За љубовната приказна што почна во Стокомак, дрвените изработки на Марјан и прекрасните јадења на Ивана

Колку интересни приказни меѓу обичните луѓе. Тој учел за готвач, станал столар, а во меѓувреме работел како продавач. Така ја запознал и својата сопруга која ја запросил пред фрижидерот за сувомеснати производи во маркетот во кој тогаш работеле и двајцата. После 5 години таа е на друго работно место, одлично готви, а двајцата уживаат во нејзините специјалитети и неговите изработки од дрво, оние со употребна вредност, но и оние другите - дрвени вратоврски за него, дрвена чанта и дрвен прстен за неа.

0
6364

Повод за нашиот разговор со Марјан Сапунџиев беа едни обични, додуша убави и функционални, но сепак, обични дрвени кутии, во кои нашите пријатели, семејството Неделковски од фармата Кози, млеко, планина, кои пред 8-9 години, од Скопје, се преселија во село Раштак, го зреат (сушат) своето традиционално произведено козјо сирење.

Идејата за овие кутии младиот Давид Неделковски кој со своите родители се занимава со чување кози и со производство на млеко, млечни производи и јарешко месо, ја добил при посетата на фестивалот на сирење во Бра, Италија минатата година. За реализацијата пак на оваа кутија е заслужен токму нашиот соговорник Марјан.

Станува збор за млад човек кој се занимава со столарија, а на неговата страница на Фејсбук (Дрвени Додатоци-Wooden Accessories) можат да се видат навистина прекрасни, интересни, креативни и пред сѐ, функционални предмети од дрво.

Меѓу нив и тие фамозни дрвени кутии за сушење сирење од почетокот на текстов, но и многу интересни даски за сервирање, држачи за вино и за чаши за вино, организер за зеленчук и овошје, па дури и масивни трпезариски маси, интересни дрвени огради, но и некои уникатни предмети кои не спаѓаат во овие домаќинскиве, туку се од сосема друг карактер.

На пример, верувале или не, марјан изработува и дрвени вратоврски кои и самиот со задоволство ги носи (погледнете ја насловната фотографија), дрвени прстени, па дури и дрвена чанта за својата сакана сопруга Ивана.

 

 

Да, сите овие изработки на Марјан беа почетна тема за нашиот разговор, но откако сосема случајно дознавме дека Марјан е она исто момче кое пред пет години на оригинален начин, среде маркетот Стокомак, трговскиот синџир во кој во тоа време работеле тој и неговата девојка, а сега сопруга, Ивана, клекна и ја побара за жена пред фрижидерот за сувомеснати производи, решивме малку да го прошириме муабетот.

Така, Марјан се потсети на овој убав момент и ни раскажа за нивната љубов на прв поглед.

„Иако не работевме во исти маркети, како колеги во „Стокомак“ се запознавме и се гледавме на дружбите со колегите и слободно можам да кажам дека тоа беше љубов на прв поглед. Некаде во тој период почина и татко ми, па Ивана многу ми помогна во овој за мене болен период и иако веќе зборувавме и планиравме да одам кај нејзините родители и да ја запросам, јас решив да ја изненадам. И ја изненадив. Секако, во организацијата ми помогнаа колегите и беше навистина интересно. Потоа следуваше нашата свадба и еве не, пет години подоцна, сѐ уште сме вљубени како првиот ден, но малку подебелки од тогаш“, се смее Марјан.

Тој ни објасни дека иако завршил средно угостителско училиште, на отсекот за готвачи, и патем, бил одличен во ова толку што кога бил на пракса во мензата на УСЈЕ, не сакале да му ги дадат документите само за да го задржат таму како готвач, по свадбата, кутлачата и сукалото ѝ ги препуштил на својата сопруга Ивана. Таа пак, толку сериозно си ја сфатила работата што успеала да го здебели својот сакан сопруг цели 20 килограми, а и самата качила не до толку многу, но некои 5-6 килограми плус.

Марјан пак се нашол себеси во семејниот занает и сега се занимава со столарија.

„Моето семејство потекнува од струмичкото село Вељуса, кадешто сме познати како занаетчиска фамилија. Дедо ми Благој, кого немав можност да го запознаам затоа што почина кога имав 4 години, но сум слушал доста за него, бил многу добар мајстор и работел многу занаети, но специјалност му биле сточарството и кацарството (производство на дрвени буриња за вино и ракија).

Јас пак, сѐ што знам научив од татко ми Ванчо со кој работевме заедно цели 15 години. Иако се запишав во средното угостителско и го завршив со голема љубов и мерак затоа што уживав и навистина го сакав готвењето, некако од секогаш знаев дека ќе работам нешто друго. Дрвото како материјал ме влече одамна, но последните 3-4 години интензивно работам со него. Од татко ми научив многу занаети, ама некако дрвото и столаријата ми останаа при срце. Сега не можам да се сетам што беше првиот предмет што го направив, веројатно било некое столче, но досега имам направено еден куп работи за дома, но и некои понеобични предмети, како што се дрвените вратоврски, дрвените прстени, дрвена чанта.

Добро е тоа што имам многу алати и машини, ама сепак мислам дека татко ми е најзаслужен за ова што го работам, затоа што машини и алати се купуваат, ама занает… тешко“, признава Марјан кој чува како спомен и многу стари алати кои му припаѓале на дедо му.

 

Иако сѐ уште немаат деца, вели дека кога ќе имаат и тој ќе ги научи сѐшто знае за занаетот, како што него го научил неговиот татко.

„Сто проценти сум сигурен дека ова што го работам сега ќе го работам до крајот на животот, бидејќи ме исполнува и ми ги полни батериите. А кујната ѝ ја препуштам на жена ми“, вели Марјан и ни ветува некој интересен рецепт од Ивана.

loading...