Еве зошто некои деца повеќе се радуваат на амбалажата отколку на играчката

Помалите деца покажуваат голем интерес за распакувањето на подароците затоа што е тоа првата работа на која ги поттикнуваме кога ќе им го дадеме подарокот. Ним им е интересен звукот на кинење на хартијата, а тоа ја подобрува и нивната координација на рацете и очите

0
69

Речиси сите родители вложуваат многу труд при изборот на подарок кој ќе го стават под елката. Некои со часови шетаат по продавниците барајќи совршен подарок, а потоа уште неколку часа истите тие подароци ги пакуваат во украсна хартија.

Меѓутоа, вистинско разочарување  е кога утрото после Нова година или Божиќ, ќе сфатите дека децата повеќе ѝ се радуваат на шушкавата хартија и на кутијата од играчката отколку на самата играчка која сте ја одбрале за нив.

Психологот д-р Шона Гудал има одговор зошто е тоа така, а добра вест е тоа што детето од тоа има многу повеќе корист отколку што си мислите.

„Помалите деца покажуваат голем интерес за распакувањето на подароците затоа што е тоа првата работа на која ги поттикнуваме кога ќе им го дадеме подарокот. Ним им е интересен звукот на кинење на хартијата, а тоа ја подобрува и нивната координација на рацете и очите и го развива таканаречениот „фат на пинцета“, односно, фаќањето со прстите“, објаснува д-р Гудал.

Таа смета дека децата треба да се набљудуваат и да се охрабруваат да го истражуваат пакувањето.

„Она што можат да го прават со хартијата и со кутиите е важно за развојот и ја поттикнува нивната креативност“, додава таа.

Освен тоа, уште една предност е тоа што децата од рана возраст можат да се учат на рециклирање.

„Со поттикнување на однесувањето како што е ставањето на нешто во кантата за отпадоци може да постави фантастичен темел за подучување на одржливоста“, напоменува д-р Гудал.

Затоа немојте да се разочарате ако вашето дете не ѝ се радува на играчката како на самото пакување. Дозволете да го истражува затоа што така ја усовршува моториката.

Фото: Freepik

 

loading...