Еве како можете да го прославите детскиот роденден во изолација?

Новите правила не дозволуваат големи собири, а безбедноста на вашето семејство е најважна, но, само затоа што вашето дете мора да ја помине роденденската прослава дома не значи дека мора да се откажете од забавата, нели?

0
263

Организирањето на прославата на детските родендени може да биде предизвик и во нормални околности, а ако имате дете на кое роденденот му се паѓа во еден од деновите за време на периодот на самоизолација, работите само дополнително се комплицираат. Веројатно вообичаено планирате организирање на голема забава исполнета со другарчињата на вашето дете или со семејството, но новите правила го прават тоа невозможно. Новите правила не дозволуваат големи собири, а безбедноста на вашето семејство е најважна, нели? Но, само затоа што вашето дете мора да ја помине роденденската прослава дома не значи дека мора да се откажете од забавата. Еве како успешно да организирате роденденска забава за деца за време на социјалното дистанцирање.

Организирајте виртуелен детски роденден

Иако во овој момент веројатно би дале сè кога би можеле да го прославиме тој роденден со луѓето кои најмногу ви значат, пријателите и семејството се оддалечени само за еден видео повик. Поврзете се со бабите и дедовците и со пријателите за да му ја испеете заедно роденденската песна и заедно да ја исечете тортата. Побарајте од вашите виртуелни гости да го украсат просторот околу нив, оној во кој ќе бидат во текот на видео повикот. Ако немаат такви украси, испратете им неколку фотографии од омилените ликови на вашето дете. Тие можат да ги испечатат, и на овој начин детето ќе види дека и покрај далечината, сите во неговиот круг сепак го слават неговиот посебен ден.

Организирајте кампување со семејството

Ако се одлучите за кампување, можете да поставите шатор во градината, секако, ако тоа ви го дозволуваат временските прилики. Ако немате градина, направете си камп во дневната соба за да можете удобно да се сместите во шаторот и организирајте филмска вечер со пуканки, слатки, подароци и страшни приказни за лека ноќ.

Организирајте виртуелна забава во пиџами

Во договор со родителите на најдобрите пријатели на своето дете, поврзете го детето со неколку негови пријатели за целовечерна виртуелна забава во пиџами. Исто така, секој родител дома нека му го пушти на детето истиот филм, во исто време, а така направете и вие. На тој начон тие ќе можат заедно да се забавуваат, да коментираат и да се смеат, а подоцна и да си прераскажуваат. Можете претходно на секој од нив на домашна адреса да му испратите преку достава нешто вкусно за јадење. По гледањето на филмот, секој во својот дом, а сепак заедно, можат да јадат од тоа што сте го одбрале да им го испратите за чувството за заедништво да биде целосно. Потоа оставете ги да се дружат, да се гледаат преку камера и да си разговараат сѐ додека не им се приспие.

Не заборавајте на украсите

Што и да сте одлучиле да организирате, украсите се секогаш добредојдени. Тие можат и со денови подоцна да го развеселуваат вашиот дом, па така роденденот да го развлечете на цела недела. Потребна е само малку фантазија и креативност. Не заборавајте на конфетите со кои можете да го дочекате славеникот уште наутро, на излегувањето од неговата соба.

Драјв-бај роденден

Ако вашите пријатели и семејство се подготвени и сакаат да го направат тоа, можете да направите таен план со нив. Во договореното време, излезете надвор од зградата или куќата и следејќи ги правилата за држење безбедно растојание, почекајте да започне забавата. Кога сите ваши пријатели и пријателите на вашето дете, еден по еден, ќе почнат да поминуваат во автомобили, извикувајќи честитки, свирејќи и да пеејќи родендени песни, несомнено ќе ве разведри сите вас, па и среќниот славеник. Запомнете љубезно да ги потсетите сите да останат во своите автомобили и да продолжат да возат на безбедно растојание. Можете дури да побарате неколку пријатели или членови на семејството да се маскираат во некој костим. Како изгледа драјв-бај забава можете да видите во видеото подолу.

Организирајте лов на богатство

Децата уживаат во потрагата по богатство. Скријте неколку мали подароци за роденденот и подгответе неколку траги што ќе му ги дадете на вашето дете за да ги усмерите кон подароците, но не и да откриете каде се наоѓаат. Постојат многу креативни начини на кои можете да си играте со оваа идеја, такашто можете да направите и мапа за богатство која ќе му помогне за вашето дете да ги пронајде подароците. Бидете креативни и направете тоа да биде за нив забавна игра.

Направете посебен роденденски десерт

Без разлика дали вашето дете сака класична роденденска торта или претпочита колачиња или пити, дозволете му да ви помогне во правењето. Ваквите активности ќе создадат незаборавни спомени. Можете исто така да му дозволите на вашето дете да го избере својот оброк од соништата. Ако го прашате: „Кога би можел да јадеш се што сакаш за ручек, што би било тоа?“ И ако детето каже: „Сладолед, чоколадна торта, пудинг и јагоди со шлаг“, тогаш треба да го сторите токму тоа. Можеби е нездраво, но тоа е само еден оброк и еден ден годишно. Можете да му го дозволите тоа.

Организирајте достава на честитки

Членовите на семејството и пријателте можат да му испратат на вашето дете честитки, цртежи и писма за роденденот. Ќе биде забавно да ги читате заедно, а на детето ќе му останат и како спомени за овој ден.

Фото: Pexels

loading...