Илир Адеми, професор по клавир, музикотерапевт и татко на дете со Даунов синдром

Вниманието на овие деца е уште поголемо за разлика од она кај другите деца. Тие сакаат да слушаат, да пеат и да свират на инструменти, па кога ги гледаш си мислиш дека се некој прекрасен оркестар со разиграни и со напамет отсвирени ноти, како што си милуваат тие. Но важно е дека се активни, објаснува овој супер татко и музикотерапевт. 

0
525

Од октомври 2017.до мај оваа година, во рамките на Едукативно-консултативниот центар на здружението „Хандимак“ од Тетово функционираше музичка работилница за деца со посебни потреби. Оваа работилница ја посетувале дваесетина деца со посебни потреби, меѓу кои деца со аутизам, Даунов синдром, церебрална парализа и други видови попреченост. Децата се од предучилишна и од училишна возраст, а задолжен за музикотерапијата со нив беше господин Илир Адеми, професор по клавир во основното музичко училиште „Енвер Стафаи“ во Гостивар.

Токму негова е и идејата за оваа работилница по музикотерапија која ја спровел во соработка со претседателот на здружението „Хандимак“, Адем Идризи, кој ја прифатил неговата иницијатива.

„Јас имам две ќерки, поголемата е Ендра Адеми која е втора година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсек  пијано, а помалата ќерка е Ембла, која има 8 години и е со Даунов синдром.

Бидејќи ќерка ми Ембла ја носев на дефектолошки и логопедски сеанси во ова здружение, предложив покрај овие сеанси да се примени и музикотерапија за децата кои ги посетуваат истите сеанси. Ова беше прифатено од страна на г.Адем и така, во склоп на работата на здружението, почнавме и со музикотерапевтски сеанси“, објаснува професорот Адеми.

Тој завршил средно музичко училиште и факултет за музичка уметност, теоретски смер, во Приштина.

„Мотивот за музикотерапијата е исклучително од професионален карактер, бидејќи најпрво го имам применето кај мојата помала ќерка Ембла која е со Даунов Синдром и има  оштетен слух над  80 проценти. Јас некогаш со сопругата Арифе се шегувам и ѝ велам дека е таа како Бетовен кој не слушал, а има компонирано грандиозни дела.

Ембла уште од тригодишна возраст седнува пред клавирот, игра со типките и ја доживува секоја нота која ќе ја отсвири. Така и јас поради неа почнав да читам и да се интересирам за музикотерапијата и за нејзината примена кај оваа категорија на деца, затоа што и тие имаат можност да ја чувствуваат музиката како и другите деца. Музикотерапијата може да се примени врз сите категории на деца со посебни потреби, почнувајќи од  церебрална парализа, аутизам, оштетен слух, вид, ментална ретардација, итн.

На прв поглед ова може да изгледа многу лесно, но сепак си има свои специфики кои терапевтот мора да ги знае за да може да работи со оваа категорија на деца. Музикотерапијата може да се примени и групно и индивидуално, а тоа треба да го констатира музикотерапевтот при неговата работа.  Исто така, музикотерапијата може да се примени и врз родителите на децата со посебни потреби, за да ги опушти и да ги оддалечи од секојдневните грижи кои ги имаат со нивните деца.

Една таква работилница со родителите на децата со посебни потреби организиравме од 23. до 25. ноември оваа година во Струга. Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби организираше камп за децата и нивните родители ме поканија да одржам работилница и со нив. Таа беше одлично прифатена и сите беа многу задоволни од неколку игри кои им ги презентирав.

Инаку, музикотерапија може да се примени и врз деца кои имаат потешкотии во учењето и во градинките и во училиштата, но за жал, кај нас сѐ уште немаме доволно сознанија за примената на овој метод во образовниот процес.

Што се однесува до начинот на работа со децата, како што спомнав претходно, се работи и групно и индивидуално. Групната работа се применува кога сите деца сакаат да бидат еден со друг и да комуницираат такашто е полесно да се применат техники и игри кои се проследени како ритмички, така и мелодиски и во нив учествуваат сите деца кои се вклучени во терапевтската  сеанса. Но, има и случаи кои бараат да се користи индивидуална сеанса бидејќи имаме деца кои не сакаат групна активност и тоа јасно го одбиваат. Тоа мора да биде забележано од страна на музикотерапевтот. Талентот, како и кај секој човек, така и кај оваа категорија на деца, треба да постои, но и ако постои, не значи и не е целта тие да бидат врвни професионалци. Но има и такви примери во светот. Сепак, главната цел на музикотерапијата е да им ја ублажи нивната стега за која само тие и нивните родители знаат колку е голема“, вели Адеми.

За тоа колку е тешко или лесно да се работи со децата со посебни потреби, тој само вели дека секоја работа е тешка, но и дека кога се работи со љубов и се сака, никогаш ништо не е тешко.

А тој работи токму со таква голема љубов и посветеност.

„Нивното внимание е уште поголемо за разлика од она кај другите деца. Тие сакаат да слушаат, да пеат и да свират на инструменти, па кога ги гледаш си мислиш дека се некој прекрасен оркестар со разиграни и со напамет отсвирени ноти, како што си милуваат тие. Но важно е дека се активни. Инструментите кои се користат во музикотерапијата се таканаречениот Орфов инструментариум,  а тоа се ритмички, ударни инструменти, триангли, металофони, ксилофони, тарабуки, дајриња и тн“, објаснува тој.

И на прашањето дали овие работилници ги посетувале и деца од македонска националност, со право вели: „Националноста не претставува никаква пречка, бидејќи целта е забавата, а децата без оглед на националноста се воодушевуваат затоа што можат да ја почувствуваат музиката.

Комуникацијата со мене е преку музиката, инструментите, со ритмички игри и задоволството од работата со оваа категорија на деца кои ја искажуваат својата љубов на свој начин, е уште поголемо“, вели тој и додава дека напредокот кај децата со примена на музикотерапијата не може веднаш да се види.

„Во некои  студии со примена на музикотерапијата врз деца со пореметувања од аутистичен спектар, кои добивале еден час неделно, воочен е напредок после 10 месеци терапија. Треба да се знае дека музиката и мозокот добро функционираат заедно такашто во мозокот можеме да ги допреме тие центри за ритам и да се придвижат рефлексите и моторните вештини на лицата со посебни потреби.  Музикотерапијата може да помогне во комуникацијата, движењето, емотивниот развој, друштвениот развој, когнитивниот развој и така натаму.

Се радувам затоа што наскоро во Гостивар ќе почнеме да ја применуваме музикотерапијата во Здружението за лица со посебни потреби „Заедно можеме“, кое заедно со неговиот претседател Шпенди Салија е добитник на грант од Фондацијата отворено општество Македонија за музикотерапија и психолошка работилница. Од 17. овој месец ќе почнеме со работа и со работилници па ве покануваме да присуствувате на некоја од нив, а исто така можете да не следите и на фејсбук на мојот профил МУЗИКОТЕРАПИА“, завршува професорот Илир Адеми.

loading...