Драгослав Копачев: Нашиот воспитно-образовен систем ја задушува личноста на детето

Поради сѐ помалата видливост на родителот во воспитно-образовниот процес, денешните родители свесно или несвесно ја кршат личноста на децата.

0
4838

Децата со полиберални и реални ставови, децата кои бараат да бидат разбрани и прифатени, кои сакаат да бидат вреднувани, кои сакаат да создаваат, тие наши деца најчесто, откако ќе се стекнат со диплома, патот го бараат во странските земји каде што можат да ја искажат својата љубопитност, знаење, односно севкупната индивидуалност. Тоа се истите тие „непослушни“ деца кои во текот на воспитно-образовниот процес се чувствувале најмногу задушени од нашиот воспитно-образовен систем, објаснува проф. Драгослав Копачев, невропсихијатар, во разговор за „Мајка и дете“.

Бевте еден од острите критичари на образовниот систем на Македонија во рамките на поранешна Југославија, каква е денешната „клиничка слика“ на воспитно-образовниот систем?

– Реформите во образованието не ги задоволуваа потребите кога Македонија беше во составот на Југославија, а по осамостојувањето се воведоа многу други реформи кои уште повеќе ја хаотизираа состојбата во образованието. Затечени останаа децата, родителите, наставниците и општеството. Училишниот материјал е три пати поголем во однос на оној од поранешна Југославија. Часовите наводно се скратени, но сѐ уште детето треба да издржи настава од седум часа. Неинтересната настава, незаинтересираните наставници, збунетите родители чии мисли се свртени кон опстанокот, од детето направија декор-предмет оставен сам на себе. Образованието стана толку непрактично и здодевно што направи децата да бидат отуѓени од вистинските човечки потреби. Во меѓувреме, образованието ја глорифицираше полтронската улога, направи збрка во изградување на идентитетите кај децата, ја зголеми беспомошноста на наставникот, при тоа нарушувајќи го неговиот углед и го направи невидлив во образовниот процес. Кај децата наполно се задуши љубопитноста, а доминира отуѓеноста и агресивноста. Речникот на учениците стана сѐ полош, лектирите се читаат во скратена верзија која може да се најде на Интернет, па ако прашате младинец која е Ана Карењина, веројатно ќе добиете одговор дека таа е глумица. Со примена на компјутерите за потребите на училиштето, се бараат само „брзи прсти“ и се сервираат „инстант“ информации. Сѐ како да мора да биде што е можно побрзо, а оваа брзина нема никаква смисла и не дава време за размислување. Накусо, училиштето денес подразбира она што е итно, а не она што е битно.

Значи ли тоа дека исчезна хуманистичкото образование кај нас?

– Не можеме да зборуваме за хуманистичко образование кај нас. Мислам дека го нема. Хуманистичкото образование има задача да создава луѓе кои ќе продолжат да учат и кога нивното формално образование ќе заврши. А сега, гледаме дека образованието служи колку да се стигне до диплома, односно до работно место. Образованието е она што општеството го прави цивилизирано, нѐ учи да размислуваме, да преиспитуваме и полека да ги осознаваме тајните во животот. Хуманистичкото училиште се залага за самостојност, креативност и индивидуалност на ученикот. Далеку сме ние од тоа! Во нашите училишта индивидуалноста на ученикот не се почитува, туку послушноста и комформизмот. Затоа имаме и цели генерации на такви личности кои денес ги гледаме како одлично функционираат во групи, во партии.

Но, што да прави во вака поставениот образовен систем родителот за да му помогне на своето дете, греши ли тој некаде?

– Родителот секако посакува сѐ најдобро за своето дете и на свесно ниво можеби и не греши. Тој е само многу збунет. Кога кај децата нешто не оди во училиште, целата вина се „фрла“ врз родителите, лошото домашно воспитание, конфликтите меѓу родителите и слично. Односот меѓу училиштето и родителите стана однос меѓу налогодавач и послушник. Родителот мора да молчи, да ја прифати агресијата истурена врз него и сам да си го реши проблемот, инаку неговото дете ќе биде оставено „на цедило“. А не секој родител има можности да плати дополнителни часови за да му помогне на своето дете. Од друга страна, честопати скапиот подарок, приватните услуги, па и митото, значат успех во учењето. Поради сѐ помалата видливост на родителот во воспитно-образовниот процес, денешните родители свесно или несвесно ја кршат личноста на децата. Сѐ помалата соработка на релација деца-родители-наставници направи само да се бара од децата, да се казнуваат, да се отфрлаат, што доведува до појава на стравови од неуспех, причини за бегства од училиштето и нарушени однесувања. А ако децата и младинците добијат чувство дека нивното мислење и ставови никој не ги уважува, тие подоцна и како возрасни ќе бидат несигурни, фрустрирани и агресивни личности.

Сепак, и на голем дел од родителите им е важен одличниот успех на своето дете, се форсира ли премногу тоа „мораш да бидеш успешен“?

– Погрешно е мислењето дека одличниот успех на ученикот е гаранција за добивање на вистински стручњак во иднина. Треба да се обрне посебно внимание токму на оние деца кои ги одбележуваат како фантазери, сонувачи, отсутни, необични, хиперактивни, на кои часот им е здодевен и празен. Се прашувам, дали еден Тесла, на пример, или Ајнштајн или Моцарт, доколку учеа во овој наш образовен систем, ќе требаше да се најдат во некои од посебните училишта. А тие амбиции на родителите, исто како и оценувањето, претставуваат извор на болест.

Мислите дека учениците не треба да се оценуваат? Зошто?

– Затоа што оценката врши одбирање и класирање на учениците, ја одбележува личноста на ученикот, ја гуши љубопитноста и креативноста на детето, го спречува созревањето, самореализацијата и создава конформистички личности. Оценката ги руши идентификационите модели и изградбата на сопствен идентитет, и секако доделува полтронски улоги. Оценката знае да биде и причина за отуѓеноста на детето, поради неа се јавува стравот, отфрленоста, беспомошноста, па дури и депресивноста. Всушност, оценувањето го одложува правовременото живеење на детето за некои други времиња и на тој начин ги има истите карактеристики како и болеста што го оттргнува детето за извесен период од неговото активно живеење.

Што е со денешните наставници? Не мислите ли дека и тие, исто како и родителите, се збунети?

– Секако дека и тие се збунети, зашто овој современ наставно-образовен процес не ги почитува ни своите наставници. Од нив се бара да бидат послушници и да бидат задоволни со тоа што добиле работно место од државата. Дали ваквиот наставник може да биде идентификационен пример за децата?! Државата, пак, не ја интересира ова, туку постојано ветува зголемувања на платите, како еден вид награда за послушноста. Е, вака се создаваат духовно мрзливи воспитувачи. Понатаму, голем број наставници го поттикнуваат егоизмот кај децата затоа што негуваат привилегии кон оние кои се вклопуваат во нивните бесмислени барања. Се кочи интелектуалната слобода на децата и се „забранува“ тие да може да ги диференцираат своите чувства, да добијат позитивни мотивациони ефекти. Добар дел од наставниот кадар во училиштата како да не покажува разбирање за многу специфични проблеми, специфични тешкотии во учењето, туку ги толкува како неучење, слаб успех, а со тоа ги потхранува нагонските пориви кај децата, особено агресивноста.

Новите реформи вклучија соработка меѓу психолозите, дефектолозите и наставниците. Како таа соработка функционира?

– Иако постојат психолози и дефектолози во најголем број од училиштата, сметам дека се малку едуцирани за преземање на вистински интервенции во стрес и конфликтни состојби кај децата и младинците, и сѐ се сведува на тоа да се задоволат потребите на авторитетот, во овој случај, директорот на училиштето, кој пак е поставен од градоначаникот на општината, па и од него се бара послушност. Во иста смисла конкурсите за одбирање на вистински, хумани наставници, стручни пред сѐ, кои секако дека ги имаме, се сведуваат на блиските познанства со градоначалникот или на ургенција на актуелната политичка партија. Декларативно постојат тимови од наставници, психолози и дефектолози, но тие повеќе бараат грешки кај родителите и најчесто „проблематичните“ деца ги префрлаат од едно во друго училиште. Сѐ додека политиката не ги крене рацете од образовниот систем, не можеме да очекуваме никакво подобрување, па какви и реформи да се воведат. Најпосле, воспитно-образовниот систем не може да го води Министерството со својата груба арбитражна моќ, а често пати и со толку малку надарени чиновници кои таа арбитража ја инспирираат и ја вршат, туку Министерството треба да ја задржи улогата на сервис за подмладокот на својот народ.

Кога сме кај реформите, видовме дузина неуспешни. Какви реформи би функционирале во нашиот воспитно-образовен систем?

– Повеќе реформи преземени од Европа се покажаа како нефункционални. Мислам дека сме преамбициозни и многу брзи во спроведување на преземени реформи зашто ние не сме подготвени да ја стигнеме веднаш Европа. Тоа го покажа и Кембриџ програмата и екстерното оценување и ред други реформи кои потврдија дека за нашите деца не се најадекватен воспитно-образовен постулат. За да имаме здрави реформи, методолошките пристапи мора да ги земат предвид возраста на детето, содржината на предметите, специфичните облици на дисхармоничниот развој во областа на когницијата, психомоториката, емоциите и социјализацијата, видот и длабочината на евентуалниот хендикеп, како и фронталниот пристап. Фронталниот пристап кон децата кои се во развој во ниеден случај не смее да биде правило кон сите деца, односно наставникот треба да настапува по правилото секој спрема можностите и потребите на детето. Програмите не смеат да бидат ниту класно ниту национално обоени, туку да бидат програми направени за овие наши простори, за овие наши деца соодветно на нашиот идентитет, култура и психолошки склоп, доколку сакаме да создаваме здрави личности. Затоа, ред е нашето училиште еднаш да излезе од сопствениот нарцизам, да се приземји и да се оспособи да ги следи децата низ сите нивни развојни етапи и да понуди разбирливи информации.

 

loading...