Задолжително породилно за европските татковци

Од синоќа Парламентот и Советот на ЕУ донесоа одлука за директивата наречена „Рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот“ која предвидува задолжително породилно отсуство за мажите.

0
136

Одлучувачките тела на ЕУ (Парламентот и Советот) доцна синоќа постигнаа договор за директивата наречена „Рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот“, која првпат предвидува задолжително породилно отсуство за мажите.

Иако постигнатиот компромис многумина го сметаат како минимален, усвојувањето на директивата вчера беше поздравено од Европската Комисија како чекор кон „поквалитетен живот за граѓаните на ЕУ“, чекор кон поголема родова еднаквост и „убав ден за социјална Европа“, изјавила Маријан Тејсен, комесарката која ги водела преговорите.

Како што пренесува МИА највпечатлив дел од компромисот е воведувањето на задолжително породилно отсуство од минимум десет дена за татковците во цела ЕУ. Породилното за мажите ќе изнесува онолку колку што чини ден боледување во секоја земја. Европскиот Парламент во преговорите бараше породилното за татковците да изнесува 80 отсто од бруто платата, но земјите членки одбија.

Досегашната директива не предвидуваше ништо за отсуството на мажите по раѓањето на нивното дете и во многу земји сѐ уште се смета за “природно“ мајката да биде единствениот родител кој зема породилно. Во одредени земји членки пак овој компромис не менува ништо суштинско бидејќи тие веќе предвидуваат отсуство за татковците во своето национално законодавство.

Важно е да се напомене дека во директивата концептот е наречен “втор родител“ за да можат да бидат покриени и хомосексуалните двојки. На оваа тема преговорите биле најтешки поради источноевропските земји кои не признаваат геј бракови. Директивата нема да може да се применува на хомосексуалните двојки кои живеат во земји каде ваквата заедница не се признава законски.

Според познавачите на досието, оваа директива ќе има силен импакт врз најмалку единаесет земји членки, од кои Германија и Австрија, кои ќе треба да го менуваат националното законодавство. Концептот на “нетрансферабилност“ ќе треба да биде воведен во дванаесет земји, каде тој не постои, а девет земји членки ќе треба да ги менуваат стапките на исплата на породилните отсуства.

Европските синдикати и граѓанските организации го поздравија усвојувањето на оваа директива како договор кој ја оживува социјална Европа.

Фото: Pixabay

 

loading...