Исповед на еден татко: 8 месеци одев да го видам син ми, а мајка му ги избегна сите средби

Откако мајката осум месеци ги ескивира средбите на двеиполгодишното дете со татко му, тој е казнет со ново решение за видување од само 40 минути, под надзор - во просториите на Центарот за социјални работи. Во меѓувреме, мајката заедно со детето се преселила во Гевгелија.

0
3296

Виктор Атанасовски, ни крив ни должен, своето тригодишно дете смее да го гледа само под надзор, во просториите на Центарот за социјална работа во Скопје, а сега, откако мајката без да го информира се преселила во Гевгелија, за да го види мора да патува во Гевгелија и да го гледа само во просториите на гевгелискиот центар за социјална работа.

Виктор го запознавме на тркалезната маса натема: „Потребата за воведување на заедничко родителство по развод“, на 26 април 2018. година во Младинскиот културен центар во Скопје, организација на Граѓанската иницијатива за воведување заедничко и одговорно родителство по развод и Првата детска амбасада Меѓаши, а во рамкитенапроектот „Медиа платформа за застапување“ финансиран од Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.

Го замоливме да ни ја раскаже својата лична приказна.

Бев пресреќен кога син ми првпат остана да спие кај мене

„Се земавме во 2014 година, се знаевме само месец и половина, ама имаше многу чувства и многу љубов. Можеби и беше кратко времето, но кога човек сака, го чувствува тоа. Остана бремена и се зедовме, а после 8-9 месеци се роди нашето синче. Сопругата сакаше да одиме да живееме под кирија, па отидовме уште додека беше бремена. Нејзиниот револт кон мене и кон моето семејство почна уште за време на бременоста.

Во 2015.година се породи со царски рез и за да не се напрега, јас ја презедов грижата за бебето и правев буквално сѐ, го преповиткував и, бидејќи мајката не го доеше, го хранев со вештачко млеко од шише.

Инаку, сопругата тогаш имаше фризерски салон, па недолго по раѓањето на детето, откако се опорави од царскиот рез почна да оди и по неколку часа на работа. И така еден ден, додека таа беше на работа, јас со бебето бев кај моите. Кога се вративме ме праша каде сме биле, ѝ кажав, и потоа, откако ручавме, јас заминав на работа. После 1 час дојде кај мене на работа мајка ѝ да ги земе клучевите од автомобилот, а таа ми се јави и ми кажа дека ќе си оди заедно со нашето синче. Тоа имаше само пет месеци.

Во Центарот за социјални работи се обидоа да не смират, но немаше шанси. Таа ме обвинуваше дека сум бил негрижлив и несовесен родител, дека сум бил алкохоличар и слични обвинувања без никаква основа. Бидејќи таа немаше никаков интерес за соработка, не можевме да се договориме околу ништо па Центарот донесе решение да го гледам детето но само во присуство на мајката зашто беше сѐ уште многу мало, иако и за тоа немаше основа со оглед на тоа што таа не го доеше па сѐ можев да правам и јас како што впрочем и правев првите пет месеци од неговиот живот. Но така одлучија и јас немав друг избор освен да го гледам еднаш неделно по неколку часа, а потоа, по неколку месеци ни ги зголемија видувањата на 6 пати месечно, исто така по неколку часа.

Почнав да го земам секоја среда со мене дома (го земав во 16 часот, а го враќав во 19 и 30), а две саботи месечно го земав во 11, а го враќав во 18 часот.

Тоа се вкупно 30 часа месечно, и навистина нема доволно време за ништо. Помина повеќе од година дена, а времето што имав право да го минувам со синчето беше многу малку, а да не зборувам за тоа дека освен што јас немав доволно време за да бидам со детето, тоа не можеше да има нормална комуникација ниту со другите мои роднини, со баба му и со дедо му.

Но мајка му не сакаше да прифати никаков компромис, постојано ме обвинуваше и две години одеше по институциите со истите навреди и клевети. Во мај 2017.година побарав зголемување на видувањата. Побарав од Центарот да добијам и викенди, да добијам преспивање за детето кај мене, да добијам одмор со него. Па и јас сум родител, и јас сакам да го легнувам на спиење и да се будам со него наутро.

Имаше веќе две ипол години па возраста повеќе не беше изговор за да не ми го дадат.

„Цела ноќ не мрднав од страв да не го разбудам“

Од Центарот за социјални работи Скопје добив решение секој втор викенд да го земам синчето во петок и да го враќам кај мајка му во недела.

Решението со кое Виктор доби право да го гледа своето синче како спие и како се буди

Бев пресреќен, првпат можев да бидам со детето цел викенд. И добивме можност конечно да бидеме татко и син. Кога немаше викенд го гледав 1 ден во неделата по неколку часа. Мајката поднесе жалба но ѝ ја одбија па решението почна да се спроведува во текот на месец и половина. Беше три викенди со преспивање кај мене, а првата ноќ кога остана да спие, сите бевме возбудени, и јас, и моите родители. Беше лето, си игравме во двор цело време, а имам во дворот и базен па супер се забавувавме, и кога си легнавме, беше тоа навистина прекрасно чувство. Цела ноќ го гледав како спие и не ми се веруваше дека е до мене. Иако има свое креветче некако ми беше страв да го оставам таму затоа што не знаев како ќе реагира ако се разбуди, па го земав кај мене на спалната и како што легнав, не мрднав цела вечер од страв да не го разбудам. Се разбудив сиот вкочанет ама бев пресреќен. Првпат имав можност да појадувам со моето синче и да го планирам денот. После појадокот, отидовме на шетање, го носев на игралиште, се радуваше, му беше убаво со мене и не ја бараше мајка му. Така поминавме три викенди со преспивање и дојде периодот за летен одмор. Бидејќи едвај чекав да бидам со него цели 10 дена, се договоривме да го земам на одмор што поскоро, од 20 до 30 јули.

Првпат бевме заедно 10 дена во континуитет. Одлучив да не одиме никаде затоа што сепак не сакав да ризикувам и сакав да видам како ќе реагира. Останавме во Скопје, но сепак супер се забавувавме. Секој ден се капеше во базенот, си игравме, се шетавме и така цели 10 дена. Секоја вечер на мајка му самоиницијативно ѝ пишував по една порака и ја известував дека е сѐ во ред, иако нашите односи без целосно нарушени.

Но поминаа и тие десет дена и кога требаше да ѝ го вратам детето, срцето ми се кинеше. На примопредавањето, јас бев клекнат и му објаснував дека треба да се поздравиме па му реков: „ајде да се гушнеме со тато, па да си одиш со мама“, но детето наместо да потрча накај неа, се врати со трчање кај мене. Веројатно доизнервирана од ова, мајка му  го грабна, влезе со него во автомобилот и наместо во седиште, го стави во скут кај неа и со целосна брзина си замина. Не почека да ѝ раскажам како сме поминале со детето иако јас сакав да го направам тоа, како што би сакал да слушнам и од неа како е моето дете и што прави кога не е со мене. Не знаев дека следните 8 месеци нема да го видам.

А се случи токму тоа!

Агонија од 8 месеци

Првата недела по одморот што го помина со мене, кога дојде време да го земам син ми за викенд кај мене, мајка му ми рече дека не ми следува да го видам.

Никаде не пишува дека после одмор немам право на викенд-видување, но не направив проблем. Се стрпив до следната недела и ѝ пратив порака за да прашам кога да го земам детето, а таа ми одговори дури после два дена и ме извести дека одат на одмор. Значи, две недели не сум го видел, па тие одат две недели на одмор, и тоа е веќе цел месец. Но немав што да правам. Си реков, ајде, нека биде така. Дојде и 25 август и ѝ пратив порака да ја прашам дали се вратени. Не ми одговори.

Дојде септември, пак ја побарав. Се обратив и во Центарот и таму ми рекоа да пријавам во полиција. Во полиција пак ми викаа ќе си чекаш за детето секогаш кога ти е терминот да го гледаш. Следниот пат ми кажа дека било болно и дека ќе го видам следната недела, а следната недела ми кажа дека се во странство.

И од Центарот упорно ми викаа да одам на секој термин и да чекам пред куќата и јас го правев тоа секоја недела според терминот, пет месеци по ред. Одев пред куќата, чекав, тие не се појавуваа ниту пак таа ми одговараше на повиците и на пораките. После 8 месеци, ја повикаа од полиција да ми го дозволи видувањето со детето, но таа побара тоа да биде под надзор, затоа што, наводно, сум го земал и враќал во алкохолизирана состојба. Потоа почнав да земам со мене и сведоци секаде со мене. Еден полициски службеник ми сугерираше да одам кај него во канцеларија. Тој беше од одделот за малолетничка деликвенција и ме советуваше да не одам да го чекам детето, за да сум можел подоцна да поднесам кривична пријава, но откако му кажав дека веќе е поднесена кривична од полицијата, изгледа ѝ го кажал тоа, па таа сосема исчезна. Пет месеци одев, чекав и се враќав без дете. Бев и во градинка да прашам за детето, затоа што не знаев што се случува, и во градинка ми кажаа дека е добро, но не смеев да го видам. Оставив таму и мој број за секој случај. Истиот полициски службеник за кој се сомневам дека беше инструиран од неа, ми се јавуваше за да ме прекори зошто сум одел во градинка, наводно, не сум смеел, а после некое време дојде и во полициската станица за да ми направи алкотест и откако се покажа дека немам никаков алкохол во крвта, го снема. Го пријавив во внатрешна котрола и ми одговорија дека мојата претставка околу тој полициски службеник ќе биде проверена и дека тој ќе биде казнет. Јас го пријавив ова и кај Народниот правобранител и во Меѓаши, но дојде веќе и декември и почнав да губам надеж, се почувствував немоќен.

За мајката нема казна затоа што го оттуѓува детето

Бев во ќорсокак. Беше веќе бесмислено сето тоа чекање залудно пред врата за да го видам син ми и сето пријавување во Центарот и во полиција. Никој не преземаше ништо. Затоа отидов во Центарот и дадов изјава дека јас повеќе нема да одам и безнадежно да чекам и дека оставам на нив конечно да преземат сѐ што е во нивните ингеренции. После тоа испратија до мајката предупредување за одземање на детето, па во февруари таа конечно го донесе во Центарот за да се договориме како понатаму. Ова видување беше под надзор затоа што така инсистирала мајката, со оглед на тоа што детето ме немаше видено 8 месеци. Како да сум јас виновен за тоа! И така, наместо таа да биде казнета затоа што не ми го давала толку долго детето, бев казнет јас, со ново решение – да го гледам по 40 минути во просторијата во Центарот, и тоа под надзор, затоа што се изгубил контактот со детето. На следното гледање според новото решение, таа се обидуваше да влијае врз детето, му велеше: „кажи дека тато те тепал“, но вработените во Центарот ја предупредија да престане. Потоа дознав дека го носела детето и на психолог и давала исказ дека по враќање од кај мене детето било вознемирено и со трауми и со модрици. Замислете…Па мене да ми го врати некој детето со модрици јас веднаш би го однел во полиција, веднаш би реагирал. Како и да е, детето си играше со мене како и претходно, но тие 40 минути брзо поминуваа и мене и на синчето овие куси средби тешко ни паѓаа. Кога мајка му виде дека детето не сакаше да си оди со неа уште после нашето прво гледање под надзор, повторно престана да го носи на средбите во Центарот. Не го носеше три- четири недели, сѐ додека не го извести Центарот, преку имејл, дека се преселиле со детето во Гевгелија.

Решението со кое Виктор смее да го гледа својот син само 1 час во просториите на Центарот

Голготата продолжува – детето и мајката на непозната адреса во Гевгелија

Поднесов барање до Центарот во Гевгелија за да ми обезбедат видување. Ми закажаа да одам таму на разговор за ново решение, а побарав од Центарот и да ме информираат дали е на привремен престој во Гевгелија, каде живеат, кој ми го чува детето. Дознав потоа дека  работела во казино, а детето го чувала некоја жена. Беше испишано од градинката во Скопје. Отидов и во Гевгелија, и го видов во просториите на Центарот за социјални работи во Гевгелија, повторно под надзор. Сега чекам на решение од Центарот. Оттаму не прашаа дали сакаме да се договориме меѓусебе, но јас сакам сѐ да биде со решение затоа што знам дека ако таа не почитува ниту законски решенија, како тогаш ќе почитува наши интерни договори.

„Великодушно“ ми понуди да го гледам кога сакам, на 1 час и тоа во Гевгелија. Побарав од Центарот да го земам син ми два пати месечно во петок и да го враќам во недела. Сега останува да го чекаме решението на Центарот, но како што тргнало, не се надевам баш многу. Сета моја надеж сега е во Иницијативата за заедничко и одговорно родителство после развод на која неодамна ѝ се придружив“, ја завршува својата приказна Виктор.

Драгица Христова

„Изразените гледишта во никој случај не гирефлектираат гледиштата наЕвропската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.“

loading...