Исхрана на децата: Осум најчести грешки на родителите

Нутриционистот Тоби Амидор, експерт во ова поле има неколку добри совети за правилна исхрана на вашето дете.

0
314

Доколку е вашето дете пребирливо кога станува збор за храната или воопшто не сака да јаде, сигурно не ви е лесно. Досега веројатно сте прочитале цел тон текстови и книги на таа тема. Сте се советувале со други родители кои го имаат истиот проблем, но кога станува збор за вашето дете, тие совети едноставно не функционираат.

Нутриционистот Тоби Амидор, експерт во ова поле има неколку добри совети за правилна исхрана на вашето дете.

Грешка 1: Го терате детето да јаде

Ако го терате вашето дете да јаде нешто што не сака, размислете повторно за овој метод. Ваквиот метод на хранење може да ве измори и вас и вашето дете, а негативните последици се многубројни, затоа што тогаш ќе му ја згадите не само храната, туку и комплетниот ритуал и времето кога се јаде.

Наместо тоа, не обрнувајте внимание кога детето не сака нешто да јаде. Ако не кревате врева околу тоа, следниот пат кога детето ќе го јаде истото, нема толку да се буни, а со време и со вашиот позитивен став, ќе почне сосема нормално да ја јаде таа храна.

Грешка 2: Го готвите само она што го сака детето.

Многу родители ја подготвуваат само омилената храна на нивните деца, токму поради стравот дека во спротивно ќе останат гладни. Меѓутоа, тоа не е решение.

Наместо тоа, подгответе му на детето оброк кој ќе содржи барем една состојка која му е омилена. На пример, ако вашето дете сака да јаде само помфрит и месо, а не сака зеленчук, подгответе му оброк со една состојка која ја сака и со една која не ја сака. Ако е детето поголемо, вклучете го во приготвувањето на храната, бидејќи тоа ќе го мотивира да проба сѐ.

Грешка 3: Инсистирање да изеде сѐ од чинијата

Родителите главно претеруваат во дозирањето и во количината на порциите.

Ако не можете сами да ја одредите големината на порцијата побарајте стручен совет. Пракса е да се сервира по една супена лажица во согласност со возраста на детето за секоја намирница. На пример, на двегодишно дете ставете му по две лажици ориз, моркови и некое месо. Битно е детето да добило ужина час или два пред главниот оброк. Наместо да го терате да изеде сѐ од чинијата, погрижете се да е тоа сито и задоволно.

Грешка 4: Го игнорирате вкусот на детето.

Децата имаат многу поистенчена палета од возрасните (која со време се губи). Нешто што вам не ви е солено или доволно зачинето, на вашето дете му е премногу солено и јако. Потрудете се да готвите поблага храна за вашето дете и послушајте кога ќе ви каже дека е храната му е премногу зачинета.

Грешка 5: Прерано се откажувате

Не се предавајте лесно кога детето првпат ќе ја одбие храната. Според истражувањата, потребно е на детето околу 20 пати да му ја понудите истата храна, пред да ја прифати.

Наместо да се откажете од подготвување на одредено јадење, подгответе му ги токму тие намирници и дозволете му да си игра со нив. Ова подразбира да ги допира, да ги става во уста и потоа да ги исплука. Со време ќе прифати одредена намирница и нема да прави проблем.

Грешка 6: Грицки

Грицките не се добри ниту за возрасните, а камоли како ужина за вашите деца. Ваквата ужина е преполна со шеќери, вештачки бои и адитиви кои никако не се добри за здравјето.

Наместо грицки понудете му на вашето дете за ужина некое овошје или некоја друга здрава намирница.

Грешка 7: Храната како награда

Ако користите некои не баш здрави намирници како колачи или грицки како награда за изедениот ручек, грешите. Така најлесно ќе ги равзиете лошите навики во исхраната на вашето дете. Со давање на слатки за награда може да развие и зависност. Наместо со храна, наградете го вашето дете такашто ќе го однесете во парк или на некоја друга активност која ја сака.

Грешка 8: Внимателно со соковите

Препорака е детето да пие околу пола чаша природен сок на ден. Поголема количина од препорачаната само создава наслаги од шеќер, што влијае и на отсуството на апетит кај детето.

Заменете ги соковите со вода, а ако баш сака сок, тогаш разблажете му го со вода.

loading...