Заедничкото родителство после развод на комисиска расправа

Во понеделник (14 мај), Комисијата за труд и социјална политика во Собранието на Република Македонија ќе одржи јавна расправа на тема: Потребата од заедничко родителство после развод и разделба.

0
550

На 14 мај (понеделник), Комисијата за труд и социјална политика во Собранието на Република Македонија ќе одржи јавна расправа на тема: Потребата од заедничко родителство во Република Македонија, после развод и разделба.

Расправата е поттикната од граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод која се залага за промени во Законот за семејство, во насока на воведување на систем за фер третман на децата од разведени бракови и нивните родители.

Наместо сегашниот застарен еднородителски систем со кој државата во голема мерка го исклучува едниот родител од животот на децата по разводот, велат од Иницијативата, се залагаме за воведување на заедничко родителство по развод преку следните две главни промени:

  • Воведување одредба дека двајцата родители независно од брачниот статус остануваат еднакво одговорни за своите деца и заедно ги донесуваат главните одлуки кои се од интерес на детето (образование, здравство итн.)
  • Регулирање на видувањата на децата со родителот со кој не живеат (бидејќи на децата мора да им се определи една адреса на живеење) на следниот начин:
    a) Воведување на право на минимум загарантирано време од 120 дена годишно за родителот со кој не живее детето.
    б) Секаде каде што е можно (кога родителите живеат блиску и нема да се наруши нормалниот тек на активности на детето) да се воведе принципот 50-50, односно гледање на децата во еднакви временски интервали со двајцата родители, како принцип кој е научно докажан како најдобар за децата од разведени бракови.

Овие одредби треба да бидат почетна основа при донесувањето на одлуки за контакт на детето со родителите.

Исклучок од овие одредби би имало кога:

– Едниот родител не сака или не може да спроведува заедничко родителство

– Добиеното право на заедничко родителство не се користи од страна на едниот родител

– Детето е мало (до 2 годишна возраст) и билошки е поврзано со мајката. Во тој случај, заедничкото родителство би се воведувало постепено, додека детето не дојде на 5-6 годишна возраст.

– Едниот родител е докажано во судска пракса дека е неподобен (осуден за семејно насилство, зависник, душевно болен итн.)

Освен овие две водечки заложби, Иницијативата се залага и за следните измени со кои треба да се обезбеди фунционирање на новите законски одредби за заедничко родителство по развод:

А) Формирање на медијаторски центри (советувалишта) кои сите родители кои се разведени или во фаза на развод задолжително ќе мора да ги посетуваат. Трошоците за овие советувалишта да ги сноси државата. Во овие советувалишта, родителите  ќе работат со мешовит тим (психолози, семејни терапевти и правници) со цел да се дојде до родителски договор околу гледањето на децата.

За да нема забуни, цврста заложба на Иницијативата е заедничкото родителство да важи по сила на закон,  односно независно дали родителите можат да постигнат меѓусебен договор (со помош на медијаторските центри или самостојно).  Какви и да се меѓусебните односи на родителите и нивната свесност, на децата од разведени бракови мора законски да им се гарантира избалансиран или еднаков контакт со родителите (освен во исклучителните случаи наведени погоре).

Б) Воведување на силни институционални механизми со кои ќе се обезбеди извршување на решенијата за видување. Пред сè, нужно е формирање на семејни извршителски служби и пропишување високи парични казни за непочитување на решенијата, а дури и да се размислува за затворски казни доколку непочитувањето на решението се повторува одреден број пати.

В) Прогласување на родителското оттуѓување (дефинирано како влијание од страна на едниот родител, детето да го отфрли другиот родител) за форма на детска злоупотреба и соодветно законско третирање на таквата злоупотреба.

Г) Докажаните лажни пријави за физичко и други типови на насилство, педофилија или други форми на злоставување да бидат основа за одземање на родителското право.

Д)   Решавање на издршката во склад со принципите на заедничко родителство и според искуствата на други земји, што би значело:

–  Изработка на табела за износот на трошоците за децата, во зависност од нивната возраст и заработката на родителите

– Определување на износот на издршка пропорционално на заработката на родителите и на времето поминато со секој од родителите

–  Овозможување на плаќање издршка во натура, т.е за конкретни потреби на детето (школарина, курсеви итн.)

– Воведување обврска за родителот – примател на издршката да покаже дека средствата се наменски потрошени за потребите на детето, доколку другиот родител го побара тоа. Ненаменското трошење на овие средства да повлекува санкции за родителот – примател.

–  Формирање на заменски (гарантни) фондови од кои државата ќе ги подмирува неплатените износи на издршка.

Ѓ) Со цел да се престане со сѐ почестата пракса едниот родител да го преселува детето во странство без согласност на другиот родител (а со дозвола на Центрите за социјална работа),  предлагаме да се забрани изнесување на деца до 14 годишна возраст во странство на период подолг од 30 дена, доколку не постои за тоа согласност од двајцата родители. Единствен исклучок кадешто државата може да решава, да бидат само оние случаи кадешто е потребна медицинска интервенција во странство која бара детето да остане во странство подолго од 30 дена, а едниот родител се спротивставува на таквото патување, пишува во документот (policybrief) на Иницијативата изработен во рамки на проектот „Зајакнување на граѓанското учество во законодавните процеси“ кој се спроведува од Националниот демократски институт (НДИ).

loading...