Зошто децата повеќе сакаат раздвоени намирници?

Повеќе намирници измешани во едно јадење го збунуваат детето и му оневозможуваат да ги препознае и запознае одделните состојки.

0
167

Повторно сте на работ на нервите, по уште едно одбивање на оброкот од вашето дете. Апсолутно сте сигурни дека на вашето дете му се допаѓа секоја состојка во оброкот, затоа едноставно не ви е јасно зошто одбива сложено јадење. Изгледа имате само две опции, некако да го убедите / присилите да го изеде оброкот, или да се предадете и да направите друг оброк. Принудата може да создаде траен отпор и да доведе до постојана борба за време на оброците, додека другата опција создава нереални очекувања и ја поттикнува разгаленоста кај детето. Не обвинувајте се себеси во очај. Дефинитивно сте одличен родител, а ние ќе ви понудиме објаснување за проблемот и решение во следните редови.

Комбинираните/комплексни јадења за мало дете може да изгледаат застрашувачки и несовладливи, бидејќи тие штотуку почнуваат да наидуваат на различни мириси, текстури и вкусови. Повеќе намирници измешани во едно јадење го збунуваат детето и му оневозможуваат да ги препознае и запознае одделните состојки. Вашата цел е да го научите вашето дете да го јаде секое јадење што ќе го послужите без негодување и фрустрации. За да ја постигнете оваа цел, треба да бидете упорни, снаодливи и пред сè трпеливи. Поедноставете ги работите и „раздвојте“ ги оброците на вашето дете!

Зошто и како да се „раздвои“ оброкот?

Сите деца на возраст од две до шест години поминуваат низ различни фази на прифаќање или одбивање храна. За да не го претворите овој период во „голгота“, одредете го времето за ручек за воведување на нови намирници и јадења, а вечерата за релаксација со веќе познати деликатеси, како подготовка за мирен сон.

Колку е поедноставно, толку подобро

Кога воведувате нова намирница или подготвувате ново јадење, имајте на ум дека децата претпочитаат да го прифаќаат она што го гледаат јасно. Не е потребно секогаш да се подготвуваат различни јадења, но промените треба да се воведат постепено, а истото јадење треба да се сервира повремено поинаку, поприфатливо и појасно за вашето дете.

Започнете со сортирање на различни намирници во чинијата на вашето дете. Поделете ја чинијата на онолку делови од колку што се состои оброкот, а потоа ставете во неа одделно: зеленчук, протеини, скробни јаглехидрати, прелив.

Како би изгледало тоа:

Тестенини со прелив – послужете ги одделно тестенините, преливот и малку зеленчук во истата чинија.

Салата – Вашето дете повеќе сака да јаде зеленчук на стапчиња отколку ситно сечкан и измешан со некои преливи. Кога подготвувате одредена салата за целото семејство, одделете неколку зеленчуци што влегуваат во неа, и исечете ги на стапчиња и ставете ги во чинијата на детето, а преливот истурете го покрај зеленчукот.

Сендвич – иако може да изгледа неверојатно дека детето не сака да јаде сендвич, и тоа понекогаш се случува. Одделете го лебот, намазот, зеленчукот, филетите, сирењето или јајцата на чинија, со што ќе му овозможите на детето да препознае што има во сендвичот. Тогаш веројатно само ќе го направи својот мистериозен редослед.

Плескавица или ќебапи во лепче – иако звучи примамливо, подобро е ова да се оддели во чинија на јасно видливо парче леб, плескавица (ќебапи) и зеленчук.

Ќофтиња во сос – обично ги послужуваме над пире од компири, а потоа ги сечкаме за детето и ги мешаме со пирето од компири. Иако има фантастичен вкус, ова јадење е многу непривлечно за детските очи. Одделете ги компирите, сосот и ќофтињата во чинија.

Иако мусака, рижото или турлитава не можат да се одделат во состојки, започнете да воведувате такви комплексни јадења само кога децата веќе добро ги прифатиле сите состојки.

Како да го надминеме раздвојувањето на намирниците во чинијата?

Поделбата на намирниците во чинијата е многу важен чекор во „фазата на селективност“. Целта е секако да го научите детето да го јаде секое повеќе или помалку сложено јадење. Кога децата ќе ја јадат целата раздвоена храна од нивната чинија без „страв“, тие со задоволство и љубопитно ќе ги истражуваат „сложените“ јадења од чинијата на нивните родители.

Првиот чекор е да им дозволите да пробаат нови „комплицирани“ јадења од вашата чинија, бидејќи изгледаат попривлечни во нечија чинија.

Вториот чекор е да започнете да мешате само две намирници, како што се ориз и зеленчук, или тестенини со прелив.

Конечно, започнете да служите помали делови од сложеното јадење, дозволувајќи им на децата сами да си стават од нив во чинијата.

Запомнете, вашиот пример и однесување за време на оброкот се клучни!

Фото: Unsplash

loading...