Драги Змијанац: Децата немаат храброст да пријават насилство и да побараат помош

Наставниците, меѓудругото, треба да бидат свесни и сензибилизирани за формите и нијансите на булингот, за да можат да им пратат јасна порака на учениците дека каква било форма на насилство во училиштата нема да се толерира.

0
144

Веќе месец ипол се одвива кампањата на детската амбасада Меѓаши под слоганот „И зборовите повредуваат“, поврзана со насилството кај децата, односно булингот. Кампањата ќе трае цела година, а на оваа тема позборувавме со првиот човек на Меѓаши, Драги Змијанац.

Како што забележуваат социјалните работници, булингот е сѐ позастапен, и за разлика од порано кога децата се соочувале со овој вид насилство само во училиштата, сега се појавува и нова форма, т.н. сајбер булинг.

„Проблемот со меѓуврсничкото насилство не е од вчера, тој егзистира со децении, но за жал, од година во година сѐ поинтензивно. Немаме бројка на јавувачи на СОС телефонот за деца и млади за овој проблем бидејќи децата ретко го пријавуваат булингот. Многу често тие немаат храброст да го пријават насилството и да побараат помош“, вели Змијанац.

Според него, последните два случаи на меѓуврсничко насилство, едниот во Гевгелија и другиот во Скопје, со фрлањето низ прозорец, се аларм кој треба да мобилизира и да потсети дека не само семејството, туку и воспитниот карактер и улога на образованието се клучни алки во растот и развојот на децата.

„Насилното однесување меѓу врсниците укажува на тоа дека се запоставува работата со децата и во семејствата и додека се на училиште и дека треба да се почне да се работи уште од најмала возраст. Но тоа не значи дека институциите треба да ја префрлаат топката дека децата доаѓаат на училиште невоспитани од дома и не можат во школите да ги превоспитаат, или пак родителите да очекуваат дека воспитувањето како дополнителна компонента ќе биде вградена во образовниот процес и ќе се работи со децата, туку да се фатиме на работа на превенција, да сме искрени и реални дека имаме насилство насекаде околу нас и дека ова е сериозен општествен проблем со кој младите тешко се справуваат“, вели тој.

Детската амбасада Меѓаши на 21 Септември започна кампањата против булинг во училиштата и надвор од нив со цел да предупреди за сериозноста на врсничкото насилство.

„Свесноста дека постои насилство и неговото препознавање е само прв чекор во справувањето со овој проблем. Сакаме долгорочни и адекватни стратегии кои градат училишта (и општество) нетолерантни на насилство. Меѓуврсничко насилство вклучува широка лепеза на однесувања кои се повторуваат помеѓу врсниците со намера да се навреди/повреди другиот (давање прекари, навредливи коментари, крадење или уништување на своина, графити, озборување, потсмевање, изолација, физичко насилство, сајбер насилство итн.).

Кампањата ќе се одвива и развива во текот на целата учебна година на национално ниво под слоганот „И зборовите повредуваат“ а за училиштата под слоганот ,,Булинг? НЕ во моето училиште“. По добивањето согласност од страна на Министерството за образование и наука, упативме порака до сите училишта во Република Македонија да се вклучат во Кампањата против врсничко насилство и прилагодено на детската возраст да разговараат на тема врсничко насилство или самите да осмислат адекватни активности.

Како што очекувавме, голем број училишта веќе започнаа најразновидни активности и работилници на тема Булинг. Исто така спроведуваме обуки за наставните кадри во училиштата, на оваа тема бидејќи наставниците меѓудругото треба да бидат свесни и сензибилизирани за формите и нијансите на булингот, за да можат да им пратат јасна порака на учениците дека каква било форма на насилство во училиштата нема да се толерира“, вели Змијанац.

Кампањата против врсничкото насилство ќе добие зголемена јавна видливост преку веќе поставените 35 билборди и 15 сити лајт постери во повеќе градови низ Република Македонија; краток видео клип што ќе се објавува на социјалните мрежи, телевизиите, радио станиците; дистрибуираните материјали за учениците од вклучените училишта во програмата за Мировно образование при Детската амбасада МЕЃАШИ (пенкала, тетратки, беџеви, флаери, постери, маици, налепници итн.) со содржини кои го промовираат ненасилството и поттикнуваат на подобро меѓусебно разбирање. Дел од промотивните материјали се објавени и на албански, турски и ромски јазик.

Исто така, во рамки на кампањата преку целата учебна година ќе бидат одржани серија обуки за наставните кадри на тема ,,Булинг“ и како да се превенира и работи на намалување на врсничкото насилство и последиците од истото. Во рамките на училиштата ќе се одржат серија активности, работилници, форум театри, танц театри, дискусии на темата ,,Булинг“…а исто така ќе биде објавен и прирачник за наставниците. Во склоп на другите печатени материјали децата ќе имаат можност да се запознаат на повидлив начин со ЅОЅ контактите за деца и млади при Детската амбасада МЕЃАШИ.

loading...