Зошто треба да размислите за употреба на памучни пелени

Уште откако пелените за еднократна употреба им станаа достапни апсолутно на сите, малку се оние мајки кои сè уште не се откажуваат од старите добри памучни пелени. Еве неколку добри причини зошто треба да размислите за нивната употреба.

0
224

Од денешна перспектива, можеби ви изгледа незамисливо да ги перете, варите и пеглате памучните пелени кога и онака имате малку слободно време од работа и други обврски, но сепак треба да размислите и да не ја отфрлате уште од старт употребата на памучни пелени. Еве зошто.

Првата и најважна причина е, секако, здравјето на бебето, а памучните пелени се несомнено поздрава опција, бидејќи тие не содржат никакви штетни состојки, мора да го преслекувате бебето веднаш штом ќе се измочка и искака, такашто можноста за осип е многу помала и, на самиот крај, кожата на бебето дише затоа што се направени од природни материјали. Сигурно сте слушнале дека има бебиња кои се алергични на пелени за еднократна употреба, што не е случај со памучните пелени.

Друга причина е што многу мајки потврдиле дека перењето, пеглањето и диплењето на пелените може да биде многу релаксирачко, време кога ќе ги ставите слушалките на ушите без да размислувате за ништо друго, и лесно се пеглаат, далеку полесно од машките кошули и бебешките бенкици. Исто така, ќе имате подобар увид во изметот на вашето бебе затоа што ќе мора да го испирате, што е многу важно за првите неколку месеци од животот на вашето бебе, затоа што преку него се гледаат сите промени во здравјето на вашето бебе.

И на самиот крај, тука е економскиот аспект, а памучните пелени ќе ви заштедат навистина големи суми пари. Покрај заштеда, ќе правите и помалку ѓубре, што значи дека на некој начин ќе ја заштитите и животната средина, бидејќи е познато дека пелените за еднократна употреба многу тешко се разградуваат.

Што мислите, дали сте расположени за ваква промена?

Фото: Pixabey

loading...