Заради короната не можам да дојдам во Македонија и да го запознаам син ми со моите

Токму ова најтешко ѝ паѓа на нашата соговорничка и сограѓанка Маја Ѓорѓевиќ Илиев која последниве четири години од животот со сопругот Александар и нивниот сега веќе едногодишен син Амадео, живее во Мелбурн, Австралија. Вели дека поради пандемијата, плановите за доаѓање во Скопје кадешто нејзините родители со душа чекаат да го запознаат внукот, пропаднале, а и во Австралија ситуацијата со корона вирусот постојано се влошува

0
2217

Маја и Александар се врсници (27 години), заедно се од средношколските денови во средното уметничко училиште во Скопје, па до ден денес, во далечната Австралија. Двајцата се талентирани уметници кои и во Мелбурн се дел од уметничкиот свет. Имено, и обајцата работат во Изложбениот саем на Мелбурн. Александар како помошник менаџер и организатор, а Маја како дел од екипата за подготвување и поставување на изложбите. Неодамна отвориле и сопствен бизнис за внатрешно уредување и декорирање на ѕидни површини.

Од пред една година го имаат и своето синче Амадео со кое летово Маја требаше да дојде во Македонија и да го запознае со своите родители. За жал, пандемијата на корона вирусот им ги расипа сите планови.

Маја со задоволство ни ја раскажа нивната приказна и го сподели со нас своето искуство од бременоста и породувањето, ситуацијата со корона вирусот во Австралија и воопшто, за нивниот живот во Мелбурн.

„Со Александар сме заедно од 2011. година, од средношколските години.  Учевме во средното уметничко училиште кадешто и се запознавме, но одевме во различни класови и смерови. Јас на графика, тој на сликарство. Заедно продолживме на Ликовната академија за уметност во Скопје, Јас дипломирав, а Александар замина за Мелбурн после втората завршена година на факултет. Замина со план да го запознае животот таму, да стекне искуство и да се врати пак во Скопје. Нашата врска не ја прекинавме и успеавме да ја одржиме на далечина во период од 1 година. По овој период се врати во Скопје и кратко по неговото враќање сфативме дека не можеме еден без друг, дека сакаме животот да го поминеме заедно и да градиме заедничка иднина, следејќи се меѓусебно каде било на светов и нашата љубов ја крунисавме со брак. Планот беше да заминеме за Австралија и да започнеме таму нов живот и иднина. Аплициравме за виза, ми ја одобрија, но повторно бевме оделени бидејќи тој мораше да се врати во Австралија на работното место. Како и да е, краток период од одобрувањето на визата заминав за Австралија. Целиот мој дотогашен живот го сместив во куфер од 32 кила и заминав за Австралија кадешто ме очекуваше нов почеток.

На почетокот живеевме заедно со родителите на Александар. По краток период тој успеа да ме вработи во компанијата во која работеше и самиот.

После една година дојдовме на еден месец на одмор во Македонија за да ги видам мојата фамилија и пријателите. Пред да се вратиме назад сите не испратија со коментари во стилот: „Следен пат со повеќе члена да не посетите“, кои тогаш не ги сфаќав сериозно, но стана реалност и по еден месец од нашето враќање дознав дека сум бремена.

Мојата бременост беше идеална без никакви проблеми или компликации. Редовно одев на докторски прегледи еднаш до два пати месечно, како и почесто при крајот на бременоста, а можам да кажам дека државното здравство тука е на врвно и професионално ниво. За граѓаните од Австралија и за постојаните граѓани со виза тоа е бесплатно, со некои исклучоци. Сите мои прегледи и тестови беа бесплатни.

И породувањето беше во државна болница, со царски рез. Докторите даваа сѐ од себе за да биде породувањето на природен начин, и чекаа сѐ до последен момент. Породувањето траеше точно 24 часа. Беше мојот најтежок ден, телото ми беше целосно исцрпено, немав сила, но најголема поддршка имав од Александар кој цело време беше до мене. Секоја промена, секоја болка, секое вдишување и издишување го правевме заедно сѐ до крајот. По 24 часа се роди нашето најголемо богатство, нашето синче Амадео.

Условите во болницата беа одлични. Ни дадоа соба во која можеше и Александар да спие со нас. Услугата и грижата од страна на медицинските сестри беа исто така беспрекорни. Се грижеа за нас, не посетуваа на секој час, ни покажуваа како да го повиткаме бебето, како да го бањаме и сѐ што требаше да знаеме како нови родители.

Самата држава по породувањето организира и закажува прегледи кај педијатри и овластени медицински лица за грижа на деца, кои водат евиденција за детето во текот на развојот и растот до неговата 4. година. Тие не советуваат како да се грижиме за детето, како да го учиме, како јас како нова мајка да се соочам со мајчинството.

Од работа ми дадоа една година трудничко отсуство, но само 5 месеци беа платени од компанијата, а останатите месеци ги покрива државата.

Што се однесува до Александар, тој имаше право само на две недели платено отсуство од работа. Сѐ уште сум во истата компанија, но поради целата ситуација со корона вирусот , моментално компанијата е затворена, но добиваме поддршка од нејзина страна. Сега засега Амадео си го чуваме сами јас и Александар. Но во иднина, кога ќе се вратиме на работа, планираме да го пратиме во градинка. Не можам да кажам дека се евтини, напротив, доста се скапи, затоа најчесто мајките тука си ги чуваат децата сѐ додека не тргнат на училиште. Но не знаеме како ќе биде. Можеби и ќе продолжиме да го чуваме самите, преземајќи спротивни смени на работа со Александар.

Амадео го дојам од самиот почеток без престан, но тој сега има веќе една година, па конзумираме и цврста храна. Амадео обожува да јаде лубеница и јагоди, но и секогаш сака да провери што јадеме ние. Секогаш е љубопитен да проба нешто ново.

Прооде на 12 месеци, а јас бидејќи си ги следам нашите обичаи, правиме сѐ според нив, за прво запче – сутлијаш, за први чекорчиња – блага погача или колачиња. Тука немаат такви обичаи, освен да прослават пред породувањето собирајќи ги најблиските пријатели и фамилијата (BABY SHOWER).

Но нашето семејство нема само четири члена, имаме и домашно милениче – МАЧКА. Иако многу луѓе ме опоменуваа во текот на бременоста, мачката не ми претставуваше проблем и пречка во текот на бременоста. Уште од самото раѓањето на Амадео почнав да ги зближувам и тој едноставно ја обожува и ѝ се радува.

Да се има дете е најголема радост, среќа и промена во животот и бракот. И кога велам дека е најголема радост не мислам само за мене и Александар, туку за целата фамилија. Најмногу ми е криво што поради целава ситуација со корона вирусов не можам да го донесам Амадео во Македонија кај баба и дедо. Целиот план се промени, картите веќе беа купени одамна, но откажани во последен момент. Се надевам дека до крајов на годинава ќе можеме да дојдеме, иако не сум убедена во тоа со оглед на тоа што целата ситуација се влошува. Законите се заоструваат, маските се задолжителни. За да излезеш од дома мора да имаш некоја од следниве причини: одење на работа, школо, доколку не може тоа да се одржи онлајн, одење до маркет, болница и заради спортски активности. Па така ние периодов го поминуваме во домашна атмосфера играјќи си со Амадео, учиме нови нешта и се радуваме на секој негов нов чекор со кој го осознава животот и работите околу него, и секојдневно пешачиме.

Што се однесува до Македонија, најмногу од сѐ ми недостасува мојата фамилија, како и некоја седенка во скопските кафулиња и кафеани со моите пријатели“, ја завршува својата приказна оваа млада мајка.

 

loading...