Еве како влијае кучето врз развојот на вашето дете

0
416

Домашниот миленик, кучето, од вашето дете ќе направи поодговорна личност. Детето од него ќе научи што значи да се грижи за некого, зашто, и самото куче бара грижа и малку време. Драгото милениче бара чести прошетки, а детето, кое ќе биде почесто вклучено во овие семејни прошетки, ќе биде поактивно и изложено на свеж воздух. Просто неверојатно е како вашиот домашен миленик може безгласно да го убеди детето дека пиењето вода е многу важно за општото здравје!

Кога неговиот сад за вода ќе го надополнувате секојдневно, по неколку пати, тоа ќе го потсети вашето дете да побара чаша вода и за себе. Преку кучето, детето ќе научи и кои ритуали за нега навистина се потребни. Најпосле, благодарение на четвороножниот пријател во домот, детето полесно ќе ја смени сатницата на спиење – следејќи го примерот на кучето, детето ќе почне порано да си легнува и порано да станува.

Четиригодишната Марта уште од најмали нозе многу нешта научила од домашниот миленик, златниот ретривер Тор.

– Марта израсна со Тор. Уште од најмала, штом го видеше златниот ретривер, се радуваше, почнуваше да тропка со рачињата. На деветмесечна возраст се обидуваше да прооди, а Тор беше нејзиниот подвижен држач. Ќе се исправеше на ножињата, а со рацете ќе се фатеше за телото на ретриверот. Со негова помош, прооде. Подоцна, почна и да го јава кучето. Тор беше поинтересен од било каков дубак. Растрашувањето од сечење на ноктите беше лесно, зашто таквите ритуали за нега, прво ги изведувавме заедно со неа на Тор, па потоа самата сакаше да се средат и нејзините нокти. Исто и со чешлањето на косата, капењето… Следејќи го примерот на кучето кое секоја вечер си легнува во своето креветче, Марта бргу посака и таа да има свое креветче во кое ќе спие, одвоено од нас, родителите – вели Митко Доновски, архитект, татко на Марта и на четиримесечната Ема.

Кучињата не се смеат како луѓето, но нивниот начин на смеење е заразен. Го исплазуваат јазикот, ве гледаат право со очињата кои светкаат, и мрдаат со опашката. Тоа го прават секогаш кога ќе ве видат или кога ќе направите нешто убаво за нив. Со таа насмевка која се случува многу често, и децата почесто се смеат.

– Моите две деца од нашиот Бенкс, куче од расата кане-корсо, пред сè научија како во животот треба да се грижат за животните, луѓето, па и растенијата, за кои имаат одговорност да се грижат. Научија и каков треба да биде односот кон другите. Интересно е што кучето го купи со сопствени заштедени средства нашиот син Леон, на возраст од 15 години. На почетокот, не бевме убедени во неговата подготвеност да се грижи за миленикот, но набргу се разубедивме. Во грижата за Бенкс се вклучи и помалиот син, Ведран, тогаш на десетгодишна возраст. Кучето ги сплотува членовите на семејството, децата и родителите. Нашиот Бенкс не дозволува да има кавга во семејството, веднаш реагира на висок тон, и ја прекинува гласната дискусија. Кога некое од децата е тажно, веднаш тоа го чувствува и почнува да се умилкува и да го „бакнува“. Сметам дека со домашниот миленик, децата полесно ги пребродуваат тешките животни моменти. Љубовта помеѓу детето и кучето е навистина посебна – раскажува Даниела Михајловска Радоњанин, правник.

Играта со кучето ја намалува хиперактивноста кај децата

 

Кучињата можат да помагаат во ослободувањето на анскиозноста кај децата и да ги смират хиперактивните деца.

– Самото присуство на кучето го зголемува кај детето лачењето на окситоцин, хормонот на љубовта и среќата, па на тој начин се намалуваат стресот и тензијата од секојдневниот живот. Оваа врска куче-дете е и емоционално силно поврзана, изградена на чувство на доверба, чиста и безрезервна љубов и во таква форма го насочува детето да се чувствува сакано и му помага во иднина да дава таква љубов кон другите. Придонесува и за намалување на анксиозноста и фобиите кај децата. Меѓусебните игри ја намалуваат и хиперактивноста, како и вишокот енергија. На хиперактивните деца тешко им е да почитуваат правила на игра, особено кога се работи за игри со натпреварувачки карактер, па се јавува фрустрација, нервоза, понекогаш и агресија. Ваквото однесување е елиминирано во игрите со куче – констатира психологот Елена Мицовски, м-р по детска и училишна психологија.

Социјализираното куче позитивно влијае и на социоемоционалниот и на психомоторниот развој на детето.

– Односот дете-куче може да поттикне социјално и хумано однесување кај детето како помагање, соработка, делење. Со помош на кучето детето учи на одговорност, грижа за другите околу себе, како и на толеранција. Преку игра детето учи како да се грижи за кучето, а со тоа детето стекнува навика да се грижи за луѓето околу себе. Играта на детето претставува неизмерна среќа и радост посебно ако во неа учествува и неговото милениче. Исто така, преку игра со кучето детето може да научи да лази, а подоцна и да прооди – објаснува дефектологот Александра Божиновска.

Кучиња – водичи

Денес сѐ попопуларна станува и темата за кучињата водичи кои особено им помагаат на слепите деца и на децата со церебрална парализа.

– Во овие случаи, кучето не само што му помага на детето туку и го штити, му помага во осамостојувањето, секојдневните активности, се грижи за него. Му помага да се снајде во затворен односно отворен простор, да ја премине улицата, да го однесе до одредена локација, да го предупреди доколку наиде на некоја опасност. Кучињата-водичи претходно се дресирани на послушност, извршување на команди, провокација на различни предмети и животни – вели едукаторот и рехабилитатор за деца, Александра Божиновска.

Терапевтскиот ефект на кучето врз аутистичните деца

 

Зоотерапијата (терапија со животни) покажала голем ефект врз децата со аутизам, а посебно терапијата со кучиња (Канис терапија).

Кучињата кои што се користат при оваа терапија треба да бидат избрани од самото дете и да бидат обучени за потребите на детето со аутизам. Пред сè, најважна е емоциналната поддршка која кучето му ја дава на детето, неговата доверба и безрезервна љубов, знаат да ги смират децата и да ја намалат нивната сензорна преоптовареност. Бидејќи децата со аутизам се неспособни да ги филтрираат дразбите од средината во која што се наоѓаат, кучињата им помагаат да се фокусираат и полесно да се адаптираат со социјалната средина. А, помагаат и за подобрување на нивната сензорна интеграција преку галењето и гушкањето на кучето. Децата со аутизам не секогаш знаат да се грижат за нивната безбедност, а кучињата се обучени на каков начин да им помогнат. Овие деца имаат многу стереотипни, повторувачки движења и однесувања, а една од целите на кучињата е да ја намалат или елиминираат појавата на стереотипно однесување преку дефокусирање на вниманието. Кучето како придружба на детето во некоја нова социјална средина му дава поддршка и сигурност, и на тој начин детето со аутизам може полесно да се адаптира. Кучињата се еден мост за формирање на социјални врски на детето во социјалната средината и посредник за комуникација со другите деца објаснува психологот Елена Мицовски.

Таа потенцира дека врската којашто ќе се изгради помеѓу детето со аутизам и кучето е многу стабилна и може да спречи појава на гнев, агресија и неочекувани промени на однесувањето кај детето.

 

Автор: Јасмина Кантарџиева Димков

 

loading...