Животот на село не е бајка, ама избравме да се будиме со поглед на планината

Наместо за викенд да одиме на планина, сега на мајтап велиме дека на викенд одиме во Скопје, се шегуваат Мартин и Снешка Трајковски кои со ќерката и синот веќе 10 години живеат во кривопаланечкото село Петралица, произведуваат мед и сирење и се обидуваат да останат нормални во ова ненормално време

0
6554

„Ние сме скопски деца, пораснати во Скопје, просто речено, градски деца сме со голема љубов кон планините. Целиот живот сме планинари и љубовта кон планината преовлада па решивме да се преселиме во село.
Немаме некоја посебна филозофија и начин на живот поради кој сме решиле да бидеме на село, едноставно, планинските предели не пленат и сакаме да се будиме со поглед на планина. Наместо за викенд да одиме на планина, сега на мајтап велиме дека на викенд одиме во Скопје“, вели Мартин Трајковски, кој со сопругата Снешка и децата Дамјана и Огнен, веќе 10 години живеат во село Петралица, кривопланечко.

Изборот на ова село за место на живеење нема врска со нивното потекло, туку го одбрале поради местоположбата и карактерот.

„Тоа е село од разбиен тип и тоа беше пресудно, не сакаме секој ден да се занимаваме со комшиите, секој си е на свое брдо или падина и си го има раатот.
Преселени сме од пред 10 години, па нашите деца се пораснати на село“, раскажува Мартин.


Ќерката Дамјана и синот Огнен одат на училиште во соседното село, бидејќи во нивното село училиштето е затворено
Сепак, кога ќе ги стават работите на кантар, желбата да се живее на село е потешка од сѐ друго, а особено желбата на Снешка и Мартин нивните деца да раснат на чист воздух.
„Децата се поголем дел од времето надвор, јаваат магариња и коњи, понекогаш одиме заедно со овците на испаша, некогаш помагаат при молзење.
Едноставно, селските обврски им станаа нормално секојдневје, градат работни навики и на почетокот им беше дури и чудно како тоа другите луѓе живеат без животни“, велат тие.

Инаку, Трајковски се насочени на сточарството, бидејќи, како што велат, овците и планината одат некако заедно, едноставно, овците се огромна пасија.
„Но покрај овците чуваме и коњ, две магариња, пчели, одвреме навреме и по некоја свиња, многу кучиња, мачки, кокошки. Дворот не е никогаш пуст, напротив, гужва е и има од сѐ по нешто. Жива душа има на секој чекор па човек никогаш не е осамен како што многумина си замислуваат. Но не е ни лесно. Животот на планина го гледаме како сериозна работа од која знаеме дека побегнал кој стасал да побегне, треба цврста машка работа за да се опстане тука, но тоа е наш избор. Пак ќе кажам, кај нас е пресудна планината, па правиме жртва за да бидеме цело време на планина.

Многу седат на село со германски пензии, со државни плати во администрација, ама тоа е тотално поинаков филм од нашиот, од тој да живееш од земјата. И да не почнеме да зборуваме за проблемите на село, нека остане на бајките во рамките на возможното. Сепак, само како пример за бројните проблеми кога се живее во село кај нас, тука за обичен документ, лист хартија, одиш 20-30 км во еден правец, за кога ќе стигнеш на некој шалтер да ти кажат дека не им работи системот, па назад со празни раце, а денот си го изгубил, стоката дома била гладна или се направил трошок за храна. Додека во град, за 15 минути си на шалтер, па ако не бива, ќе си дојдеш утре како ништо да не е“, објаснува Мартин.

Прво и основно за нив било да имаат домашна храна за себе, а ако остане вишок, тогаш оди за пријателите.
„На почетокот речиси целата храна беше домашно, лично наше производство, но како поминуваа годините, од некои работи се откажавме за да можеме некои работи да ги унапредиме. Сега сме насочени кон сирењето и медот. Сирењето е дури и предизвик па затоа и го правиме со голема љубов. Со време сѐ повеќе и повеќе истражувавме изворни начини на преживување на село, начини кои ги користеле нашите претци, па некако сакаме да ги задржиме и традициите. Некои стари непишани правила кај сточарските фамилии биле дека овци, коњи и пчели мора да има секое домаќинство и дека тие нешта оделе заедно. Веројатно самиот крај и клима го налагале тоа.
Овците како пасија не наведоа да ја собираме, чуваме и размножуваме домородната раса овци, Праменка, вид којшто е во исчезнување.


Па кога веќе чуваме изворни овци, редно беше и да работиме на изворните сирења, а тоа е биеното сирење како единствено изворно македонско сирење
Целата приказна на биеното сирење добиено од изворни овци кои пасат по пасишта неодамна не однесе во Бра, Италија, на најголемиот настан посветен на сирењата.

Она што го правиме ние, го препозна организацијата „Слоу Фуд“ и добивме покана за учество во Бра, со цел да го претставиме нашето биено сирење.
Бра беше одлично искуство за нас, многу видовме, многу научивме, видовме каде сме во светот на сирењата.
Иако Македонија нема многу видови на сирења, сепак, на светската карта на сирења постоиме со биеното сирење како единствен македонски бренд карактеристичен само за Македонија“, раскажува Мартин.
Инаку, овогодишниот настан CHEESE 2019, поветен на сирењето, се одржа од 20 до 23 септември во Бра, Италија, под слоганот „Природното е возможно“, што целосно се совпаѓа со концептот на нивниот производ.

„Сирењето е тревата на пасиштето, сирењето е расата овци, сирењето е целокупниот тероар на едно поднебје“, вели Мартин и продолжува:

„Убавите коментари кои стигнаа до мене после презентацијата на нашето биено сирење во Бра, ќе не’ поттикнуваат да го унапредуваме брендот на биеното сирење како наше најавтентично сирење кое се произведува денес.

Од презентацијата во Бра, Италија

Долги години македонските биени сирења биле карактеризирани како пресолени
Годинава произведовме средно солена варијанта од овчо млеко од наштото стадо, но со изразен интензивен вкус и мирис на овчото млеко и пашата од локалното поднебје кое присутните на дегустацијата одлично го прифатија.

Најважното за мене, но и за сите нас е што биеното сирење е веќе наш препознатлив производ, нешто преку што не’ препознаваат, а некои производители пројавија желба да пробаат да го направат во своите земји.

Многумина бараа производот да се доведе до целосно традиционално производство за да се затвори приказната, од изворните раси овци, преку дивите пасишта, сировото млеко, па сѐ до зреењето во дрвени качиња.
Приказната за биеното сирење е преплетена со македонскиот бит, со македонскиот начин на опстанување. Комплексна содржина која не ве остава рамнодушен.
Како што вели слоганот на Слоу Фуд, храната е идентитет. Биеното сирење е македонскиот идентитет.

Едноставно му благодариме на Слоу Фуд што ја препозна нашата работа и што ни овозможи да се претставиме со нашите изворни овци и изворно сирење на еден таков важен настан посветен на сирењата, велат сопружниците Трајковски.

Инаку, ако ги прашате за иднината и што понатаму, тие ќе ви кажат:

„Немаме планови за иднината, како што од град сме дошле на село, така може и да се вратиме или да заминеме во странство, едноставно, гледаме да си го живееме животот такашто гледаме парите да не ни се водилка во животот колку што е тоа возможно во денешно време. И да, се обидуваме да останеме нормални во ова ненормално време“.

loading...