Зошто моето дете расте побавно од другите деца?

Пореметувањата во растот кај детето е чест извор на стрес и грижа за родителите. Кои се причините за пореметување во растот кај децата, како се случуваат и како да се интервенира.

0
195

Во првата година од животот, детето ја зголемува телесната тежина за трипати повеќе од тежината која му е измерена непосредно по раѓањето, додека својата должина, во просек, ја зголемува за 25 до 30 сантиметри.

Ова најчесто зависи од неговите генетски карактеристики, но и од исхраната на детето. Но, постојат и некои причини кои го зголемуваат ризикот за одложување на растот кај детето во првите години од животот.

Тоа одложување на растот во раните години може да се појави кај предвремено родените деца, потоа, кај децата чии мајки имале тешка и комплицирана бременост, или пак, кај децата кои страдале од неисхранетост во интраутериниот живот.

Но, колку децата треба да пораснат од раѓањето, во првите години од животот, кои се параметрите што треба да се земат предвид, и кога родителот може да биде оправдано загрижен поради одложувањето на растот на неговото дете?

Колку растат децата по раѓањето

Тежината и висината на детето можат да дадат прилично прецизна слика за нормалноста на развојот. Сепак, децата на иста возраст, генерално имаат различна висина и тежина, затоа концептот на „нормален“ раст има прилично широки размери.

Пред раѓањето, за време на феталниот живот, растот зависи од генетските фактори, но и од степенот на оксигенација и исхрана на фетусот. По раѓањето, од првата недела до три месеци, новороденчињата треба да ја зголемат телесната тежина за околу 150 до 200 грама неделно. На петмесечна возраст, телесната тежина треба да биде двојно поголема од онаа по раѓањето. За една година, тежината на детето треба да биде три пати поголема од тежината по раѓањето.

Стапката на раст кај детето може да се подели во три периоди: раното детство се карактеризира со исклучително брз раст; вториот период, од втората до дванаесеттата година на детето, се карактеризира со константен раст; додека во пубертетот постои значително зголемување на стапката на раст. Затоа, важно е детето редовно да се мери, за да се препознаат евентуалните отстапувања од кривата на раст, следена до периодот на пубертетот и за време на пубертетот.

Бебињата кои раснеле премногу бавно во матката, обично по раѓањето растат пропорционално повеќе од другите бебиња, а потоа почнуваат да ја следат нормалната крива на раст. Од друга страна, децата кои имаат родители со низок раст, првата година растат на ист начин како и оние деца кои имаат високи родители, а потоа побавно ја следат кривата на раст.

Во првата година, новороденчињата треба да подлежат на редовни проверки на тежината и висината, на секои два –три месеци. Во втората година, проверките треба да се прават на секои шест месеци, а понатаму, еднаш во годината. Сепак, добро е да се напомене дека процесот на раст е исклучително личен и е под влијание на бројни фактори.

Причини за забавување на растот

Одреденото забавување на растот е многу честа појава во првите години на развојната возраст и тоа може да биде резултат поврзан со специфичното индивидуално генетстко наследство. Во тој случај, ова доцнење, се обновува подоцна, во пубертетската фаза. Недостатокот на хормонот тироксин пак, покрај одложување на растот, може да предизвика и појава на замор кај детето, запек и сува кожа.

Меѓу честите причини за нарушувања и одложувања во растот се вбројуваат амбиенталните причини, кои се поврзани со исхраната на детето, а меѓу патолошките причини најчести се: цилијачната болест – болест која влијае на слузницата на цревата, која ја спречува спречува апсорпцијата на хранливи материи присутни во храната, потоа, алергиските заболувања, хроничните инфламаторни заболувања, заболувањата на тироидната жлезда, заболувањата на бубрезите, како и хормоналните пореметувања предизвикани од недостаток на GH хормонот.

Ако детето годишно расте помалку од пет сантиметри, потребно е советување со лекар. Особено треба да се внимава на децата кои нормално растеле и се развивале, а потоа се случила стагнација и заостанување..

По третирање на болеста, нормално е децата брзо да ја вратат изгубената тежина и да се вратат во следењето на нормалната стапка на раст. Секој терапевтски третман и неговиот исход зависи од причината што предизвикала растројство на растот.

Хормон на растот

Хормонот на растот е еден од најчестите фактори кои влијаат на растот во детството и пубертетот. Меѓутоа, кое дете колку ќе порасне, зависи и од хормонот на штитната жлезда, како и од половите хормони. Важно е родителот на време да посвети внимание дали неговото дете расте побавно или побрзо. Ова особено е важно за девојчињата, за на време, евентуално, да се почне со соодветна терапија. Задолжително треба да се внимава на првите пубертетски знаци. Кај девојчињата, битен е моментот кога ќе почнат да растат градите и влакненцата, а кај момчињата – растот на половиот орган. Дури 80 отсто од висината се достигнува за време на пубертетот, а преостанатите 20 отсто, по него. Девојчињата растат побрзо во првата половина на пубертетот, кога почнуваат да им растат градите, па сѐ до првата менструација. Момчињата пак, интензивно растат во втората половина на пубертетот, кога се појавува влакнетост и промена на бојата на гласот. Потоа, растот се забавува, и децата може да пораснат само уште неколку сантиметри. Меѓутоа, ако родителите се сомневаат во растот на нивното дете, треба да се обратат на лекар уште пред пубертетот, за благовремено да се открие проблемот.

Како да го мерите вашето дете?

До крајот на втората година, детето се мери во лежечка положба, а подоцна во стоечка положба. Најдобро е мерењето да биде наутро. Прaвилното мерење подразбира детето да стои исправено, стапалата да се допираат под агол од 45 степени, додека со телото да се допира стадиометарот во три точки – средниот дел од главата, рамениците и задникот. Детето треба да се измери трипати, а реалната телесна висина е средната вредност од трите мерења. Ваквото прецизно мерење е битно за правилно следење на растот, а неопходно е кај децaта кај кои постои сомневање за забавен раст.

loading...