И тато е тука!!!

Мажите се занемарени како татковци во првите месеци од животот на детето. Верувам дека за тоа во добар дел сме заслужни и самите, барем за тој генерален став и слика за нас, затоа што, каков фраер си ако наместо на пиво со другарите во локалната кафеана, одбереш менување пелени и играње со детето...

0
89

Исповед на еден ТАТКО:

Маж. Оној кој скокал на бизони за да му обезбеди на семејството храна и облека. Оној кој со голи раце правел куќа во камен во која израснале генерации и генерации. Оној кој со своите волови и сао плугот орал за да го исхрани семејството. Маж…..

Еволуциски гледано, мажот со своите мускули градел, го хранел и облекувал семејството. Со илјадници години мажот бил ловец, но не бил татко. Бил татковска фигура. Денеска е сѐ поинаку.

Во текот на една посета на педијатар, докторката ни вели: „Секој ден ставајте му на детето облози од жалфија и ќе му помине. Би било добро да ги држите подолго, но мама нема да има толку време, па колку ќе успеете, толку“.

„АЛООООО!!!! Тука сууууууууууууммммммммм!“, со тажен поглед ја гледам докторката.
„Тука сум! И тато е тука. И јас можам/знам/сакам да ставам облози“, луто и разочарано си одам од ординацијата.

Но тоа не се случува еден единствен пат. На другата посета кај лекарката повторно идентично сценарио:

„Детето одлично напредува, сѐ е совршено“, вели докторката и додава: „Мама одлично го чисти мочкалото…“

Истиот поглед, истото чувство, сѐ исто. „И тато го чисти! И тато го прави тоа исто толку добро, уште и подобро бидејќи има искуство со своето“, веќе навистина лут си одам од ординацијата.

Мажите се занемарени како татковци во првите месеци од животот на детето. Верувам дека за тоа во добар дел сме заслужни и самите, барем за тој генерален став и слика за нас, затоа што, каков фраер си ако наместо на пиво со другарите во локалната кафеана, одбереш менување пелени и играње со детето…

Пребарувајќи стотици и стотици страници обидувајќи се да дознаам што повеќе за бременоста, за новороденчето, за сѐ што е поврзано со бебето, не најдов ниту еден текст за татковците.

Една од работите кои ми останаа во сеќавање е советот за мајките – замолете го својот партнер да ви помогне во домашните работи. Малку да помогне. На многу форуми и во многу коментари под бројни текстови многу често можев да прочитам како мајките се жалат дека мажите не им помагаат, дека не си играат си детето, дека се постојано надвор, дека не се татковци.

Но време е работите да се сменат. Повеќе не ловиме бизони и не ораме земја. Го оставаме плугот и земаме нови алати – кремичка, пелени, чорапчиња. Кен Скот, режисер на филмот „Delivery Man“ во една пригода рекол: „Овој филм не би можел да биде снимен пред 15-20 години. Денеска мажите сакаат да учествуваат во животот на своето семејство, на своите деца“.

Денеска мажите сакаат да бидат татковци. А тоа го потврдува и статистиката. Дури 90 отсто од татковците на деца помлади од пет години, ги бањале своите деца, им менувале пелени, ги облекувале, ги хранеле. Зарем има поголемо уживање од тоа да го избањаш своето дете, да го нахраниш, да го пресоблечеш. Нема поголема среќа од онаа да си играш со своето дете.

И затоа овие денешни мажи, станаа Татковци.

Татко е оној кој станува ноќе и ѝ го носи на жената нивното бебе за да го подои или самиот подготвува млеко во шише. Оној кој зема сунѓер и ги мие садовите, го средува купатилото. Оној кој му чита на своето дете пред спиење и со бакнеж му посакува добра ноќ. Оној кој прави ручек, оној кој се грижи за своето дете.

Фото: Pixabay

 

loading...