Експертите откриле како пандемијата влијае на развојот на децата до три години

Иако експертите во голема мерка не се загрижени дека малите деца пропуштаат големи развојни пресвртници за време на пандемијата, тие се загрижени дека родителите ненамерно можат да ги пренесат своите стравови и грижи на своите мали деца.

0
100

Иако сите се надеваа дека пандемијата нема да трае толку долго, сè уште е нејасно кога ќе се вратиме на кое било ниво од минатото нормално. Изолацијата и недостатокот на социјален контакт влијаат на сите, вклучително и на децата.

Затоа HuffPost одлучиле да разговараат со неколку експерти за влијанието на пандемијата врз децата. И особено на малите деца, оние на возраст од една до три години, кои сега поминаа една третина од својот живот дружејќи се само со најблискиот круг на луѓе.

Досега се откриени бројни докази дека пандемијата им наштетила на менталното здравје и емоционалниот развој на многу деца. Така, некои истражувања покажуваат дека 60% од тинејџерите велат дека се осамени и докажано е дека децата на возраст меѓу пет и 11 години се повеќе имаат потреба да разговараат со професионалци за ментално здравје.

„Јас сум загрижена поради тоа што пандемијата влијае на развојот на децата“, вели Обри Харгис, авторка на книгата Toddler Discipline for Every Age and Stage: Effective Strategies to Tame Tantrums, Overcome Challenges, and Help Your Child Grow.

„Но, јас не сум загрижена за малите деца, за оние до три години“, додала таа.

Тоа е затоа што малите деца треба да бидат во пријатно, безбедно опкружување со луѓе кои се грижат за нив, рекла Харгис. Ако тие потреби се задоволени, тогаш малите деца треба да бидат навистина добро.

Изолацијата и социјалната дистанца, на крајот на краиштата, не го ограничија многу светот на помадите деца.

„Сите работи што треба да ги развијат малите деца веројатно ќе бидат на свое место: играчки или други предмети за игра, малку мебел на кој можат да се качат, чорапи за да научат како да се облекуваат, сос со тестенини за да ги привлечат своите сетила и возрасен или брат или сестра за да зборуваат и да развијат рецептивни и експресивни јазични вештини“, смета Харгис.

Една од главните причини зошто експертите всушност не се грижат за тоа како пандемијата може да им наштети на децата од 1, 2 и 3 години е тоа што малите деца се развиваат преку игра, но играта во оваа фаза не бара многу пријатели.

„На оваа возраст, децата главно се занимаваат со паралелна игра, а не со заедничка игра“, објаснила Харгис.

Според нејзиното мислење, паралелната игра е нешто што и онака родителите го прават со своите деца сосема инстинктивно. Затоа, на оваа возраст не треба да се грижите поради недостатокот на интеракција со врсниците.

Ова е една од причините зошто студиите генерално не ја поддржуваат идејата дека предучилишните програми имаат толку длабоки социјални, емоционални и образовни придобивки што експертите некогаш веруваа дека можат да ги имаат. Односно, од чисто развојна перспектива, тоа не е неопходно за малите деца.

„Мислам дека родителите потценуваат колку можат да направат со своите деца во нивниот дом“, вели Беки Кенеди, клинички психолог од Њујорк.

Децениски истражувања покажале дека родителскиот стрес и депресијата можат да го кочат детскиот емоционален и бихејвиорален развој. Значи, иако експертите во голема мерка не се грижат дека малите деца пропуштаат големи развојни пресвртници за време на пандемијата, тие се загрижени дека родителите ненамерно можат да ги пренесат своите стравови и грижи на своите мали деца. Како што вели Кенеди: Малите деца навистина „ги забележуваат и согледуваат чувствата и стресот кај другите“.

Но, тоа не значи дека родителите треба да ги кријат своите чувства од малите деца. Тие треба да бидат поотворени за децата да можат да разберат што се случува. Игнорирањето на проблемите пред децата може да доведе до чувство на страв кај децата, самообвинување и сомневање во себе.

Исто така, важно е во отворени разговори со децата за ковид-19 и промените што ги воведе во нивните животи, родителите да бидат смирени и да ги прашуваат децата што знаат за тоа. И, ако тие не сакаат да зборуваат на оваа тема или не им се допаѓа тој вид разговор, не ги присилувајте!

Фото: Pexels

loading...