Ели Танасковска: Ми треперат нозете од возбуда и љубов, толку силно брзам да си ја прегрнам внуката

Вака баба Ели ѝ рекла на службеничката на аеродромот Пирсон во Торонто додека со нетрпение ги чекала куферите и минувањето на контролата, желна конечно да си ја прегрне внуката Изабела. „Трчај“ - ѝ рекла љубезната службеничка и таа и нејзината Изабела конечно си паднале во прегратките. Ама тоа било пред три месеци. Сега е Ели во Скопје и едвај го чека летото за да се врати во Торонто

0
3599

Ели Танасковска е познато лице од ТВ екраните. Мене ми е позната од претходно, пред да ја запознае јавноста како телевизиски лик. Се знаеме од средно. Уште додека на одморите правевме разни глупости, ама и не само глупости. 

Како и да е, на последната средба на нашата генерација од „Никола Карев“, додека се пребројувавме, сфативме дека од нашиот клас, барем од присутните, имаме две баби и еден дедо. „Баби и дедовци“…сѐ уште ми звучи многу чудно, ама тоа е, кај да е, сите ќе не снајде… дај Боже.

И додека размислував какво е тоа чувство да се биде баба, дали навистина внуците се сакаат повеќе или барем исто како сопствените деца, дали ми е време или е уште рано, дали ќе се чувствувам постара или напротив, тоа ќе ме подмлади, и за разноразни слични непотребни дилеми бидејќи на крајот на краиштата сето тоа е нормален тек од животот, ми текна дека е добра идеја сепак овие дилеми да ги разрешам во разговор со Ели.

Особено откако ми спомна дека цели три месеци била кај ќерка ѝ во Канада, за да ја чува внуката.   

Ѝ се јавив и ја прашав да ни каже нешто за тоа како е да се биде баба, а особено како е да се биде згодна баба која изгледа толку добро што сите мислат дека му е мајка на внучето и патем да ни раскаже нешто за животот во Канада.

Канада е мојот втор дом

Веќе долго време Канада ја чувствувам како свој дом. Порано, заради мојата тетка и нејзиното семејство, а сега веќе 6 години сум на таа релација понекогаш и два пати во годината. Таму имам многу пријателки, пријатели, вистински другарки, поширока фамилија. Канада е мојот втор дом!

Сепак, најголемата причина за одењето во Канада сега е внуката Изабела Лара. Ќерка ми тргна на работа и времето додека да почне да оди внука ми во градинка, јас бев со неа! Заминав во Торонто во најубавиот период, есен. Во тој период Канада ги има сите бои, од златно-жолта до пурпурно-црвена. Ако споредам, тоа ќе биде само како слика од некоја најубава бајка.

Толку за времето, а сега да ви раскажам каква беше средбата со Изабела која во мене ги буди најнежните чувства. Еве, како почна приказната. Слетав на аеродромот Пирсон. Не можев да го дочекам стасувањето на куферите и минувањето на контролата. На крај им реков: „Ми треперат нозете од возбуда и од љубов, толку силно брзам да си ја прегрнам внуката“.

Службеничката беше љубезна и со насмевка ми рече: „Трчај!“

Од едната страна јас, од другата Изабела. Се отвори вратата, си поитавме во пресрет и не се одвоивме за целиот мој престој.

Станувавме наутро и право во паркот. Лизгалките во парковите се гумирани и се целосно безбедни, лулашки има за сите возрасти, тука е малиот луна-парк низ кој секојдневно трчавме и се радувавме. Попладне одевме на базен, шетавме по молови, игротеки. Читавме приказни, се разбира, на македонски, се радувавме на Маша и Медо, на бушавата азбука. Се дружевме со Пољаци, Иранци, Кинези, Индијци. И без никој да ти наложи, тука си во еден преубав свет на различности. Секој учеше по некој збор од другиот, се споделуваше храна, сокови, учевме и ние покрај нив.

Зошто ја сакам оваа земја на среќата? Зашто за мене сето тоа беше излив на љубов. Влегуваме или излегуваме од лифт, кој и да ве сретне ви дава комплимент, ви кажува некој убав збор. Тоа станува заразно па и вие почнувате да се однесувате така. И што е најважно, ништо од тоа не е наместено или од култура, туку со тек на времето ти извира од душата и среќен си заради тоа.

Кога се роди Изабела, јас бев таму и сѐ беше како на филм

Но да се вратам на почеток, на првата средба со мојата внука Изабела Лара. Бев со неа уште од нејзиниот прв здив, кога таа дојде на светов. Присуствував на нејзиното раѓање. За мене тоа беше како на филм. Љубезна сестра ја подготви ќерка ми за епидурална. Дојде анестезиолог, без болки, со насмевка и со шеги започна породувањето.

Прва ја видов внука ми. Се расплакав од среќа. Ми врати убави спомени. Ги видов на неа цртите на мојата помала ќерка, на Круно, татко ѝ. Видов еден карактеристичен поглед на мојот сопруг.

„Боже, колку е сето ова чудесно, едно мало бебе ги вкрстило во себе сите гени и наликува на секого и на никого посебно“. Се роди на 24. февруари 2017. 24 минути после полноќ. Треперев. Бевме во болница два дена. Посетував часови за доење, капење, правилно одгледување. Надвор беше -17 степени. Седмиот ден ја изнесов надвор на 7 минути. Секој ден, по некоја минута повеќе. Денеска е здраво дете кое на истата температура оди со кратки ракави. Во тоа е цела на мене. Танцува како да е родена во Куба, тоа се гените од тетка ѝ. Карактерот е на татко ѝ. Мануелка е, има изразена моторика, како мојот сопруг. И додека го зборувам ова, имам таква силна желба да летнам и да ја прегрнам…зашто на рака ми спиеше, наутро мене ме погледнуваше. Бевме заедно 24 часа.

И сега се смеам, што од спомени, што од чудесниот нивен свет. Канада е мултикултурна земја. Многу нации се многудетни. Секој ден се среќававме во паркот и се дружевме и кога веќе ме прашуваш, да, многумина се изненадуваа кога ќе им кажев дека не сум ѝ мајка, туку баба, зашто ете, таму раѓаат и на 45.

Можеби и беше нормално тоа да го помислат зашто покрај Изабела јас се чувствував полна со енергија, скокав, пеев, се бркавме, се валкавме во песокот. Тоа што секоја мајка треба да го прави со своето дете.

Нејзината мајка имаше незгодна смена, од 15.00 до 23.00 часот, а татко ѝ се враќаше во 20 часот, па така ние две целиот ден си го организиравме и го исполнувавме со забава, игри и едукација. Кога си доаѓаше зетот, го чекавме на врата и Изабела знаеше дека следува капење со многу прскалки и купки. Вистински водопади. Тој беше задолжен за оваа атракција. Со таква љубов го правеше тоа. Потоа следеше една игра околу куќичката, малку приказни и музика за спиење.

Тешко ѝ одеше со говорот. Дома зборуваме само македонски. Најдобрите пријатели ни  се Пољаци. Тие ѝ зборуваат само полски. Надвор слуша арапски, кинески , индиски… Ама, кога тргна во градинка веднаш прозборе англиски. На толку мака!

Интересно беше и кога отидов во градинката Монтесори кадешто сега оди внуката. Ме сликаа, ми земаа генералии. Пополнив лист за тоа што сака да јаде, што сака да пие, која активност ја интересира, за што има афинитети, како заспива. Тоа за мене беше како во филм. Во групата беа 7 деца и три воспитувачки.

А најсмешно беше кога морав да однесам слика во градинката и да се регистрирам дека покрај ќерка ми, ќе ја земам и јас. Менаџерката беше тотално збунета. Ми се обрати со Симона (името на ќерка ми) па ѝ објаснив дека јас сум мајка на Симона. Не можеше да поверува. Убедена беше дека сум Симона.

Ѝ ги покажав документите, се смеевме долго. И на секое мое доаѓање им објаснуваше на колешките дека јас не сум Симона!

А имаше уште една смешна ситуација.

Изабела не поднесува облека и чевли. Детето е босо и на бретели преку цела година. Влеговме да купиме патики, меки, за да не ги чувствува. Не сакаше  да ги проба и се расплака на глас. Излегов со неа од продавницата за да ја смирам. Од карши имаше пулт на БЕЛ оператор. Ми пријде едно момче и ми рече: „Мајка, дајте ми го малку детето, имам смирувачки глас, работам на таа техника“.  Кога излезе Симона, му реков: „Еве ја мајката, покажи ѝ ја техниката“. Беше збунет. Направи една интересна сцена, се вртеше во круг во неверица и баш беше смешно!

Таа ме вика баби, а јас неа јагне, пиленце мое

Во еден момент кога Леона (помалата ќерка од овде ми рече: „премногу се врзуваш со Изабела“, не го сфатив тоа сериозно.

Ама изгледа е тоа мојата маана. Таква бев и со ќерките.

Постојано со нив, до нив, над нив па не можеа долго да бидат без мене. Ќе заминеа на екскурзија и се враќаа во солзи наредниот ден. Ете, и со Изабела е исто.

Заспивавме заедно и заедно се будевме, пливавме заедно. Го имавме најубавото искуство во Полската катедрала за празникот на Сите Светци кога присуствувавме на неверојатен настан – 1000 деца во катедрала пеат, играат, добиваат слатки, свештеникот ги анимира. Учеа делови од Библијата, на крајот сите се помолија за здравје, и Изабела правеше сѐ што правеа и другите.

Кога си заминував од Канада, Изабела не ја зедовме на аеродром. Три дена потоа трчала низ собите и ме барала по плакари. „Баби, баби“, викала додека ме барала. Дури и кај сосетката влегла да ме бара. Кога ѝ се јавив на вибер…ми ги пушти рачињата и ми рече: „Дојди ми Баби“. Ме пронижа од болка. Во истиот момент избега и не ми зборуваше цела недела. Се почувствува напуштена! Среќна сум што Симона има другарка над неа. Од Македонија е, Александра. Има две прекрасни и воспитани деца, Марко и Миа. Миа е во иста група со Изабела, па додека да дојде свекор ѝ на Симона, Александра ја зема и се грижи за неа како родена мајка. Никогаш нема да ја заборавам оваа добрина.

 

А оние дилеми од почетокот на разговорот ги имав и јас. Кога мојата золва чекаше внук од синот, цела вечер бев возбудена. Ја прашав: „Дали е вистина дека внуците се сакаат повеќе од децата?“ Ми одговори: децата се едно, внуците сосема друго.

Со мене и Изабела беше сѐ поинаку. Само што дознав дека Симона е трудна, истрчав во црква. Ме обзема таква чудесна љубов. Плачев од среќа. По три месеци заминавме со сопругот во Канада. Бев на сите контроли со неа. Го видов првото ехо, првата слика. Пред породувањето бев еден месец таму. Пешачевме, одевме на вежби. Прва ја здогледав на боксот. Ја капев, облекував, шетав, дотерував. Речиси три месеци. Потоа тие дојдоа тука уште три месеци, и така …речиси и не пропуштив ниту еден миг од нејзиниот развој.

А дека е тешко, тешко е додека се бројат деновите до следната средба. И речиси е за неверување, но Изабела има силна интуиција. Седум дена пред да си одам оттаму, се будеше во 2 часот, во 4. Ќе седнеше во кревет и ќе почнеше да ме гали и да ми вели: „Баби, сакам ногу“. Само тоа го правеше.

Можеби направив грешка што не ја земавме на аеродром, ама немаше да можам да си заминам ако ги видев тие насолзени очи на аеродром. Знам дека никој немаше да ја откорне од мојата прегратка. Имавме такви ситуации. Затоа не ми прости цела недела!

Децата се најдобрата инвестиција

Ја имам Изабела, но со најголема љубов го чекам моментот кога и Леона ќе посака да стапи во брак и да има принова. Таа е многу духовита и има некој магичен пристап со децата. Веднаш ги учи на танц, на враголии, на сцени од цртани филмови. Го посакувам искрено тој момент. И не пропуштам да им кажам на двете дека децата се најдобрата инвестиција. Колку повеќе, толку побогати. Симона на ова одговара: „Нема шанси за 5 години“, освен ако ти се преселиш овде“.

Јас сум голема дечарка. Комплетно посветена и кога станува збор за здрава храна, за рекреација, за воспитување. Веројатно затоа ја имам целосната доверба и од зетот и од ќерката. Знаат дека детето е среќно и сакано, здраво и насмеано.

Сега, за Божиќ, во градинка ќе имаат претстава. Изабела ќе пее и ќе игра. Ќе биде тетина наследничка! Инаку таа ги следи и моите емисии. Велат, подава рачиња, ме повикува и на крај вели: „Баби нема дојде“. Ама Баби уште од сега се подготвува и на лето право кај неа. Да продолжиме кадешто запревме.

loading...