Еднаесетгодишниот Јане Велковски ќе зборува во ОН во Њујорк како застапник за децата со попреченост

Многу сум среќен затоа што ќе можам да му кажам на целиот свет дека сите се еднакви и дека луѓето со попреченост можат да ги прават истите работи како и сите други. И дури и да не можат, тоа не значи дека не треба да уживаат во животот, вели Јане Велковски кој на Светскиот ден на детето ќе се обрати во Обединетите нации во Њујорк.

0
190

На овогодишниот Светски ден на детето (20.ноември), единаесетгодишниот Јане Велковски, како застапник за децата со попреченост од Македонија, ќе му се придружи на УНИЦЕФ на глобалниот самит во Обединетите нации во Њујорк кадешто децата и младите ќе побараат да се преземе акција за да се заштитат и промовираат правата на децата.

Самитот на УНИЦЕФ е дел од прославата за одбележување на Светскиот ден на детето кој се поклопува со 30.годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето, најшироко ратификуваната спогодба за човекови права во историјата.

„Навистина сум многу возбуден затоа што ова е огромен настан. Но истовремено сум многу среќен затоа што ќе можам да му кажам на целиот свет дека сите се еднакви и дека луѓето со попреченост можат да ги прават истите работи како и сите други. И дури и да не можат да ги прават сите работи, тоа не значи дека не треба да уживаат во животот“, вели Јане.

Тој ќе учествува во интерактивниот дел во кој ќе бидат претставени деца-застапници, ќе има креативни елементи, музички настапи и учество на амбасадори на добра волја. Јане ќе зборува заедно со други четири деца за време на панел дискусијата насловена како „Да не изостане ниедно дете: за секое дете, сите права“.

„Јане е инспирација за сите нас и пример што можат да постигнат децата ако им се даде фер шанса“, вели Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.

„Многу сме горди што токму тој ќе ја сподели својата порака со светските лидери. Тој ни покажува дека, како и секое дете, децата со попреченост со себе носат потенцијал за среќен, исполнет живот, витално учество во заедницата и давање свој придонес за да изградиме инклузивни и одржливи општества за сите”, вели ди Џовани.

 

loading...