Зошто е добро да се има постара сестра?

Да се ​​биде помлада сестра има свои предности. Ако не сте една од нив, да ви разјасниме зошто е тоа така! Какво е вашето искуство?

0
188

Ако не сте од оние среќници кои растеле со постара сестра, тогаш можеби и не ви е јасно зошто е добро да се има постара сестра. Иако имам заборавено многу работи, никогаш нема да заборавам на сцената кога јас, болна од заушки лежам во кревет, а сестра ми, иако и самата може да се зарази, бестрашно влегува во собата и со часови седи до мојот кревет и ми чита.

Нема да спомнувам за сите оние концерти и журки на кои сум присуствувала токму благодарение на тоа што имам постара сестра. Иако, во еден период, кога таа беше веќе средношколка, а јас се уште детиште, правеше сѐ за да ми побегне. Многу ми е срам што бев лоша, па секогаш кога таа ќе добиеше нови фармерки  гледав да ѝ ги украдам па одев со нив да возам ролшуи и задолжително ѝ ги кинев на колениците уште пред да успее да им се израдува. На колку состаноци задоцнила борејќи се со мене на вратата за да си ги земе назад, ама јас секогаш излегував како победник бидејќи ја имав заштитата од баба ми. Кога потпораснав, секогаш се срамев од ова и до ден денеска, иако сме веќе возрасни женишта, жал ми е за сѐ што ѝ правев. Ама мојата постара сестра, сѐ ми простила.

Убаво беше и тоа што ги имав веќе раскажани сите лектири во основно, но и безброј совети за сѐ и сешто, во секое време.

Кога  станав средношколка, а потоа и студентка и дојде време за вечерно излегување, немав проблеми со сатницата, сестра ми ја имаше доведена до максимум, а ги знаев од неа и сите финти со кои можам да се спасам дури и ако сум заглавила на некоја журка до рано наутро. Знаете онаа, ќе купите само еден леб или литар млеко или јогурт и ќе си влезете дома со насмевка на лицето, а вашите ќе ве дочекаат изненадени, ама и ќе ве пофалат што сте станале рано за да донесете тазе леб и млеко.

Подолу прочитајте 10 работи кои одат во прилог на тезата дека е прекрасно да се има постара сестра.

1. Тaa е секогаш чекор напред. Таа ви го отвора патот, ги поминува сите стапици на растењето и односите со родителите пред вас. Знае што ги лути и што ги остава рамнодушни. Таа е вистински мајстор за извлекување од неволји.

2. Нејзиниот плакар е подобар од вашиот. Кога бевте мали, веројатно бевте лути што моравте постојано да ја носите старата облека на вашата сестра. Дури во  тинејџерските денови сфаќаме колку е всушност вреден нејзиниот плакар и дека во него се кријат парчиња облека што би сакале да ги носиме. Потребно е долго време да ја убедиме да ни ги позајми омилените маици или здолништа, но на крајот сепак се согласува на тоа бидејќи не може да одбие ниту едно од вашите барања.

3. Таа е искрена. Кога никој друг не сака да ви ја каже вистината, постарата сестра е секогаш таму за да ви каже сè искрено во лице затоа што таа едноставно не знае поинаку.

4. Можете да научите од нејзините грешки. Таа ги направила сите класични грешки што ги правиме растејќи пред вас, и сè што треба да направите е да научите од нејзините искуства.

5. Таа е вашиот билет за светот. Скептичните родители дозволуваат вечерни излегувања и одење на првите концерти само ако постарата сестра е со помладата.

6. Таа знае како да ве доведе во ред. Сите понекогаш драматизираме без причина. И додека нашите пријатели главно ќе ја трпат нашата жолта минута без приговор, постарата сестра нема. Таа ќе не доведе во ред со неколку едукативни реченици во сестрински стил.

7. Никогаш не осудува. Се разбира, таа не секогаш се согласува со вас, но го почитува вашиот избор и вашите одлуки, па затоа никогаш не ве осудува.

8. Таа е секогаш на ваша страна. Без оглед на сестринските препирки и кавги, во моментите кога ви треба нејзината поддршка, таа безрезервно стои покрај вас, како што знаат само сестрите.

9. Единствената што може да ве расположи во секунда. Таа е со вас уште од првиот ден, ве гледала како растете и добро знае што ве растажува, и што може веднаш да ви ја врати насмевката на лицето. Понекогаш се чини дека има телепатски способности, затоа што во вистински момент знае да ја каже вистинската работа и да ве расположи во секунда.

10. Без неа, не можете да ги поднесете семејните собири. Заедно се досадувате, се клоцате под масата кога некој член на семејството по стоти пат ќе ја каже истата (не) смешна анегдота, прискокнувате на помош кога треба да одговорите на класични семејни прашања.

Фото: Pixabay

loading...