Еволуција на доењето

По Втората светска војна заменското млеко им станало достапно на мајките ширум светот, но баш како и доилките неколку векови порано, можеле да си го дозволат само поимотните жени па тоа на некој начин станало статусен симбол, а доењето било повторно резервирано за сиромашните и означено како старомодно.

0
116

Верувале или не, најприродната појава на светот каква што е доењето буди многу контроверзи и тоа не само во последните неколку години, туку со векови. Во магазинот Nature’s Body: Gender in the Making of Modern Science, објавен е многу интересен текст во кој се зборува за тоа како се гледало на доењето пред неколку стотици години и како тоа еволуирало до денеска.

Во текстот се спомнува дека во дамнешни времиња се верувало дека мајчиното млеко лекува глувост и дека може да оживее мртви. Но тоа е само почеток на интересните факти врзани за доењето.

Имено, уште древните Египќани, Римјани и Грци им советувале на младите мајки да ги дојат своите потомци, но во подоцнежните години доењето станало навика на „пониската класа“ па жените од високото друштво имале доилки кои ги доеле нивните деца. Тоа било посебно изразено во 18.век.

Со време, „доилка“ станала платена професија, а жените на кои тоа им станало професија најмногу работа имале во Европа, кадешто жените најмногу ги користеле нивните услуги. Овој тренд нагло опаднал кога владата објавила дека пораснал морталитетот на новороденчињата за што биле обвинети токму доилките.

Во текот на 18.век, францускиот филозоф Жан-Жак Русо и шведскиот биолог Карл Линус ги поттикнувале младите мајки да ги дојат своите деца и се залагале за тоа доилките да се забранат со закон. Тогаш владата го промовирала доењето како најздрава алтернатива, но наишле на отпор на жените кои сметале дека е тој потег политички, со цел жените да се задржат во домот.

Во 19.век во Америка се случил наводен недостаток на млеко што предизвикало пад на доењето и довело до тренд на давање кравјо млеко на бебињата, што тогаш било карактеризирано како крајно опасно. Мајките во тогашно време не ги разбирале здравствените ризици од давањето на кравјо млеко на бебињата помлади од една година и нивната неможност за варење на истото поради недоволно развиениот дигестивен тракт. Влијание на намалената популарност на доењето имал и Сигмунд Фројд кој рекол дека новороденчето цица заради сексуално задоволство што многу мајки ги поттикнало да ги хранат своите деца со шише.

По Втората светска војна заменското млеко им станало достапно на мајките ширум светот, но баш како и доилките неколку векови порано, можеле да си го дозволат само поимотните жени па тоа на некој начин станало статусен симбол, а доењето било повторно резервирано за сиромашните и означено како старомодно.

Во средината од 50.години од минатиот век основана е La Leche лига која имала за цел кревање на свеста за позитивните придобивки од доењето и апелирала на сите мајки да ги дојат своите деца, но жените од средната и од повисоката класа и натаму го сметале хранењето со шипе посупериорно во однос на доењето.

И ден денеска, многу години подоцна доењето е тема на многу расправи, како помеѓу мајките, така и помеѓу стручњаците и покрај бројните истражувања кои докажале и покажале дека мајчиното млеко е најдобра и најздрава храна за бебето до 6 месеци. Денеска се жените еманципирани и даден им е слободен избор да одлучат како сакаат да ги хранат своите деца, а бројката на оние кои одлучуваат да го дојат своето бебе цела година е сé помал, наспроти препораките на Светската здравствена организација, многуте кампањи и подигањето на свеста.

Фото: Pixabey

loading...