Заедничко и рамноправно родителство по развод, родителски план, правилник за одредување издршка…

Денеска собраниската Комисија за труд и социјална политика ќе одржи јавна расправа на тема: “Предлог-законски измени за воведување на заедничко родителство по развод“ организирана во соработка со Иницијативата за заедничко родителство по развод – ‘Иницијатива’ и Меѓаши.

0
138

Иницијативата за заедничко родителство по развод – ‘Иницијатива’ изработија предлог измени на законот за семејство за кои денеска во собраниската Комисија за труд и социјална политика ќе се одржи јавна расправа.

Во предложените измени, главна е онаа која се однесува на заедничкото и рамноправно родителство после развод, а се чини дека предлагачите мислеле буквално на се, од Правилник за изработка на родителски планови во случај кога родителите не можат да се договорат за понатамошното родителствување по разводот на бракот па се до моделот за пресметка на издршката за децата, но и казните за родителите кои не ги почитуваат законските одредби.

Правилникот за родителски план кој Иницијативата го изготви во соработка со Институт Алтернатива е креиран за оние случаи во кои разделените и разведените родители не можат во меѓусебен договор да се спогодат за начинот на остварување на контакти со своите деца.

„Во согласност со најновите истражувања, како и најдобриот интерес на детето дефиниран во Конвенцијата на ОН за правата на детето, државата е должна да им обезбеди на децата избалансиран контакт со своите родители, освен во
исклучителните ситуации предвидени со Законот за семејство.
Овој правилник претставува преглед на упатства за изработка на родителски план, дефиниции на правно и физичко родителство, сугерирани распореди за контакт со родителите во различни фази од развојот на детето, опции за контакт со родителите за време на празници, посебни денови и училишни распусти. После секое поглавје, дадени се дополнителни информации презентирани под наслов ‘Суштински разгледувања’, пишува во Правилникот.

Тој го опфаќа делот кој се однесува на прилагодувањето на детето за време на процесот на разделба и  развод, па вели: родителите би требало соработувајќи да планираат да воспостават родителско уредување кое ќе го гарантира правото на детето континуирано и често да контактира со двата ротители.
Некои од најважните фактори што треба да се имаат предвид кога се развива родителски план е најдобриот интерес на детето, што го вклучува следното:

 Возраста, полот и фазата на развој на детето
 Емоционалните, социјалните и образовните потреби на детето
 Здравјето, добросостојбата и безбедноста на детето
 Родителските способности и психолошката усогласеност на секој од родителите
 Квалитетот на врската родител-дете

Тука се и дефинициите за правно и физичко заедничко родителство:

Еден родителски план ги специфицира двете – Правното Родителство и Физичкото Родителство, кои што се опишани подолу.

Опции на Правно Родителство (Закон за Семејство, член 76):

Кај Заедничко Правно Родителство двата родители ги споделуваат правото и обврската да носат одлуки поврзани со здравјето, образованието, воспитанието и добросостојбата на детето.
Кај Самостојно Правно Родителство само еден од родителите има право и обврска да носи самостојни одлуки поврзани со здравјето, образованието, воспитанието и добросостојбата на детето

Опции на Физичко Родителство (Закон за Семејство, член 76)
Кај Заедничко Физичко родителство детето со секој од родителите ќе поминува најмалку 120 до 180 дена во годината, при што судот со одлука ќе одлучи за живеалиштето на детето на една од адресите на неговите родители.
Кај Самостојно Физичко Родителство детето во поголемиот дел од годината ќе престојува кај еден од родителите и ќе биде под негов надзор а другиот родител ќе има право на контакти согласно Родителскиот план.

Заедничкото родителство се определува како Заедничко Правно и Заедничко Физичко родителство и се применува секогаш, освен со исклучок на ситуации предвидени во член 78 од Законот за Семејство“.

Ова е само дел од она што го опфаќаат предлог измените на законот за семејство за кои ќе се дискутира на денешната јавна расправа во собраниската комисија за труд и социјална политика.

Фото: Pixabey

 

loading...