од организацијата Лулка.

Во следниот период е планирано и одржување на обуки за доење за здравствените работници кои работат со трудници, новородени и доенчиња, со цел пренесување на важни информации за современата поддршка на доењето, што претставува важен предуслов за зголемување на доењето во државата и здрав почеток во животот на секое бебе.

Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – ЗА НАС ќе биде вклучено во активностите за  промоцијата и поддршка на доењето, пред се преку информирање на здравствените професионалци за значењето и бенефитите од доењето и за современите начини на поддршка на доењето. „Поддршката на родителите во процесот на доење е особено важна за совладување на техниката на доење од страна на мајката. Со стекнување на неопходните вештини за современа поддршка на доењето, здравствените работници ќе можат да и помогнат на мајката, да ја охрабрат и да ѝ го олеснат процесот на доење. Оваа поддршка на мајката и бебето треба да започне веднаш по породувањето, во неонатолошките одделенија, а да продолжи во домашни услови, преку делувањето на патронажните сестри“ – изјавуваат од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – ЗА НАС.

Светската недела на доењето се одбележува секоја година во август, а нејзиното влијание и бенефитите од доењето ги уживаат бебињата, мајките и семејствата преку целата година.

Што значи доењето за бебето, за мајката и за семејството?

Доењето е природен процес кој сосема спонтано започнува во првиот час по раѓањето, доколку биде обезбедена соодветна поддршка и ран прв контакт на мајката со нејзиното бебе. Од особена важност за овој процес е НЕразделувањето на мајката и бебето по породувањето и раниот контакт кожа-на-кожа, за што пишуваат сите истакнати здравствени организации како УНИЦЕФ, СЗО, Американската академија за педијатрија и други. Овој исклучителен момент има докажан позитивен ефект врз сите параметри поврзани со доењето – иницијално започнување на доењето, соодветна лактација, ексклузивно доење до 6 месеци и вкупно времетраење на доењето.

Важно е промовирање и одржување на ексклузивноста на доењето, без воведување на други течности и храна од раѓањето до 6 месечна возраст, како фактор кој обезбедува соодветна лактација кај мајката и одржливост на доењето до 2 годишна возраст и повеќе.

Доењето има докажан бенефит и за бебето и за мајката, кој вклучува: кај бебето намален број на инфекции во првата година, помала веројатност за појавување на дебелина и кардио-васкуларни болести во понатамошниот живот, подобра поврзаност со мајката и прифаќање; кај мајката намалување на веројатноста за појава на карцином на дојка и карцином на јајници, помала веројатност за појава на дијабет тип 2, хипертензија и сл.

Секако, како понов и голем предизвик, останува и раното започнување на исхрана со мајчино млеко и доење на предвремено родените бебиња, кое има огромен бенефит, како за малите и кревки предвремено родени бебиња, така и за семејството кое се бори со најразличните предизвици, во периодот на лекување на бебето на одделите за неонатална интензивна нега и по доаѓањето на бебето дома.

Зошто се одбележува Светската недела на доењето?

Со одбележувањето на Светската недела на доењето потсетуваме на важните предности и придобивки од доењето и ги повикуваме сите фактори во општеството, граѓаните,  родителите, здравствените работници и здравствените власти, да го препознаат бенефитот од доењето и да се придружат во активностите за негова заштита, промоција и поддршка на национално и на локално ниво.

Само на овој начин секое бебе ќе има најдобар можен почеток во животот и еднакви шанси за правилен раст и развој.

Фото: Pixabey

loading...